Што научивме оваа недела: Украинска стапица

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Се добива впечаток дека украинската армија подготвува интервенција во отцепените, сепаратистички украински територии Доњецк и Луганск, на што речиси сигурно руската армија ќе одговори. Тоа, пак, ќе се смета за инвазија на Украина и оттука натаму работите можат да станат навистина грди.

Во и околу Украина се поставува сцената за следната планетарна драма, која може да има големи реперкусии врз целиот свет, следствено и врз нас. Доколку таму навистина ескалира состојбата, за што се создаваат сите претпоставки, нашите сегашни проблеми со Бугарија и со ЕУ ќе изгледаат како мачкина кашлица. Ниту некој ќе се занимава со нив, ниту нешто ќе значи нивното решавање или нерешавање.

Украина гази по „работ“. Руски сили се трупаат на нејзините граници со месеци наназад. Русија тврди дека е загрижена од сѐ поголемото присуство и ширење на НАТО во близина на нејзините граници, но западните разузнавачи велат дека Путин планира инвазија на Украина. Русија упорно негира и тврди дека е жртва на систематска медиумска сатанизација и пропаганда. САД и Британија се закануваат со санкции, ги евакуираат своите амбасади и граѓани, се создава предвоена атмосфера.

Од друга страна, во последниве седум години САД и другите земји на НАТО ја имаат снабдено Украина со оружје и воена опрема во вредност од над 2,4 милијарди долари, а западниот извоз на оружје во оваа земја не запира. Интензивно пристигнуваат тони и тони пратки со оружје, муниција, комуникациски и ракетни системи, хеликоптери, дронови, оклопни возила… Пристигаат и монтажни болници, а веќе се на „терен“ западни инструктори за украинската армија.

Се добива впечаток дека украинската армија подготвува интервенција во отцепените, сепаратистички украински територии Доњецк и Луганск, на што речиси сигурно руската армија ќе одговори. Тоа, пак, ќе се смета за инвазија на Украина и оттука натаму работите можат да станат навистина грди.

Човек не може да се оттргне од впечатокот дека на сцена е подолго време подготвувано сценарио. И дека ненадејното итно и целосно повлекување на трупите на САД од Авганистан има некаква врска со тоа. Колку и да се оправдани аргументите за суверенитетот на Украина и обвинувањата за злосторства во сепаратистичките територии, мотивите на САД не може да не изгледаат дубиозни. Особено ако се имаат на ум и приватните релации со Украина на претседателот Џо Бајден и неговото семејство, кои излегоа на површина во неговата претседателска кампања.

САД повикува на санкции и бара поддршка од сојузниците, инсистира на разместување трупи и опрема во околните земји. Сите земји се принудени една по една да се изјаснуваат и да ја демонстрираат својата лојалност. Јапонија, Италија, Франција, Канада се „произнесоа“ со такви изјави. Европската Унија сè уште се колеба, вели, да не брзаме, да видиме што знаат Американците што не знаеме ние (Џозеф Борел). Германија е посебно воздржана, зашто најмногу ризикува и губи при евентуална ескалација. Веќе се согласи гасоводот Северен ток, кој за неа е многу важен, да паузира на неодредено при евентуални санкции, но не ѝ дава ниту ѝ продава оружје на Украина, за разлика до другите членки на НАТО. Дека на Германија нема да ѝ биде лесно покажа епизодата со германскиот вицеадмирал Кај-Аким Шонбах, прв човек на морнарицата. Тој деновиве мораше да си даде отказ откако беа обелоденети неговите размислувања во кои изразува разбирање за руските позиции, загриженост и интереси.

Сега Макрон оди за Берлин, на разговори со колегата Олаф Шолц, во обид да се усогласат ставовите и да се формулира заеднички одговор за украинската ситуација, што би требало да биде основа на заедничката европска позиција кон проблемот.

Кина повикува на преговори и бара работата да се врати во рамките на ООН и на Договорот од Минск од 2015 година. Со овој Договор, Украина се обврза да воспостави директен дијалог со Доњецк и Луганск и да му додели посебен уставен статус за регионот Донбас, но не го исполни тоа. Кина, освен тоа, нагласува дека треба „да се земе предвид и загриженоста на Русија“. Путин, пак, следнава недела оди во Кина, формално, на отворање на Зимската олимпијада, но се знае дека таму ќе се водат и други важни муабети.

Турција вели дека „ќе дејствува како членка на НАТО“, но се нуди за посредник, го кани Путин во Анкара. Бугарија не сака трупи на НАТО на своја територија, но мора да се коригира, Романија слично, НАТО притиска, Русија протестира. Хрватска вели дека нема да испрати „еден војник да гине за најкорумпираната држава во Европа“ (Милановиќ), но на тоа му парираше премиерот Пленковиќ, со извинување до Украина и поинаков став – дека Хрватска го поддржува суверенитетот на Украина, но одбегна да спомене ангажирање хрватски војници.

Каде е тука Македонија и како треба ние да се поставиме?

Во најмала рака, внимателно и дипломатски. Но, така не може да се оценат првите изјави на новата министерка за одбрана Славјанка Петровска. На ТВ 24 таа употреби формулација дека „поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент“. Таа уште рече дека во тек е „изготвување анализи за можностите за потенцијално учество на Армијата на РСМ во случај на руска инвазија на Украина“ (ТВ Телма). Северна Македонија, рече министерката, го поддржува територијалниот суверенитет и интегритет на Украина, како и политиката на „отворени врати“ на НАТО, што значи и влез на Украина во НАТО, токму она на што Русија најенергично се спротивставува.

Затоа, не беше изненадувачки што следниот ден руската амбасада во земјава соопшти дека е „изненадена од изјавите на министерката Петровска“. Во објавата се уверува дека Русија нема никаква намера да изврши инвазија на Украина, дека руските трупи се распоредуваат на руска територија, а се обвинува Киев дека „продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од Договорите од Минск“. Дека изјавата на Петровска е недипломатска, нетактична и избрзана, оценија и многу домашни аналитичари, со кои не може човек да не се согласи.

Примерот со Хрватска покажува дека украинската криза има потенцијал да ги поларизира не само државите туку и општествата во државите, па и нашето, што веќе може да се види по вжештените дебати на социјалните мрежи. И двете страни во конфликтот имаат дузина аргументи во свој прилог и сите нешто „бранат“, Украина суверенитетот, Русија Русите во Украина, безбедноста на своите граници… Овие аргументи можат да се прифатат или да се отфрлат, во зависност од преференциите и симпатиите, па и од моментните интереси, блискости, сентиментите…

Секој може да се толкува и како насилник и како жртва, во зависност од точката на гледање. Суштината е во тоа ние да не влеземе во таа стапица и да станеме навивачи, на едната или на другата страна во конфликтот, туку да станеме навивачи за мирот наспроти конфликтот. Да ги поддржуваме и да учествуваме само и само во напорите за постигнување мирољубиви решенија по дипломатски пат. Нашето членство во НАТО не нè обврзува некого да гледаме како агресор, особено што ниту самото НАТО, како организација, не се има изјаснето со заеднички став за тоа прашање. Јасно е дека Македонија има блиски релации со Вашингтон и во нив полага големи надежи за исполнување на своите стратегиски цели, но тоа не е оправдание да истрчува и да игра улога на „поголем католик од папата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот