Што прави денеска: Александар Тодороски, пејач

Фото: Канал 77/ Приватна архива/ Мартин Кангалов

Победникот на 36-тото издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2021“, кој воедно и дебитираше на престижната манифестација, Александар Тодороски, со песната „Под исто небо“ ги освои и жирито и публиката.

Александар има музичко педигре – завршил основно и средно музичко училиште и дипломирал на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип – отсек класична гитара.

Во средно се закитил со две награди за класична гитара и солфеж, во 2015 година, а професионално со музика се занимава од 2014.

Фото: УГД ФМ

Александар ни долови како изгледа едно негово деноноќие.

„Додека го пишувам ова, го пијам првото ‘утринско’ кафе, а часот е 12:15 (хахаха). Знам, можеби звучи чудно, но така функционира еден човечки организам кој работи навечер, барем таков е случајот со мене.

Претходната вечер имав настап во друг град, така што имам потреба барем од 5-6 часа квалитетен сон бидејќи оваа вечер повторно ме чека истото. Што значи, кога немам утрински обврски, си дозволувам квалитетен сон, но бидејќи се занимавм и со друга професија преку неделата, некако сѐ почесто почнав да станувам рано за да можам да ги постигнам работните обврски.

Фото: Приватна архива

Инаку, јас сум голем љубител на кафето, па дневно уживам во 5-6 кафиња, а еспресо за мене е „закон“.
Во текот на неделата денот ми е исполнет со мојата друга професија, односно во мојата фирма која се занимава со средства за хигиена во хорека секторот.

Изминативе недели беше малку напорно бидејќи се спремавме со бендот, направивме неколку проби за периодот што следи со настапи, како што се вели, почна летната сезона, а и за разлика од претходните две години, оваа година ќе се работи, конечно.

Покрај работата, сакам да го уживам слободното време. Сакам да патувам. И покрај тоа што ретко имам слободни денови, знам да организирам кратка и ефективна прошетка и да ги наполнам батериите. Често сум излезен, во движење, во друштво, со другари, со пријатели, во кафеана, во бар, на прошетка… Не сум тип што седи многу дома и што сака да гледа серии.

Фото: Приватна архива

Откако се случи „Под исто небо“ и „Макфест“, сфатив колку е исполнувачко чувството кога на настап се пее своја песна и гледаш како публиката ја прифатила таа песна и ја пее заедно во ист глас. Мислам дека тоа е прекрасно чувство за секој артист. Така што, тоа ми даде уште поголема сила за нов материјал, па сега се подготвува нешто ново.“

Фото: Мартин Кангалов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот