Што научивме оваа недела: И со смртта се претера!

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Што е смислата на овој чин? Има ли Господ или Алах? И ако има, зошто ова го дозволува и како не му е жал? Или сè е дел од некој негов грандиозен план на кој ние смртниците и во моменти на најголема инспирација не можеме да му ги пофаќаме конците?

Неделава што изминува ни ги скрши срцата и ни одржа многу лекции. Најмалку 44 луѓе, повеќето млади, на прагот на животот, ги снајде ужасна смрт на бугарски автопат, враќајќи се од продолжен викенд во Истанбул, полни со впечатоци и доживување од тој прекрасен древен град. Едниот ден среќни, со своите свршенички или со дечковци, со своите деца, внучиња, снаи или тетки, другиот ден во прегратките на смртта. Едниот ден воодушевени од Аја Софија или Сина џамија, го впиваат солениот воздух на модриот Босфор, заситен со мирисите на ориентот, се закрепнуваат со вкусен донер или со солен ѓеврек, а следниот момент – неочекуван рез! Едниот ден ги поздравуваат своите блиски со слики на Фејсбук од кои зрачи радост на ретките моменти да се прекине монотонијата на секојдневното рутинско живеење, барем накратко, следниот ден – крај на филмот! Смрт.

Изгореа како факел во автобусот што некаде пред Дупница, на патот Софија-Благоевград, се удрил во банкина и пламнал в миг! Толку млади животи прекинати во лет, толку недосонувани соништа, нереализирани планови, недовршени љубови… Луѓе, како секој од нас, запрени среде животот, без никакво предупредување, без никаква најава. Без старост, без болест, нагло, неповратно…

Што е смислата на овој чин? Можна ли е утеха за нивните сакани, кои останаа зад нив да јагленисуваат однатре до крајот на своите животи? Има ли Господ или Алах? И ако има, зошто ова го дозволува, и како не му е жал? Или сè е дел од некој негов грандиозен план на кој ние смртниците ниту во моменти на најголема инспирација не можеме да му ги пофаќаме конците?

****

Оваа трагедија нѐ потсети колку сме ранливи, смртни, привремени. Нѐ потсети дека во тагата и трагедијата сите сме исти и дека смртта ги брише и ги релативизира сите наши умислени разлики. Нè изедначува и нè обединува во болката. Дека попусто се делиме на богати и сиромашни, успешни и неуспешни, Македонци, Бугари, Албанци, Срби, либерали и конзервативци, вмровци и есдеесовци, кога единствената и најважна поделба на која може да се поделиме е на тие што се живи и тие што тоа веќе не се!
Искрена болка одекна низ целиот Балкан, затрепери и во најзакоравеното срце. Близначиња, како јаболчиња, усмртени во прегратките на својата мајка пред вратата што не се отвора. Тинејџерка, како грозје, не ја дочекаа другарчињата во Студеничани да слават роденден. Општински службеник не се врати во Кичево да се венча со свршеницата, откако заедно решија да поминат романтичен викенд во Турција.
Дали овде не е дозволен хепиенд?

****

Оваа трагедија додаде премногу оган и премногу смрт во нашите животи. Малку ли беше пожарот во тетовската болница во кој изгореа 15 болни од ковид, шок од кој уште не можеме да закрепнеме? А еден ден претходно дојде вест дека во истата Бугарија изгореа десетина постари граѓани, нечии сакани баби и дедовци, оставени на грижа во старечки дом. Малку ли се сите тие десетици мртви од ковид за кои секојдневно слушаме, немоќни веќе и да ги оплачеме, зашто се претворија во бројки?

И со смртта се претера! Разбираме и војни и епидемии, и сообраќајни несреќи, ама дали може смртта малку да се распореди, во подолг период и на поширок простор, да се разретчи, оти вака сите добиваме чувство дека живееме во проколнато време на едно проколнато парче земја.

Трагедијата што се случи два часа по полноќ во близина на за нас непознатото село Боснек, нѐ потсети и на тоа што е важно, а што споредно во нашите животи. И колку енергија вложуваме во не толку важни работи. Колку е важно дали Заев ќе остане, а СДСМ ќе направи парламентарно мнозинство, или дали Бугарија ќе го тргне ветото, а ние ќе зачекориме кон ЕУ, ако случајно ние или некој наш близок се најдевме во вторникот изутрината во автобуското инферно на бугарскиот автопат „Струма“? Колку?
Пред смртта занемуваат и побледуваат сите наши земни грижи и проблеми.

****

На крајот, оваа трагедија нѐ потсети и колку сме фушерај како држава – дека ниту една работа не ја правиме по „пе-ес“, сè успеваме да изиграме, да заобиколиме, ништо не контролираме. Самите себе се загрозуваме со кршење на правилата, кои божем сме ги донеле во наш интерес. Автобусот не бил регистриран за меѓународен сообраќај. Фирмата превозник и туроператор се регистрирала на сто места, со свои клонови, сигурно не со чесни намери. Цариниците ги пропуштале автобусите без лиценца за превоз, се прашуваш дали од немукает или од рушвет. Се прашуваш дали нешто запаливо се шверцувало во автобусот, кој пламна како кибрит.

Настаните поврзани со оваа трагична несреќа ни покажаа и како една соседна држава, која сега е европска, а беше како нас, ако не и полоша, сега функционира многу поинаку од нас. Дека од неа многу може да научиме, ама ако сме спремни да учиме и ако успееме да излеземе од оваа актуелна политичка конфронтација. Ние, по правило, малку знаеме за нашите соседи, за тоа како размислуваат, како зборуваат, како функционираат. Овој трагичен настан ни овозможи малку одблиску да ѕирнеме во нивниот „хабитус“ и да направиме споредба. Нивните новинари не оставаат „ниту еден камен непревртен“, нивните официјални лица даваат изјави без колебање, со многу детали. Дури и лекари и возачи на брза помош живо раскажуваат за настанот, без да ги пренасочуваат новинарите „на повисоко ниво“. Нивните обвинители зборуваат отворено, стручно и без кочници за она што го знаат и за она што уште не го знаат.

А тоа е во драматичен контраст со изјавите на нашите обвинители, на кои сме навикнати, кои знаат само да вртат празни формулации дека „истрагата е во тек“, „истрагата ќе покаже“, како да имаат обврска да не откријат ништо, туку мора само да купат време додека спласне интересот на јавноста. Да не беше оваа истрага целосно во рацете на Бугарите, во која нашите „надлежни“ само асистираат, уверен сум дека немаше никогаш да дознаеме дека превозникот немал лиценца за автобусот, ниту дека цариниците тоа никогаш не го евидентирале, ниту тие ќе одговараа за тоа, ниту на „Беса транс“ ќе ѝ беше одземена дозволата за работа. Сѐ ќе беше убаво разводнето, покриено и замачкано со безлични и празни изјави дека „се работи на случајот“ и „истрагата ќе покаже“…
Како што покажа и за тетовската болница, за „Ласкарци“, за „Илинден“ и за многу слични трагедии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот