Што не можеше Португалија тешко ќе може и Словенија

Архива на СП

Словенија најави дека ќе го преземе португалскиот предлог за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, но условите за спроведување на тој предлог не се оптимистични, бидејќи и во наредното шестмесечје ќе има избори во Бугарија, претседателски, потсетуваат аналитичари.

Македонија ќе мора со сопствени сили да се обиде да ја убеди ЕУ колку е важно проширувањето за самата Унијата, не само за Западен Балкан, откако стана јасно дека Бугарија ниту под меѓународен притисок нема да го тргне ветото од преговарачката рамка за членство на нашата земја. Познавачите не очекуваат значајна промена ниту за време на следното словенечко претседателство, уште помалку од француското, па сѐ што ни останува е вештината на нашата дипломатија и надежта дека во Бугарија ќе дојдат политичари со поинаква политичка свест. 

Премиерот Зоран Заев завчера и пред пратениците во Собранието повтори дека не ни треба ЕУ ако треба да преговараме за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет, како што бара Бугарија, а вчера со твит ја повика Унијата да не дозволи интеграциите да бидат заложник на билатерални прашања.

– Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Европските лидери мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања, неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците. Токму затоа ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан – напиша премиерот на Твитер, додавајќи дека вметнувањето на билатерални прашања во преговорите е опасен преседан, а ставот го делат сите останати земји членки на ЕУ.

 

Радев: Време е да се излезе од семејната дипломатија

 

Одговарајќи на пратеничко прашање, Заев во Собранието рече дека ниедна влада нема право да разговара за македонскиот јазик и идентитет и дека не ни треба ЕУ ако сме обезличени. Тој повтори дека со Бугарија се разговара за патоказот што е предложен во португалското решение за соработка во повеќе области, како и за интензитетот на состанување на историско-образовната комисија, без да се прецизира за тоа што разговараат членовите.

– На едно место каде што се спомнува македонскиот јазик, стои дека станува збор за два слични, но различни и меѓународно признаени јазици – рече Заев.

Според него, преговорите со ЕУ не се започнати поради внатрешната состојба во Бугарија, која нема политичка влада и нема конституиран парламент и дека во периодот што следува ќе продолжат разговорите.

Претходно бугарскиот претседател, пред почетокот на Самитот на ЕУ, изјави дека нема да кажат „да“ сѐ додека не забележат „одржливи механизми за искоренување на изопачениот став на Република Северна Македонија кон Бугарија, почнувајќи од учебниците, музеите, спомениците, медиумите и државната политика“.

Тој потврди дека се избориле точката за проширувањето на биде тргната од дневниот ред на Самитот на ЕУ. Радев рече и дека Бугарија во изминатите месец и половина се соочувала со огромен притисок од меѓународната заедница поради блокирањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија и дека токму Бугарија била адресирана како главен виновник и пречка за евроинтеграцијата на двете држави.

– Верувам дека сфатија оти обвинувањата против Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции, на одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да се излезе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија. Притисокот ќе продолжи, но ние докажавме овој месец и половина дека можеме да бидеме отворени за конструктивен дијалог и да иницираме дијалог на највисоко ниво – рече Радев.

 

Да не очекуваме премногу од Словенија

 

Ваквата позиција на источниот сосед го наметнува чувството дека Македонија уште долго ќе остане заглавена во чекалницата на ЕУ, каде е веќе 16 години. Директорката на Институт за европска политика Симонида Кацарска вели дека не треба премногу да очекуваме од следното претседателство на ЕУ, од Словенија, и покрај тоа што земјата се смета за пријателска и за добар познавач на состојбата на Балканот.

– Словенија најави дека ќе го преземе португалскиот предлог за надминување на спорот меѓу Бугарија и Македонија, но условите за спроведување на тој предлог не се оптимистични, бидејќи и во наредното шестмесечје ќе има избори во Бугарија, претседателски. Јас не би ги поткревала очекувањата од Словенија од неколку причини, заради неодамнешниот нон-пејпер за промена на балканските граници кој беше поврзан со премиерот Јанез Јанша, но и заради политичката борба на Јанша што ја има со ЕУ. Неговата политика е блиска со политиката на Унгарија, чиј пак однос со ЕУ деновиве ескалираше. Така што, не сум сигурна колку Словенија реално ќе може да донесе некој пробив – вели Кацарска за „Слободен печат“.

По Словенија претседателството со ЕУ го презема Франција, а Кацарска смета дека во центарот на неговото внимание ќе биде заокружувањето на конференцијата за иднината на Европа, на која тој ќе сака дел од неговата визија да биде реализирана и во пракса.

– Но, во таа визија е јасно дека проширувањето на ЕУ не е приоритет. Ни останува само да очекуваме дека во политичките елити во Софија ќе се појави свесност дека испорачуваат уценувачки и максималистички барања на кои е невозможно да се одговори и ако можеме, со сопствени дипломатски напори да ја убедиме ЕУ дека проширувањето треба да биде нивен приоритет – вели Кацарска.

 

Спасов: Радев да каже до каде е подготвен да ги брани Бугарите

 

Професорот Ѓорги Спасов го повика бугарскиот претседател Румен Радев да објасни до каде е подготвен да оди за да ги брани Бугарите во Македонија.

– „Загрозеноста на Србите“ во Хрватска, Босна и на Косово беше клучниот националистички  аргумент на Слободан Милошевиќ во неговата политика која доведе до непријателства и војни по кои  имаше многу жртви и страдања, а тој заврши во Хаг. ЕУ и САД треба да го следат речникот на Румен Радев и на другите бугарски националисти, кои од тврдењата за „непочитување на Договорот“ од македонска страна  и наводниот говор на омраза во Македонија против Бугарите, дојдоа до тврдењата за некаква „дискриминација и загрозеност на Бугарите во Македонија“ кои веројатно „тие имаат света должност да ги спасуваат“ како во Првата, во Втората балканска војна и во време на Втората светска војна, во кои секогаш доживуваа пораз, но не извлекуваа поука. Ако постои таков проблем, тој не се решава со вета и блокади, туку  со многу поагресивни  средства, па и со воена интервенција ако треба за „ослободување на Бугарите“ на „окупираните територии“.

Време е генералот Радев и сите потписници на Рамковната позиција, и нивниот европратеник Џамбаски, да им соопштат на САД и на ЕУ до каде се спремни да одат во „одбраната на Бугарите во Македонија“ и за што ја подготвуваат бугарската јавност. Ова е Балкан и тука се веќе видени такви сценарија – пишува Спасов на Фејсбук .

 

Николоски: Јавноста мора да знае што преговара Заев со Софија

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и вчера побара поголема транспарентност за содржината на разговорите меѓу Скопје и Софија.

– Ние како јавност не знаеме што е тоа што е зборувано и ветувано во Софија. Треба да видиме какви се тие предлози и на каков начин се создавани. Ние како партија нема да дозволиме национално предавство на штета на македонскиот народ, јазик и идентитет – рече Николоски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Претходно тој го обвини премиерот Зоран Заев дека на состаноците во Софија не се борел за националниот идентитет и велел дека негово лично мислење е дека Македонците и Бугарите се ист народ, со ист или сличен јазик. Николоски посочи дека премиерот не смее да изнесува такви лични мислења на состаноци кои влегуваат во записниците од кажаното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот