Што научивме оваа недела: Каде е танко, таму се кине

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Не треба да си некој голем геостратег да забележиш дека некои зафркнати ветрови дуваат над Балканот, и тоа од далеку, дури од Крим, Украина, Белорусија, да не речам од „стариот крај“ и на Словените и на Бугарите.

Не знам за вас, ама јас оваа недела научив дека постоела песна под наслов „Жена од Султана“, дека им е омилена на воспитувачките во градинки, исто и на многу родители, па следствено морала да им стане омилена и на децата во градинките. Многумина се згрозија што на децата им се сервира турбо-фолк од „мали нозе“, некои се згрозија што овие првиве се згрозиле, демек, тие да не им пуштаат Шопен на своите деца. Јас, пак, се потсетив на оние наши високи функционери, кои на исто таков турбо-фолк се „откинуваа“ од пеење, и тоа среде корона, кога тоа беше најстрого забрането. Ако некој има привилегија со тоа што е во власта, за што друго да ја искористи освен за непречено „сечење вени“ на Цеца или Аца Лукас, тогаш кога на сите други им е забрането? А, ако за тоа се тепаат политичарите, зошто истото задоволство да им се ускрати на децата!
Па, си реков, со вака воспитани деца таа традиција уште долго ќе живее во вените на овој народ. Ќе има што да се сече, кога ќе дојде време. Со вакви градинки и со вакви воспитувачки, не треба да се секираме за својата иднина, таа ќе биде „турбо“!

***

Второ што забележав оваа недела е колку разорно може да делува еден излив на искреност во оваа наша длабоко лицемерна и позерска средина. Едно симпатично детенце, кое без да го прашаат го „спакувале“ на планинарење, си кажа отворено пред камера колку мрази што на излет му даваат грашок. И тоа ја потресе нацијата! Што дете ќе беше, или што нација ќе беше, си реков! Детето стекна општи симпатии, видеото доживеа милиони прегледи веднаш, зашто маса народ овде одамна не беше видела ништо поискрено и од срце кажано.

Но, веднаш се јави и „контрабандата“, која се крена во одбрана на грашокот, а против „разгаленото“ дете. Не сака да пешачи, а сака хамбургер и бурито, срам да му е! По нив се јавија родителите и организаторите на екскурзијата, кои побараа видеото да се тргне за да се заштитат правата на детето, а всушност да се заштитат нивните суети од разорното дејство на детската искреност. На тоа се надоврза стручниот ен-џи-о сектор, кој ги искара медиумите и корисниците на социјалните мрежи што го споделиле видеото, без дозвола (!?) и „инцидентот“ се заташка.

Толку долго може нешто искрено да поживее во Македонија – еден ден! Сега може да се снимаат политички коректни клипчиња со деца што обожаваат да се искачуваат на Солунска Глава, не бараат полесна патека или ресторанче на врвот, а кога ќе стигнат таму, обожуваат да јадат органска храна, особено грашок. Се обложувам дека таквите прилози ќе се емитуваат на утринските ТВ-програми без проблем и никој нема да бара „дозвола за споделување“ ниту ќе вели дека се кршат детските права. За правото на искреност никој нема да крене глас.

***

Купете си евтини најлон-кеси, додека не поскапеле. Формално-правно ќе бидат забранети, а во практиката ќе бидат скапи. Цели 15 денари.

Кутри најлон-кеси. Од целото нивно огромно семејство неразградливи пластични роднини, само врз нив се сруши товарот на спасување на планетата Земја, која пак не знае од која страна повеќе е нападната: од пестициди, јаглеродни емисии, пи-ем 10 честички или од пластики?!

Ќе каже некој, ајде, со кесите ќе се справиме, ако се скапи нема да ги користиме, ама што правиме со сите пластични шишиња за сокови, пива, јогурти, кисели млека, шампони, маргарини, пластични амбалажи за сè и сешто – па, сите тие се од иста пластика, а се каде-каде помасивни? Но, не, кесите ќе го кркаат, зашто се најтенки, а се знае, каде е тенко, таму се кине! И нема кој да ги одбрани. Ако законодавците зинеа нешто против двелитарските пластични шишиња, како за кока-кола или пиво, да речеме, брзо ќе беа удавени во капка вода. А ваму, за најлончињата, кој ќе се буни? Некои ситни пазарџии, еден грст производители на кеси, кои ќе останат без работа, чудно ми чудо. Народот, се знае, ќе се научи брзо да носи торби и зембили или ќе си плаќа по 15 денари за кесиче, зашто тоа му е работа на народ, да се прилагодува и да плаќа.

***

Не беше сè олку сериозно минатата недела, имаше и полефтерни теми. Бугарија, да речеме. Најави дека со леснотија ќе ни лупне уште една блокада, а за таа цел нивниот претседател Радев се виде и со колегата му Штајнмаер, па и со Макрон. Е, сега, нивните медиуми, а по нив и нашите, известија дека Радев им кажал на своите соговорници кои се позициите на Бугарија во однос на Северна Македонија. Но, нешто ми говори, искуството веројатно, дека тие, големите, не се среќаваат со малите (а за нив Бугарија е мала) за да ги чујат нивните „позиции“, туку за да им ги кажат своите „пропозиции“ во играта. Не треба да си некој голем геостратег, како Ристо Никовски, да речеме, за да забележиш дека некои зафркнати ветрови дуваат над Балканот, и тоа од далеку, дури од Крим, Украина, Белорусија, да не речам од „стариот крај“ и на Словените и на Бугарите.

Од таа перспектива, проблемите на Бугарија со Македонија – дали Гоце бил Бугарин, а не Македонец; дали 300 Бугари во Македонија ќе влезат во нашиот Устав или не и сл. – им изгледаат како јагнешки брбушки. Тие решиле да го решаваат Балканот, а Македонија е најмал од сите балкански проблеми, и добар е од некаде да се почне. Бугарските „соображенија“ ќе мора да паднат во втор план. Бугарија ќе добие право да истрча уште два-три круга, како кокошката, за да не испадне „лесна женска“, и ќе си легне на брашното. Си велам, најдоцна до март.

А, ние? Ние ќе потпишеме кај што треба, нема да ни е првпат, ќе добиеме многу, ќе лелекаме уште повеќе, ама по многу години ќе сфатиме дека добро сме поминале. А и тоа нема да ни биде првпат.

****
За вчера, петок, беше закажана најморбидната политичка злоупотреба во поновата историја на Македонија, која изгледа, сепак, нема да се случи. Наумил некој, очигледно ДУИ, од процесијата на жртвите во автобуската несреќа, сабајлето донесени во Скопје со транспортен воен авион од Бугарија, да прави политички спектакл. Да ги шета ковчезите до плоштадот Скендербег, па таму да се им се оддаде почит на жртвите, тоа да го снимаат камери, па сите големци во првите редови да покажат колку се ужалени од трагедијата. Се закануваше да се случи врвен невкус, кој само уште повеќе ќе ги раскопаше раните на ужалените.

Тие што се најодговорни што во државата владее законски башибозук, требаше да прават политички маркетинг од својата ужаленост, наместо да се скријат во земја од срам. Кој и да го смислил тоа, не размислил убаво, дури и да имал најдобри намери. За среќа, се јавиле некои роднини и рекле дека не сакаат нивната трагедија да се претвора во политички циркус, и иницијаторите се повлекоа од намерата, што беше единствено исправно од нивна страна.

Ако сака ДУИ, не да им се оддолжи на настраданите (тоа не може), но барем да направи нивните жртви да не бидат залудни, треба да сфати еднаш засекогаш дека беззаконието убива. Штитејќи ги „своите“ фирми од инспекции, контроли, полиција, овозможувајќи им да градат на диво, да возат на диво, да работат на диво, само ги доведува сите во животна опасност. Тоа го видовме во тетовската болница, го видовме во несреќата во Ласкарци, го гледаме и во оваа несреќа на „Беса турс“.

Овие несреќи, во комбинација со можниот почеток на преговори со ЕУ, се идеален момент ДУИ да се збогува со пристапот „за нас закон не важи“ и да почне да работи по закон и пропис. Тоа не е толку тешко, како што изгледа, а на подолг рок носи поголема сатисфакција. Тоа, секако, важи и за сите други политички партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот