Што научивме оваа недела: Вистините и илузиите на поразот

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

СДСМ не е тешко поразен како што се тврди, без оглед што овој резултат во бројки изгледа голем. Ниту, пак, овој изборен резултат ја делегитимира Владата, како што брзаат да наметнат опозициските аналитичари.

На првиот круг на локалните избори во неделата СДСМ го доживеа првиот изборен пораз од падот на Груевски наваму. Очигледно, политичкиот капитал на Заев и на СДСМ, стекнат првенствено со успехот да се урне груевистичкиот извитоперен режим, полека но сигурно се топи. Слободата, очигледно „не пее“ така како што подјармените пееја за неа!

Заев дојде на власт на крилјата на општонародниот револт против груевизмот, но не успеа таа „додадена политичка вредност“ долго да ја задржи. Тој ги оддалечи, или му се оддалечуваа, „шарени“, „бранковисти“, „мрчатори“, „елитисти“, интелектуалци… Тоа не е непознат феномен – во борба против заеднички непријател, се обединуваат „и кучето и мачето“, но кога непријателот го нема, секој си трга на своја страна.

Без таа „антигруевистичка“ компонента СДСМ се врати на својата стандардна гласачка поддршка, која е приближно иста, ако не и малку помала од закоравена гласачка маса што „умира“ за ВМРО-ДПМЕ, без оглед на сè.

Тоа е првата причина за намалениот резултат – на овие избори на СДСМ му „недостигаше“ Груевски. Во политиката, како и на училиште или во спортот, не може долго да се живее „на стара слава“.

Второ што заборави СДСМ е дека, да се биде на власт, само по себе значи да се губи  популарноста. И тоа е нејзиното природно „калирање“, без никаков „напор“ во таа насока. Постои уште еден облик на губење на популарноста – тоа е нејзиното свесно жртвување во име на повисока политичка цел. Од таква природа се отстапките што се прават  во дипломатијата. Кај нас тоа беше Преспанскиот договор. Тој сам отцепи глечер на популарноста на СДСМ, но тоа не беше залудно жртвувана популарност. Па само тој трауматичен момент – да се смени името на државата – беше способен да собори една власт, што Ципрас во Грција го почувствува веднаш.

Заев тоа некако го преживеа, но не успеа да испорача видлива компензација за менувањето на името, освен членството во НАТО. Европската Унија, која добро ја знае оваа игра на губење и добивање, не направи ништо за да му се реваншира на Заев за жртвата што ја поднесе. Го пушти да го плати цехот сам. Прво со тегавењето предводено од Макрон за „новата методологија на проширување“, а потоа со килавиот одговор на бугарското вето. Тоа и за Заев и за СДСМ се покажа премногу. Почнати преговори со ЕУ можеби немаше да бидат пресудни, но значително ќе влијаеа и врз вкупната атмосфера и врз резултатот на овие избори.

И најпосле, постои и „автоимуно“ губење на популарноста – скандалите, аферите и лошото менаџирање на кризни ситуации. Такви скандали и ситуации, фала богу имаше прилично. А за нив на СДСМ никој не му е виновен. По вечери и вечери поминати  со вести за Рекет 1, Рекет 2, во друштво со Боки и Катица, со Рашковски, со побегнати Груевски па Мијалков, апсење на шеф на полиција со дрога, па пасоши за светски криминалци, уапсен дипломат со стара потерница и други поситни бламажи, резултатот на СДСМ во поглед на популарноста и не е така лош. Ако на тоа се додадат и рекордните бројки на заболени и умрени од ковид, непопуларните локдауни и ограничувања, изгорена болница, изгорени шуми без пожарникари и канадери, може да се каже дека поддршката за СДСМ е прилично стабилна. Очигледно, сеќавајќи се каде бевме, и што направи СДСМ за Македонија, значителен дел од гласачите се спремни за многу работи да му прогледаат низ прсти. Но, не сите. Заев вели дека ја сфатил оваа порака, останува да видиме што ќе смени во практика и дали ќе има можност за тоа.

Со оглед на сè ова погоре кажано, спремен сум да тврдам дека СДСМ не е тешко поразен како што се тврди, без оглед што овој резултат во бројки изгледа голем. Ниту пак дека овој изборен резултат ја делегитимира владата, како што брзаат да наметнат опозициските аналитичари. Ни најмалку. Еве зошто.

Пресметките велат дека на овие избори СДСМ паднал значително (со стотина илјади гласа), а ВМРО незначително (за 35.000 гласа), споредено со парламентарните избори од 2019, доколку такви спореди се релевантни. Тоа, пак, беше доволно за драматична разлика во бројот на „освоените“ општини.

Прво, сакам да потсетам на една работа што често се заборава. Локалните избори многу се разликуваат од парламентарните и според целите и според правилата на игра. Тие спаѓаат во игра од типот „победникот зема сè“. Теоретски, еден процент предност во популарноста на една партија, доколку е рамномерно дистрибуирана на цела територија на земјата, значи победа на првата партија во сите општини. Затоа што во секоја општина се избира само еден градоначалник, сликата во поглед на бројот на освоените градоначалнички места е драматична. Изборот на советници дава далеку пореална пропорција. Тоа му се случи на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017 година. Тогаш оваа партија освои само 5 општини, а СДСМ дури 57, единаесет пати повеќе (однос 11,4), иако реалните рејтинзите на партиите се разликуваа во размер 10:8 (однос 1,2). Тоа се гледа и од освоените советнички места: СДСМ – 552, ВМРО-ДПМНЕ – 432 (однос 1,2). Слична е ситуацијата и сега, но помалку поразителна во поглед на СДСМ, зашто СДСМ има освоено 9 градоначалнички места уште во првиот круг, со шанса да освои уште неколку во вториот.

Зошто го спомнувам ова? Затоа што муабетите за ново парламентарно мнозинство и нови избори тргнуваат од тезата дека „поразот е огромен“, тргнувајќи од соодносот на градоначалниците, па оттука се влече заклучок дека владата е делегитимирана. Тврдам дека, дури и за два-три месеци да има предвремени парламентарни избори, со овој рејтинг на партиите, ние би добиле иста композиција на владата, веројатно и исто владино мнозинство! Не би ме изненадило СДСМ тоа и да го прифати, зашто може да стекне нов цел мандат. ВМРО-ДПМНЕ лесно би се затрчала по таква мамка, поведена од успехот на локалните избори, кој, како што реков, е привиден.

Се разбира дека сум многу против предвремени избори, мотивирани со такви теснопартиски калкулации, чии и да се, зашто оваа држава е исцедена до коски од постојани избори (згора на тоа и будалштини како тие фингерпринт-апарати). Предвремени избори се оправдани „ако и само ако“ резултатите не овозможуваат да се формира влада и системот не може да функционира, како што се случува во Бугарија еве трипати по ред. Ново парламентарно мнозинство е друга работа – тоа не му прави трошок на државниот буџет, и сосема е легитимен начин на борба на политичките актери. Кој може, нека прави.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот