Што научивме оваа недела: Точката на Ескобар

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Македонија в недела ќе гласа. Ќе избира градоначалници и советници во своите општини. Кампањата беше жестока, агресивна, на моменти брутална. Не се бираа зборови за да се оцрнат противниците, не се штедеа ветувања, дури и најневеројатни, најскапи и најбизарни. Важно е да се освои глас повеќе, вреди да се обиде со сè, нешто можеби „ќе упали“, размислуваа кандидатите и нивните штабови.

Денеска настапува молкот. Медиумите, оние официјалните, ќе стивнат. Некои, кои не знаеш дали се медиуми, како и армиите партиски ботови на социјалните мрежи, ќе ги искористат и последните моменти за овации за своите фаворити, или за уште малку отров кон омрзнатите противници. Ќе беше убаво да знаеја и тие кога е доста. За да може сите заедно да ја почувствуваме тишината, зашто ништо не е поумно од тишината.

В недела своето ќе си го кажат гласачите. Ќе излезат да ги заокружат омилените кандидати, водени од партиските преференции или од симпатиите кон некоја од конкретните личности понудени за функција. Тоа е демократија – пресудата на крајот е во рацете на гласачот. Некои, пак, целосно разочарани или незаинтересирани, нема да го направат ниту тоа. Ќе ги игнорираат изборите, но и тоа е некаква одлука, легитимна според нашиот демократски систем. Одлуките на сите овие категории гласачи, какви и да се, треба да ги прифатиме како заедничка резултанта на демократијата. Она што не смееме и не можеме да го прифатиме се изборните неправилности, насилства и фалсификати, изигрување на волјата на гласачите. Затоа, најважно е в недела да биде чесно, фер и демократски. Ако биде така, резултатот е спореден, односно секој резултат е добар.

П.С. Во вакви околности се додава уште еден спортски, олимписки израз, ама и тој е овој пат „зафатен“ од партиските слогани, а ние не би требало да го кршиме предизборниот молк.

****

Откако самитот на Брдо кај Крањ нè попари минатата недела, оваа недела добивме утешителен самит  ЕУ-Западен Балкан во Скопје. Сè убаво, многу важни сегашни и поранешни политички фаци, бизнисмени, министри се изредија во Скопје со паметни изјави, но тоа не можеше да го надомести далеку поважниот „бледски“ пристап – за проширувањето ништо конкретно, сè округло па на ќош, со старите јалови формулации, кои не навестуваат никаква промена на анемичниот однос кон безобразната бугарска блокада. Бугарите, пак, продолжија со своите завиткани формулации, кои во суштина значат „мобинг“ на една земја кандидат, во случајов нaшата, а европските првенци не најдоа за сходно да изреагираат ниту со едно намуртување. Поважно им е да демонстрираат монолитност, дури кога сите, па и самата Бугарија е свесна дека кочењето на проширувањето никому не му оди во прилог. Освен на тие лидери што сакаат да ѝ се додворуваат на својата ксенофобична јавност, а има и такви. Да се чудиш, можеби Грција најконкретно и најјасно ја формулираше својата поддршка за Македонија, и потребата за тргање на блокадата. Убав показател дека нема вечни непријателства, како што велел Черчил.

Самитот во Скопје, кој формално ја немаше истата тежина, дојде како компензација на бледскиот – тука поотворено и поконкретно се искажаа умни работи, но по правило од луѓе што веќе ја немаат политичката моќ, како бившиот германски вицепремиер Јошка Фишер, на пример. Сепак, сè е поинаку со Американците – а тие во Скопје беа присутни со видео обраќање од новиот моќник на Стејт департментот со звучно, иако озлогласено презиме Ескобар. Тој, во прав американски стил, им ја „плесна“ на Европејците директно – иднината на Западниот Балкан е во ЕУ. И точка! Баш така кажа: „Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји. Точка.“ Сè друго е техника, како ќе се направи. Една точка многу кажува. Ех, кога нема европски лидери што знаат дека во политиката мора некаде да се стави точка.

****

Претседателот Стево Пендаровски, кој е во работна посета на Шведска, објави фотографија на Фејсбук на која се гледа како патува со воз. „Со возот Малме – Гетеборг – Стокхолм“, напиша Пендаровски на Фејсбук. Ова беше добро примено од домаќините, а ја воодушеви и шведската амбасада, која во тоа виде можност за уште една афирмација на шведските железници како еколошко превозно средство, често користено од шведските граѓани, и нормално, од шведските политичари, познати по својата скромност.

Лесно му е на Пендаровски да се вози со воз во Шведска, нека се обиде да се повози со нашиве возови, да речеме до Битола. Уште ако има среќа да му се погоди некој штрајк на машиновозачи, на кои им доцни платата, има да се смрзне на Богомила или Гостиражни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот