Што понудија дел од кандидатите за градоначалници: Нови водоводни цевки, ревизии, соживот, еко автобуси…

Дел од кандидатите за градоначалници кои учестуваат во изборната трка/ Фото колаж/Слободен печат

Оптимизација на водоснабдителниот систем со што ќе овозможи заштеда на електрична енергија, вода, контрола на притисокот на мрежата што предизвикува чести дефекти и загуби на вода во системот, најави на денешната прес-конференција независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска.

– Стручен тим ќе изработи студија за утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој е поставен по „Партизанска” и другиот кој е поставен по булеварите „Словенечка” и „Босна и Херцеговина”. Овие главни цевководи се изградени уште во 1967 година со метални цевки и имаат ограничено време на трајност. Затоа ќе инвестираме во реконструкција и замена на дотрајаните и нефункционални водоводни цевки на територија на Град Скопје. Тоа ќе биде приоритет за мене, порача Арсовска со што вети, нема  ден да нема прекин на водата во делови од градот.

Нејзиниот противкандидат Арбен Бени Шаќири од коалицијата „Одлучно за промени“ синоќа на средба со граѓаните во Чаир вети дека ќе биде градоначалник на сите граѓани кој ќе ги решава проблемите.

– Лично ви ветувам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани на градот Скопје, без разлика на нивната етничка, верска и било која друга припадност, а особено партиска, затоа што мене партиските припадности најмалку ме интересираат. Дали ќе ми се обратат граѓани од ДУИ, од СДСМ, од ВМРО, а зошто да не и од ДОМ и од ЛДП, јас ќе бидам градоначалник кој што ќе ги прими, сослуша и максимално ќе се посвети на реализација и на решавање на проблемите на граѓаните, рече кандидатот за градоначалник, Арбен Бени Шаќири.

Наташа Котлар-Трајкова, кандидатка за градоначалник на општина Центар, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и здружената коалиција во општина Центар најави формирање Иновативен парк за млади.

– Ќе обезбедиме простор за ваков модерен концепт, прв во Република Македонија. Зградата ќе биде монтажна, со модуларна инфраструктура. Овозможуваме иновативни и старт-ап компании кои работат на апликативни решенија од сите области: технологии, дизајн, продукција, агро бизнис и сл. Во првите 3 години, компаниите ќе бидат ослободени од давачки. Целта е размена на креативни идеи, вмрежување, работа на заеднички проекти и привлекување на инвестиции. Паркот ќе се поврзе со факултетите и институтите, со цел спојување на науката и практиката преку низа на пред се, апликативни проекти, смета кандидатката Котлар – Трајкова.

Горан Герасимовски, кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ и Коалицијата вчера заедно со потпретседателката на СДСМ Мила Царовска и министерка за образование и наука одржа средба со граѓаните од Буњаковец. Герасимовски зборуваше за заложбите на партијата и важноста од квалитетното образование како и за идните мерки на општината кои се поврзани со подобрување на образованиот процес.

„ Во ООУ „Кочо Рацин“ и во ООУ „Кирил и Методиј“ следува реконструкција на покривот, фасадата и фасадната столарија со што сите училишта во Центар ќе бидат целосно надворешно заштитени и енергетски ефикасни. Во ООУ „Кочо Рацин“ ќе го реконструираме и потпорниот ѕид. Имајќи предвид дека сите училишта во нашата Општина се инклузивни, во периодот што следува ќе работиме на вработување стручни лица дефектолози и логопеди кои навистина ќе им помогнат на учениците на кои им се потребни да добијат квалитетно образование“, рече Герасимовски.

Тој исто така најави дека општината ќе го продолжи процесот на дигитализација преку набавка и инсталација на современи електронски уреди со што ќе се овозможи современ модел на настава. Герасимовски најави и реконструкција на објектот „Кукушка“ во рамките на ЈУДГ „13 Ноември“ и објектот „Панорама“ во рамките на ЈУДГ „Кочо Рацин“, со што сите објекти на градинките во Општина Центар ќе бидат модерни, современи и во согласност со потребите на генерациите на претшколски деца.

Општината исто така ќе продолжи континуирано да работи на партерно уредување на училишните дворови, на лабораториите за физика и хемија, во опремување на музичките кабинети, сензорни соби за деца со попреченост, дигитализација и збогатување на библиотечниот фонд во училиштата со детска и стручна литература како и осветлување на дворовите и пристапите до училиштата и градинките.

Оливер Зафировски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош во јавување за „Стадион” на Канал 77 најави ревизија во општината и голем мултифункционален центар.

„Комплетна ревизија на финансиското работење на во самата Општина, да видиме бидејќи во досегашните настапи цело време двајцата мои противкандидати се обвинуваат за големи суми на пари. Потребни ни се проекти, конкретни работи за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во смисол на спорт, култура. Ние во програма имаме отворање на еден голем мултифункционален културен центар кој што ќе биде на задоволство како на возрасната група така и на помладите бидејќи стварно децата немаат катчиња за да творат. На пример во Шведска има цела програма за да можете во таков културен дом да го оставите своите дете кое што низ игра со возрасните луѓе ќе научи многу”, истакна Оливер Зафировски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош во јавување за „Стадион” на Канал 77.

Зафировски додаде дека таков мултифункционален центар ќе се изгради, бидејќи граѓаните затоа плаќаат даноци, да им се подобри квалитетот на животот во општината.

„Одлучно за промени” во Чаир синоќа најави дека ќе го вратате духот на општината и градот Скопје на мултиетнички живот.

Носителот на советничка листа во Чаир Октај Садику рече дека шетајќи низ општината забележал дека училишните дворови и градинките изгледаат како места за отпад, а не места каде децата треба да играат.

– Сакам граѓаните да знаат дека ќе се залагам за обновување на зеленилото во училиштата и градинките со помош на најмладите истовремено обезбедувајќи им и едукација. Ќе создадеме нови зелени катчиња за децата и возрасните. Голем број на општински простории седат запуштени истите ќе иницирам да се наменат во места за социјална инклузија. Места каде пензионерите ќе може да изиграат партија шах и во топло да разменат муабет со соседите. Места каде младите ќе можат да прават тим билдинг, да им се организира обуки за вработување, компетенции, споделување на претприемачките идеи. Да градиме отворена општина за хумано живеење. Чаир секогаш бил симбол за мултиетничка хармонија да ја вратиме таквата слика за Чаир, порача Садику.

Денеска пак градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ќе го посети Општинското основно училиште „Исмаил Ќемали” каде неодамна беа проширени капацитетите на ова училиште, со 8 нови училници во површина од 590 м2. На овој настан ќе присуствува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Активистите од Зелен Хуман Град организираат настан од отворен карактер, наречен Агора каде граѓаните имаат можност да ги изнесат и дискутираат своите идеи за подобрување на животот и условите во нашето Скопје. Тие идеи понатаму стануваат дел од нашите идни заложби. Настанот почнува денеска во 13:30 часот, ГТЦ (кај слаткарница Египет), а темата ќе биде Животна средина и ГУП. Агора настаните се одржуваат на отворено, меѓутоа поради временските услови, наместо на Водно, ќе се одржи во урбана средина.

Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов, денеска на прес конференција најави изградба на нов ученички дом во дворот на СОУ „Димитар Влахов” во Струмица.

-Со реализација на ученичкиот дом се подигнува основната инфраструктура за спроведување на дуалното образование. Со овој потег се олеснува пристапот до училиштето и компаниите кои ја спроведуваат праксата на учениците кои имаат интерес да ја следат дуалната програма, а доаѓаат од пооддалечени места. Во приземјето на новопредвидената градба планирано е да биде сместена кујна со сите потребни елементи во која би се подготвувала храна за корисниците на ученичкиот дом, гардероба и санитарни јазли за вработените во истата и ресторански дел, согласно нормативите. Исто, во приземјето се предвидува и училишна библиотека, која би ја користеле корисниците на домот и другите ученици во средното училиште, а во ученичкиот дом ќе може да се сместат 92 ученици, рече Костадинов.

Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ најави изградба на нови градинки во населените места Просениково, Дабиле и Банско во рамки на дополнителниот развој и унапредување на воспитно-образовниот систем во Општината и грижата за најмалите.

Кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски, денеска пред битолчани вети дека во јавниот превоз ќе воведат нови линии и мали и еколошки возила кои на најефикасен начин ќе одговорат на потребите.

-Зелената агенда е на сила. Загадувањето на воздухот веќе не е табу тема бидејќи ги чистиме и воздухот и водата. Ќе продолжи набавката на еколошки јавен превоз за уште повеќе да се намалува аерозагадувањето во градските средини, истакна Кондовски и додаде дека зелената агенда ќе се спроведува и преку субвенции за набавка на возила со хибриден погон или електрични возила за такси превозот, кој пак ќе биде униформиран по принципот на западните земји.

Тој најави дека ќе продолжи распределбата на субвенциите за инвертери за греење и за енергетско ефикасни фасади.

Од друга независните кандидати од листата „Битола пред се“ најавија санација на постоечките и набавка на нови возила за собирање и транспортирање на отпадот од градот, нов ред на собирање на отпадот, односно ноќно празнење на контејнерите и корпите за отпадоци, кога е намалена и фреквенцијата на движење низ градот, како и почесто празнење на истите, ќе се санкционира испаша, чување и движење на домашни животни на јавни површини на подрачјето на градот, а ќе се воведе и редовно метење, чистење и миење на улиците.

„За комплетно чиста Битола со здрава животна средина, неопходно е редовно чистење и одржување на коритото на реката Драгор. Редовно отстранување на ѓубре, наноси и крупна вегетација од коритото на реката, санација на заштитните ѕидови, како и изградба на функционален кеј и поставување на заштитна опрема, се активностите кои се предвидени во нашата програма за првична промена на чистотата и ликот на реката Драгор“, велат од листата „Битола пред се“.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Штип Иван Јорданов денеска на прес-конференција најави реконструкција на пет основни и три средни училишта во Штип, како и неколку други проекти за Штип.

„Ние предлагаме во иднина да има можност да се субвенционира економски оператори кои што ќе го вршат јавниот превоз во нашиот град за да се овозможи на крајот од денот граѓаните да имаат корист од тој јавен превоз”, истакна Иван Јорданов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Штип во „Стадион” на Канал 77.

К андидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” за Општина Илинден, Александар Георгиевски, ветува изградба на нов, модерен плоштад во централниот дел на општината.

-Плоштадот, како што појасни Георгиевски, е проектиран како плато, кој ќе биде поплочен со гранитни плочки, со пристапни патеки, цветни алеи со високо и ниско зеленило. На самиот плоштад се предвидени многу содржини, како и повеќе забавни и детски катчиња. Ќе биде поставена и соодветна урбана опрема, во вид на клупи за седење и корпи за отпадоци. Плоштадот, изјави Георгиевски, ќе има мини бина која ќе се користи за културни и други манифестации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот