Што научивме оваа недела: Да продолжи и промената кон Македонија

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Петков, како модерен, прозападен, на Харвард образован економист, внесе многу оптимизам кај нас со својата изјава дека историјата не треба да доминира во односите меѓу Македонија и Бугарија. Така зборува човек што сака и има намера да реши некој проблем.

Од Бугарија, каде конечно, од трет обид, најверојатно изборите ќе донесат нова влада, оваа недела ни дојдоа две важни пораки, со дијаметрално спротивен тон и ефект, барем врз нашата јавност. Првата, од победникот на парламентарните избори, и најверојатен иден премиер Кирил Петков од движењето „Промените продолжуваат“, а втората од претседателот Румен Радев, кој се смета за најверојатен победник на претседателските избори, кои исто така се во тек во Бугарија. Изјави, што би се рекло, „небо и земја“.

Ако се спојат двете, човек ќе изгуби секаква надеж дека на Балканот некогаш нешто ќе се измени, и му останува само да се утеши со фактот дека Петков својата изјава ја даде после избори, а Радев пред избори.

Петков, како модерен, прозападен, на Харвард образуван економист, внесе многу оптимизам кај нас со својата изјава дека историјата не треба да доминира во односите меѓу Македонија и Бугарија и таа не треба да биде единствен критериум за членство на Северна Македонија во ЕУ, туку треба да се размислува за иднината, заедничките интереси, економската соработка. За решавање на прашањето, потребно е да се направат работни групи во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата, порача победникот на бугарските избори, поентирајќи уште дека „ништо во овој живот не се прави со пароли, туку со работа, а за тоа е потребен тим“. Така зборува човек што сака и има намера да реши некој проблем.

Нормално, веднаш беше прогласен за предавник на бугарските национални интереси од „тврдокорните“ десничари, кои за среќа беа помножени со нула на овие избори, но некои од нив сѐ уште седат во Европскиот парламент и имаат Твитер и Фејсбук за да ја трујат бугарската и пошироката јавност.

Иако Петков директно не спомна тргање на ветото за Македонија, бугарското МНР во техничката влада, на која и тој беше член, побрза да соопшти дека нема шанси за такво нешто. Барем не на претстојниот министерски совет на ЕУ, на кој Македонија се надева да добие датум за првата меѓувладина конференција, што де факто би значело почеток на преговорите со ЕУ.  Имено, кратките рокови и времето потребно да се формира новата бугарска влада упатуваа на заклучок дека најпрактично и најреално е конференцијата да ја „одобри“ техничката влада.

Но, не: „Сегашниот проект за преговарачката рамка за влез на Македонија во ЕУ не ги содржи предлозите на бугарската страна и од тоа следува дека Бугарија не може да ја поддржи конференцијата“, пресече грубо бугарското МНР во соопштение, очигледно наменето да се амортизира позитивната порака од Петков. За да не помисли некој дека таков став дели и претседателот Румен Радев, кој следната недела треба уште еднаш да излезе на избори, во втор круг, овој пат против единствениот преостанат противкандидат Анастас Герџиков.

Имено, Радев се смета за политички ментор на двајцата министри во техничката влада, земени поради својата стручност и незамешаност во бугарската политика (и корупција), спомнатиот Кирил Петков и министерот за економија Асен Василев, кои заедно пред неколку месеци го формираа движењето „Промените продолжуваат“. Очигледно, Радев во ликот на овие двајца модерни и успешни технократи добил многу повеќе отколку што се надевал. А не даваат сигнали дека имаат намера да бидат негови пиони, особено што се нагласено прозападно и проевропски ориентирани, за разлика од него. Токму затоа Радев, преку исто така техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, побрза да се „дистанцира“ од умерениот став на Петков, во страв да не изгуби некој глас кај бугарската конзервативна јавност. Стоев дури изјави дека ги примил амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и ги информирал и за ставовите кон Македонија. Ова последново како да беше реплика на шлаканицата која на Радев помеѓу двата круга му ја залепи Бојко Борисов, кој прогнозираше, врз основа на расположението и изјавите на европските и, пред сè, американските моќници, дека „Бугарија ќе биде понижена“ и ќе дозволи почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, а за тоа „понижување“, нормално, ќе бил виновен Радев.

Како ова да беше малку, Радев уште еднаш тврдо, онака „руски“, ги повтори своите ставови на ТВ-дуел со Герџиков, кој, пак, не падна подолу и во влакно се согласи со сите негови формулации и ставови. Радев во дебатата кажа дека Бугарија не може да каже „да“ за Северна Македонија за членство во ЕУ пред, како што наведе, „да запре кршењето на човековите права на Бугарите во земјата и систематската дебугаризација што се води со децении, како и уништувањето и фалсификувањето на бугарското културно и историско наследство, и пред да се искорени говорот на омраза во учебниците и натписите на музеите и институциите, во државните медиуми и во МАНУ“.

Сето ова го изрецитира Радев, а Герџиков се согласи стопроцентно. Според Герџиков, потребен е поинаков пристап во односите меѓу двете земји, но не од страната на Бугарија, туку од страната на Северна Македонија!

Не ја следам многу бугарската политичка сцена, но мислам дека таа предизборна опсесија со Македонија изгледа на бугарските политичари им е потрошена карта. Победата на овие избори на таков профил луѓе како Петков и Василев, од една страна, и дебаклот на фигури како Каракачанов и Џамбаски, од друга, ми говори дека на бугарските гласачи им е преку глава од подгревање на „славното“ и „романтично минато“ (Македонија), туку многу повеќе ги интересира иднината, економијата и борбата со корупцијата. Но, од некои причини, претседателските кандидати очигледно не мислат така и се натпреваруваат кој потврдо ќе настапи кон Македонија. Тоа само говори за нивниот (мал) политички габарит, дека не сакаат да ја погледнат поголемата слика, па дури и бугарските интереси ги сфаќаат тесноградо.

Една бугарска студија, објавена деновиве, покажува дека притисокот на Софија врз Скопје е контрапродуктивен од бугарски агол – не само што не го запрел „македонизмот“, туку го засилил и го раширил неговото влијание. А го засилил и говорот на омраза кон Бугарите. Чудно ли е тоа?

Како и да е, во Бугарија, со победата на Петков, за првпат на сцена се два спротивставени пристапи кон Македонија, едниот конструктивен и отворен, другиот закоравен и уценувачки. И двата сега имаат репрезенти на многу моќни позиции. Среќна околност е што Петков во своите намери има добар ветар во грбот и од евроатланските сојузници, на кои блокадата на Македонија очигледно им дојде на дневен ред и решија да ја тргнат.

Македонија, од своја страна, не треба да се опушти и да чека „на готово“, туку треба да стори сè што е во нејзина моќ за да покаже дека политиката на Петков и новата влада дава резултати и е покорисна и за Македонија и за Бугарија, па и за регионот во целина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот