Што научивме оваа недела: Добри почетоци

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Кирил Петков може да биде „бугарски Ципрас“, со таа предност што проблемот со Македонија може да го реши на почетокот, а не на крајот на својот мандат, a со тоа и да ја избегне политичката судбина на Ципрас.

Ова беше недела на почетоци и новини. Почна со работа новата влада, а почна и да се одмотува клопчето меѓу Македонија и Бугарија. Во прва посета на земјава дојде новиот бугарски премиер Кирил Петков. А македонската јавност имаше можност да ги види првите чeкори, изјави, јавни настапи на новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, овој пат во својство на полноправен претседател на новата македонска влада. Доволно новини за една недела. Впечатоците не се лоши.

Самиот чекор на Петков прв да ја посети Македонија, наместо да чека иницијатива од наша страна, и со тоа да демонстрира надмоќ, покажува дека станува збор за политичар од модерен формат, со отворен стил. Тоа е негова порака и до јавноста во двете земји, но и до странските фактори, кои исто така имаат очекувања од него во таа насока. Бугарија има потреба да го поврати својот нарушен углед, и ова му е добар чекор во таа насока. Решение на спорот со Македонија може да направи од младиот бугарски премиер европска ѕвезда и да му донесе меѓународната репутација и поддршка, која добро ќе му дојде за справување со други потешки задачи што го чекаат дома. Тој може да биде „бугарски Ципрас“, со таа предност што проблемот со Македонија може да го реши на почетокот, а не на крајот на својот мандат, a со тоа и да ја избегне неговата политичка судбина – на избори да го плати цехот на евентуалниот компромис, кој, како што се знае, не може да не биде непопуларен.

И покрај непријатностите што ги предизвика со избегнувањето директно да спомене македонски јазик или македонско малцинство, кои овдешната јавност веднаш му ги припиша за тежок грев, новиот бугарски премиер ги оправдува прогнозите дека има сериозна намера и идеи како да му пристапи на тешкиот спор. Посетата на Скопје помина во напната, но позитивна атмосфера, полна со нетрпение и исчекување, како и подготвеност на јавноста од двете страни во секој гест или збор да види драма, провокација или „доказ“ дека нема изгледи за решение.

Остварени се првите контакти, отворени се првите чекори за „враќање на довербата“. Најавена е авионска линија меѓу метрополите, на „трошок“ на Софија, а Македонија демонстрираше добра волја со еднострано исполнување на едно од барањата на Бугарија – да испрати дипломатска нота до ООН за употребата на долгото и краткото име за земјата. Ова барање претходната влада на Бојко Борисов од чист хир ѝ го испостави на Македонија, за да покаже како сè може да ни го компликува животот, a сега токму Борисов во изјави ја омаловажува оваа нота, што е врвен цинизам. Договорена е нова, голема меѓувладина конференција во Софија, каде што ќе се удрат темелите на таа соработка, за почеток во сфери каде што ризикот од недоразбирања е помал – транспорт, култура, економија, трговија… Се знае дека тие работи сами по себе не го решаваат проблемот, но и патот од илјада милји почнува со еден чекор.

Ова се новите идеи на Петков за „ширење на фронтот“ за соочување со спорот, во намера да се види дека она што може како народи и држави да нѐ спојува и да ни биде од обостран интерес, многукратно го надминува она што таа соработка ја спречува. Македонската влада покажува спремност да соработува во тој нов пристап на Петков и тоа е добро. Епилогот на таквата методологија засега не може да се прогнозира, но она што уште сега може со сигурност да се тврди е дека ако со овој и ваков бугарски премиер не успееме да најдеме решение за спорот, нема да успееме со ниту еден друг!

Затоа, да бидеме внимателни, трпеливи и да имаме разбирање за отпорите со кои се соочува во неговата земја и за неговите тактички потези или изјави што мора да ги користи за истите да ги избегне или амортизира.

****

Во четвртокот на Канал 5 имавме можност да проследиме интервју со Димитар Ковачевски, негово прво интервју во улога на премиер, ако не се лажам. На Ковачевски јавноста не му го имаше чуено името пред Зоран Заев да го „извади од шеширот“ на заминување од функцијата, како свој последен чин од позиција на премиер и партиски лидер. За него со право се вели дека е „затворена книга“, која допрва треба да ја (про)читаме. Мој впечаток, засега, е дека Ковачевски е човек што ќе изненади, во позитивна смисла. Или како што велат Англичаните, ќе покаже дека во него има „повеќе отколку што се гледа“ (more than meets the eye).

Во својот настап кај водителот Гоце Михајловски, кој воопшто не го штедеше, напротив, Ковачевски демонстрираше самоувереност, сталоженост, концентрација, одлична артикулираност и јаснотија во исказите. Покажа дека умее да ги одбере најпрецизните и најсоодветни формулации, или да ги одбегне провокативните и контроверзните, што е исто. За политичар тоа е исклучително важна способност, иако токму таа најмалку им се допаѓа на новинарите. Таа ги остава без „бомбастични“ наслови, кои потоа се погодни за извртување, манипулација, и за фамозната „лавина реакции“. Но, новинарите имаат еден есап, политичарите друг.

Ковачевски, сепак, не беше ни премногу воздржан, што е добро, зашто преголемата воздржаност преоѓа во стерилност, склоност да се зборува многу без да се каже ништо. Тој во овој настап успеа да каже доволно, без да каже премногу, не оставајќи ниту едно прашање неодговорено.

Освен начинот на говорење и изразување, добив впечаток дека Ковачевски е човек практичар, реалистичен и амбициозен, ама пред сѐ, она што го велиме ние – „работник“, односно посветен на работата. Пред него се многу тешки задачи, но токму во такви моменти човек може многу да се покаже и да се докаже. Се разбира, премногу е рано што било од ова да се тврди или да се прогнозира, но ако овие впечатоци ми се покажат точни, може да се случи Заев да остане запаметен по тоа што го предложил Ковачевски за свој наследник!

***

Во истото интервју Ковачевски, притиснат од водителот „да се изјасни“ дали во Бугарија има македонско малцинство или нема, одговори дека „во Бугарија има луѓе што се изјаснуваат како Македонци“. Тоа беше формулација која е најточна, а не е доволно „добра“ за злоупотреба и „масакрирање“ ниту во македонската ниту во бугарската јавност. Дел од јавноста можеби се чуди, или се иритира, од ваквите формулации – зошто работите не се кажат директно, отворено? Има зошто.

Министерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, кој беше недоволно внимателен, неделава доживеа „мобинг“ на социјалните мрежи за изјавата дека „не е до нас да кажуваме“ дали има македонско малцинство во Бугарија или нема. Бадијала потоа објаснуваше како стојат работите, според меѓународното право, според европската практика. Зборовите „не е до нас“ или „не е наше“, му „пресудија“.

Ако го знаеме ова, треба да ни е јасно зошто и бугарскиот премиер Петков, во Скопје, на прашање „дали го признава македонскиот јазик“, одговора со безвезна формулација дека „ги признава сите јазици во македонскиот Устав“. Затоа што и во Бугарија, покрај тастатурите, седат некои исфрустрирани ликови, кои едвај чекаат да се изживуваат врз неговите зборови. Тој тоа задоволство не им го дозволи, затоа што не е целта да се прави забава за народ, туку да се реши еден проблем.

Ваквите примери покажуваат дека оваа ситуација е многу деликатна, се мери секој збор, и мало невнимание може да донесе несакани и непотребни штети. Овде се гази како на јајца. Не затоа што навистина има нешто толку страшно што ќе се каже или што ќе се случи, туку затоа што луѓето од двете страни на границата се „при крај на срце“. Живеат во ирационални стравови дека секој момент нешто ќе „изгубат“, дека нешто им се „краде“, историја, идентитет, јазик…  Многу би било подобро, за почеток, да ги изгубат своите стравови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот