Што научивме оваа недела: Натискани сватови

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Успешноста има мала или никаква врска со останувањето или заминувањето од оваа (па и од други) влади. Колку што имаат врска бројчињата на седиштата во еден автобус преполн со свадбари, кој застанал на станица да прими нови сватови.

Оваа недела, која уште не е завршена, можеби нема да ни донесе некоја голема ука, ама може да ни донесе нова влада. Уште денеска. Мандатарот Димитар Ковачевски, откако го „овери“ составот на својот тим пред партијата, со мали или никакви бранувања, го достави до Талат Џафери, и тој список денеска (сабота) треба да биде ставен на собраниска седница, и ако сè биде во ред, изгласан.

Тимот на Ковачевски ќе брои 21 министер, дванаесет од СДСМ, шест од ДУИ, три од Алтернатива. Дванаесет Македонци, девет Албанци, што сигурно не е правична или пропорционална слика на  односот на Македонците и Албанците (и другите) во општеството, но сигурно е пропорционално етничко пресликување на односот на распоредот на политичката моќ во општеството. Кога ќе ги добиеме резултатите од пописот, ќе знаеме точно колкава е пропорцијата на етничките Македонци и Албанци во земјава (3:1 или 4:1, можеби) и колкав е дебалансот во однос на нивната актуелна застапеност во извршната власт (во моментов 4:3). А не требаше да биде така, барем според Рамковниот договор, но тој сега не е актуелен.

Но, да не бидеме националисти, да не гледаме сè низ етничка призма! Тоа ќе го правиме ако случајно, некогаш во иднина, во некоја поинаква коалиција, балансот биде нарушен на штета на Албанците. Тогаш Рамковниот договор ќе биде многу актуелен, а неговото „кршење“ ќе биде „касус бели“ за политичка, а можеби и некаква друга криза, ама сега не е. Македонската демократија е чудо! Во неа „а“ плус „бе“ не е еднакво на „бе“ плус „а“. Ѓорге Иванов велеше дека таа е како космодиск – изгледа „шашаво“ ама функционира. Со таа разлика што засега не профункционирала. Само така изгледа.

***

Што се однесува до составот на владата, тука мора да парафразираме една мудра мисла што му се припишува на Ото фон Бизмарк, кој велел дека законите се како колбасите – не сакаш да знаеш како се направени. Истото важи и за владите.

Неупатените во партиските кулинарства залудно се обидуваат да ја „фатат“ логиката според која едни министри „летаат“ од фотелјите, други остануваат, трети ротираат. Се чини логично ако некој е сменет дека тоа значи дека бил неуспешен, ако останува дека бил солиден, а ако оди на друг ресор, дека бил одличен, па како таков оди во нова мисија, да потпре каде треба. Но, кога ќе видите како тоа изгледа во практиката, останувате со чуденки.

„Летаат“ Шекеринска, Филипче, Царовска, Шахпаска, Ирена Стефоска… Не дека за некого е штета, но се обидувам да се сетам кога биле прогласени за неуспешни и од кого? Од нивната партија, сигурно не. Од опозицијата, сигурно да. Ама за опозицијата сите се неуспешни, то ест „катастрофални“, од прв до последен, секогаш и секаде, што значи нивниот суд е ирелевантен. Да имаше нијанси, ќе имаше и тежина.

Остануваат во ресорите речиси сите од ДУИ, што значи дека сите биле успешни (!?), како и Спасовски (МВР), Бочварски (транспорт), Милевски (локална самоуправа). Не можам точно да се сетам на нивните успеси, но, еве, да речеме дека е така. Се надевам дека мандатарот ќе ги наброи нивните резултати, но тогаш веројатно ќе треба да каже и некој збор за неуспесите на тие сменетите, што е малку незгодно. Најголем проблем, лично, имам со „суперѕвездите“, кои мора да останат во владата, за да „оправат“ и некои други ресори, како што ги „оправија“ своите. Такви се Маричиќ (од правда во евроинтеграции), Љупчо Николовски (од вицепремиер за антикорупција во земјоделство) и Јатон Шаќири (од јавна администрација во образование и наука). Баш ме интересира како тоа се објаснува. Сепак, рековме, ова е само привидна логика со која се мачат луѓето надвор од политиката.

Успешноста има мала или никаква врска со останувањето или заминувањето од оваа (па и од други) влади. Колку што имаат врска бројчињата на седиштата во еден преполн автобус со свадбари, кој застанал на станица да прими нови сватови. Се разбира, секоја партија си го чува ексклузивното право да ги „пополни“ местата за кои се избоксувала, и мандатарот нема ништо со тоа. Тој е кадровик само на „своите“ министри, другите му се зададени „величини“. При составувањето на владата, битно е кој како „котира“ кај тие што го имаат главниот збор, кој кого добро познава и му верува (може и од скијање, од возење мотори или од мал фудбал), кој е „чиј човек“, кој кого и со што задолжил, уценил и слично. Во преполниот автобус со многу патници важно е и да се направи место за новите, а може да слезат и подобрите, ако се поразбрани, спремни да се „жртвуваат“, да не креваат „џева“, да се задоволат со „утешно место“, сè во име на заедничката цел – свадбата, то ест владата, да помине без проблем!

***

Не секогаш тие „растоварените“ од владиниот автобус се подготвени стоички да ја одмолчат својата смена, атер за мирот во куќата. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, инаку непартски човек, кого нема да го има во новата влада, реши пред заминување да „го крене гласот“, односно со прес-конференција да ја објасни или, пак, да се одмазди за својата смена. Рече дека не му верува на министерот за надворешни Бујар Османи, дека тој е спремен предалеку да оди за компромис со Бугарија, дека често бил во конфликт со него бранејќи ги македонските позиции, и тврдеше дека е сменет токму поради тие свои цврсти ставови.

Ако предвидувал дека со тоа ќе предизвика земјотрес на македонската политичка сцена, се прешол во пресметката. Македонската јавност не се потресе, сето тоа му го помножи со нула, со оглед што проговорил кога веќе е разрешен, односно доцна. Ако имал основи да се сомнева и во Османи и во потезите на владата, можел тоа да го изнесе како вицепремиер и да си даде оставка. Тогаш навистина ќе предизвикаше земјотрес. Зборовите имаат тежина само ако се искажани во прав момент, а изгледа овој момент, кога веќе виде дека не е во новата влада, беше најлош можен.

Ниту опозицијата не се воодушеви многу, зашто таа постојано и „од ракав“ вергла дека оваа влада „врши предавство“ во преговорите со Софија, па неговиот настап повеќе го искористи за да го навредува самиот „кариерист Димитров“, отколку да ги поткрепи своите обвинувања.

Сосема беше контрапродуктивно што изнесе пикантерии дека му било нудено да бира амбасадорско место „за да молчи“, од што се сфати дека негов услов за да молчи бил да остане во владата. Како што молчеше и досега. Уште понетактично и антидипломатски „откри“ дека „странците“ (Калето, Брисел?) предлагале тој да биде мандатар, но тоа било одбиено од партиите со објаснување, според неговата интерпретација, дека бил преголем идеалист!? Може да поверувам дека имало идеи тој да биде премиер во некоја експертска или широка влада, малку потешко ќе поверувам дека истите биле отфрлени со такви комплименти за него, но сосема верувам дека тие што тоа го предлагале, кога слушнале како јавно ги „офира“ на прес-конференција, сосема се увериле дека малку се залетале.

***

Новиот мандатар, а наскоро и нов премиер, Димитар Ковачевски, најави дека откако ќе се формира новата влада, ќе има средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Но, понудата беше експресно одбиена. Од име на Мицкоски пратеникот Антонијо Милошоски порача дека средба со Ковачевски може да биде прифатена само под услов да се разговара за предвремени избори. А може и за содржината на одговорите што Македонија ги има дадено до официјална Софија, на нивно барање, по формулата 5+1, но прв услов е да се разговара за предвремени избори. На тоа од кај Ковачевски одговорија дека нема потреба да се разговара за предвремени избори, парламентарното мнозинство е стабилно, владата ќе биде изгласана, а изборите ќе си бидат во редовниот термин, во 2024 година.

И, навистина, ако не се разговара за предвремени избори, со Мицкоски и нема за што друго да се разговара. Тој има „голтнато“ плоча и знае да повторува само две-три работи: „Ковачевски е пиoнот на Заев“, „оваа влада нема легитимитет“ и „ајде на предвремени избори“. Како нема некој да му каже дека Ковачевски е пион на Заев исто толку колку што Мицковски е пион на Груевски? Која е разликата? Или да му каже дека една влада нема легитимитет ако го изгубила парламентарното мнозинство, а тоа се покажува со гласање (не)доверба во Собранието, а не со победа на локални избори. Градоначалници не можат да изгласаат паѓање на владата, туку само пратеници. Тој еднаш сериозно се обиде да направи ново парламентарно мнозинство, но не успеа. И тоа беше исправен начин. Може да се обиде повторно, но не може она што не успеал да го постигне со политички средства да го постигне со папагалско повторување и постојано „труење“ на јавноста за предвремени избори. Тоа е како на една печка да ѝ викаш постојано „гори, гори“, а не ѝ ставаш дрва!

А, можеби и тоа е единствената цел – јавноста да се „отруе“? Веројатно проценил дека оваа јавност не разликува вистина од илузија. Засега добро му оди – јавноста ни е прилично затруена.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот