Што научивме оваа недела: Дуел имаш, дебата немаш
Оваа недела нашите најважни партиски лидери излегоа на ТВ-дуел, тој важен индикатор за состојбата на демократијата во една земја. Во Србија, на пример, не виделе дуел со години, како ние во времето на Груевски, па сигурно си велат, што ти е демократија кај овие Македонциве! И до тука е добро – што имавме дуел, што никој не се затепа, не се поли со вода, не се испцу отворено. Дури на крајот лидерите си подадоа рака.
Она што недостигаше е што во дуелот немаше дебата. Тоа беа два монолога, симултани, односно наизменични. Како да земеш две купчиња партиски соопштенија, да ги измешаш како што картаџија меша шпил карти, и потоа да ги читаш со ред. Затоа беше најважно кој колку секунди „истрошил“. Истите фрази, истите паушални епитети и етикети, ништо ново. Секој си го кажува своето, не обидувајќи се да го чуе другиот и да понуди контрааргументи, да му влезе во логиката и да му ја спротивстави својата логика. Дали треба да има оставка за тетовската трагедија? Мора, веднаш, од сите! Или, не, не треба од никого. Зошто? Така!
Мицкоски можеше барем да му каже на Заев, вие кога бевте опозиција тврдевте токму спротивното од тоа што го тврдите сега. Да речеме, кога потона бродот „Илинден“, баравте оставка од министерот за транспорт, исто како што ние сега бараме оставка од Филипче. Што се смени во меѓувреме, имате ли двојни аршини? Заев на тоа можеше да одговори, па ни вие тогаш не ја прифативте оставката, а сега барате оставки, и вие имате двојни аршини. А Мицкоски, да е политичар, можеше да му врати, ама тоа вмро на Груевски не постои, ова е друго вмро, што го водам јас. Можеше барем да каже, ова вмро е поинакво, неговите министри секогаш ќе даваат оставки штом ќе се случи некоја беља во нивниот ресор. Се разбира, ќе излажеше, ама што му е друго работа на политичар? Барем ќе имавме некаков став, некаков даден збор, да го „држиме“ за нешто, но ништо! Сепак, Мицкоски и натаму е најдобриот лидер на ВМРО-ДПМНЕ што може да го посака СДСМ. Тоа ти е среќа во несреќа.
****
Се чудам како Заев ќе го решава ова со Бугариве? Што и да се обиде да каже, овде кај нас ќе го расчеречат уште реченицата недовршена! Затоа, врти наоколу, филува, амортизира де од една де од друга страна, и пак ништо. Еден збор во правец дека можеби, ете теоретски, еве хипотетички, барем микроскопски, и кај нас има некоја, не вина, туку некоја несовршеност во поглед на Бугарија, но неееее. Веднаш лавина – од колумни, соопштенија, фејсбук-статуси, жолч, гнев, пцости – Заев ја брише историјата, нè продаде на Бугарите, нè обезличува, не ни треба ЕУ ако тоа се бара од нас!! Полека луѓе! Во таква атмосфера, каде што луѓето прво се фаќаат за пиштол, а потоа слушаат што се зборува, нема теоретски шанси да се реши што било, а не пак ваква македонско-бугарска заврзлама.
Добро, јас разбирам дека кај нас е вкоренето уверувањето дека сета вистина е на наша страна, а сета лага на Бугарска, ама тоа не ни е оправдување. Мора нешто и ние да „признаеме“, колку и да ни се чини мало или безначајно. Еве пример. Факт е дека Бугарија во Втората светска војна била окупатор на Македонија, или, поисправно, на тогашна Вардарска Бановина на Кралството Југославија. Но исто така е вистина дека овој факт бил наголемо злоупотребуван од некогашната југословенска пропаганда за создавање антибугарски чувства во Македонија. Плански, намерно, екстензивно. Ќе ни падне ли круната ако ја признаеме таа вистина? Споредете колку пати во нашите учебници и во нашите споменици се споменува „бугарски фашистички окупатор“ за разлика од „италијански фашистички окупатор“, а Италија држела, ако не грешам, 40 отсто од територијата на денешна Македонија. Пропагандата така работи – со повторување и повторување додека некои зборови не се залепат во свеста. Така се добило кај нас „бугарски-фашистички-окупатор“ да се просто зашвајцувани зборови и секој обид да се раздвојат, буди „нуклеарна“ емотивна реакција, на граница со психоза. Во психологијата таквите бурни реакции на некои зборови се сметаат за показател за „нерасчистена потисната содржина“, која треба да се „освести“. И националната психа има потиснати содржини и потребно е да ги адресира ако сака да биде здрава. Ама, засега тешко ни оди.
***
Навистина нема смисла што толку се одолговлекува со најавената легализација на канабисот за рекреативни цели. Ете, завчера на црногорскиот граничен премин Сукобин во автомобил со регистарски таблички од Македонија, при влез од Албанија во Црна Гора, пронајдена е поголема количина марихуана. И тоа кај македонски полицајци! Не можат луѓето да чекаат да се легализира пушењето марихуана кај нас, па решиле да го земат, што се вели, законот во свои раце. Слушаат на вести дека во Црна Гора е напнато со тие српски владици, па си рекле, сега ако не однесеме нешто за релаксација на браќата Црногорци, кога? А плус, таму се врти добра пара, Руси, западни туристи, што нема..
Од каде им текнало на полицајците да се занимаваат со таков бизнис во слободно време? Па виделе од своите шефови. Ете началникот на прилепската полиција Кире Чипсио, инаку угледен градски функционер на СДСМ, „падна“ пролетоска со дрога вредна 800 илјади евра! Пари се тоа, не е играчка, кога со полициска плата ќе зашпараш толку? Е, сега, Чипсио имаше малер да му влезе во трага американската агенција за борба против трговијата со наркотици, фамозната ДЕА, ама не е ни таа сонце секаде да огрее. Нашите џандари си имале убав план, ама за беља, и за чудо, Црнигорците будни како никогаш. Напнатост, што ли? А убав беше планот да ја легализираме тревата тука, па да доаѓаат сите на релаксација, а не само ние да одиме кај нив. Така полицајците ќе си отвореа кафулиња, културно, како што е ред, а не да се понуркуваат по патиштата како некои дилери и клошари.
****
Многу убава вест што ќе се носи Законот за потекло на имот, кој предвидува конфискација на имот над 30.000 евра за кој сопственикот нема да може да докаже од каде му се парите за да го купи. Велат, ќе биде неисплатливо некој да се занимава со финансиски криминал кога ќе знае дека стекнатиот имот за кој нема покритие ќе му биде одземен и без против него да се води кривична постапка.
Јас пак мислев дека луѓето не смеат да крадат затоа што е забрането, а тоа ќе ти било неисплатливо? Небаре некоја индустриска гранка. Нема есап, што ќе правиш! А што со тие што се накрадоа досега? Ќе важи ли тој закон за минатото, или само од денес натаму? Колку што ми е познато од правото, закон не може да важи ретроактивно, освен во исклучителни ситуации ако не е поповолен за странките на кои се однесува. А можеби треба да се проба со такво „автентично толкување“. Многу луѓе, некогаш пристојни и чесни, се наполнија со милиони во т.н. приватизација, и начисто се упропастија. Не личат на луѓе. Можеби е во нивни интерес да ги опфати овој закон и да им се конфискуваат огромните капитали, зашто пред приватизацијата никој од нив немаше плата со која може да докаже дека без криминал можел да купи контролен пакет акции во тие големи државни претпријатија, кои чинеа милиони евра, а кои сега се нивна приватна сопственост. Ќе им олесни на луѓето.
Само нешто друго мене ме плаши. Ако кај нас се сосече криминалот, така безмилосно во корен, да не е тоа многу ризично? Криминалот е толку добро интегриран во нашето општество, што не се знае што сè може да биде засегнато. Може сè да запре. И тендери, и јавни набавки, а покрај нив и политички партии, до нив медиуми и невладини организации, па спортски друштва и ред други гранки „со посебни потреби“. И не само тие. На пример, како една градежна фирма ќе извади некоја градежна дозвола ако не може никого да подмачка, да му понуди барем едно станче за добрите услуги? Ќе отворат службениците дупови и гупови, градежна дозвола – не може, во Центар – не, на Маврово – не, на Водно – не, во Аеродром – не! И ете ти рецесија на цела гранка, која повлекува други, па трети гранки. Да се размисли уште еднаш, да не си ја исечеме сите гранката на која седиме?
***
Во четвртокот бевме сведоци на филмска сцена на автопатот Тетово-Скопје достојна на вестерните на Џон Форд. Едно убаво коњче, сосе запрега, а без кочијаш, галопираше кон Скопје и тоа во спротивна насока, цело време снимано од камионџии кои се крстеа со лева рака и лелекаа над жална Македонија. Дали сакаше да се прави Англичанец, дали му даде отказ на својот неодговорен арабаџија, или сакаше да мигрира од тетовскиот провинциски хаос и да ги разгледа прочуените коњски споменици во метрополата, никогаш нема да разбереме. Како и да е, ситуацијата беше крајно ризична, со оглед на толку возила што му итаа во спротивна насока, но за среќа, не заврши кобно, а можеше. Некој ѝ јави на полицијата, и таа брзо се створи тука, го следеше со вклучени сирени, исто ризично возејќи во спротивна насока. Полицијата не знаеше што да прави освен да го обезбедува коњчето што галопира, додека тоа не се измори. Го немаше никаде Џон Вејн или сличен лик да скокне врз запрегата, па врз коњот, да ги фати уздите, да го скроти и да го запре, како во вестерните. Напнатоста траеше неколку минути додека вештиот полицаец со возилото не му ја стесни линијата и некако го принуди да запре. Наравоучение? Автопатите мора да се обезбедуваат подобро, возачите на запреги мора да се „зауздаат“ построго, а сеирџиите, освен што снимаат со мобилните телефони, важно е брзо да се јават каде што треба. Не е секој филм „вестерн“ па да мора да заврши со хепиенд.