Што научивме неделава: Традиција што тешко се искоренува

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Државата не е трофеј наменет за ние со него да се „гордееме“, туку е „садот“ во кој живееме. Нејзините недостатоци, груби дефекти, или голиот фушерај често се прашање на живот или смрт. Држава која е дисфункционална на кое било ниво или во кој било аспект, образовен, здравствен, еколошки, безбедносен, е смртоносна држава!

Ужасната трагедија во тетовската болница ја погоди Македонија како гром од ведро небо токму во свечениот ден, кога се славеше нејзиното тридецениското независно постоење, со доза самозадоволство, гордост, па и помпа. Како провидението да сакаше да ни покаже дека од тоа дали државата е независна, самостојна и суверена, уште поважно е од каков „материјал“ е направена. Што има „под хаубата“. Дали е средена или распашана, правна или криминална, принципиелна или фриволна, дали е „мерит“ или е „споил“…  Државата не е трофеј наменет за ние со него да се „гордееме“, туку е „садот“ во кој живееме. Нејзините недостатоци, груби дефекти, или голиот фушерај се прашање на живот или смрт. Држава која е дисфункционална на кое било ниво или во кој било аспект, образовен, здравствен, еколошки, безбедносен, е смртоносна држава. Лоша авиоконтрола – урнати авиони и хеликоптери, килави пловила – потонати бродови со туристи, лажен технички преглед – „Дурмотурс“-трагедии, непрописно изградени одводни канали – „стајковски“ поплави, запуштени противпожарни служби и канадери – изгорени шуми, дозволен увоз на лош мазут – отровен воздух… Дали да ја спомнеме смртноста од ковид во нашите болници, која кај нас галопира дури и кога бројките на заразени каскаат? Она што е болката за човековиот организам, тоа се несреќите и хавариите за државите – показател дека нешто сериозно не е во ред со државниот „организам“ и дека е потребен некој лек.

****

Во оваа црна „традиција“ на нашата млада татковина, ете, со големи букви се впиша и пожарот во тетовската болница, која како кибрит пламна за десетина минути и голтна најмалку 14 животи. Што беше причината? Се испитува. Дали некој е виновен? Се испитува. Дали се монтажните болници опасни? Не се, цакум-пакум се. Од сертифицирани материјали и со технички прием. Да не се нашите сертификати и технички приеми „бош“? Не, и тие се супер. Лекарите и сестрите да не се неуки, необучени, невнимателни? Таман работа! Да не е саботажа, пред две недели некој се обиде да пресече цевка со кислород? „Нашите сознанија“ велат дека не е. Да не потфрли обезбедувањето што ќе го подигневте на највисоко ниво? Воопшто! Да не се виновни „гостите“ во посета, роднини на болните? И што бараат посетители во инфективно одделение, та нели е тоа најстрого забрането? Ама, знаете каков е нашиот народ, не почитува забрани, тоа е една лоша традиција што тешко се искоренува… А каква е таа држава што не ги почитува своите забрани, а почитува „лоша традиција“?

Дали некој ќе одговара, дали ќе добие отказ, ќе поднесе оставка? Прво истрагата да заврши, да ги сумираме извештаите па ќе видиме, ќе ковертираме… Ех, да, и тоа е една лоша традиција што тешко се искоренува. Трагедии има, виновници нема, одговорност нема. И во тоа е трагедијата. А одговорноста не се бара за да му се одмаздиме на тој што ја предизвикал или не ја спречил трагедијата, туку да се најде начин тоа што е погрешно во системот да се исправи за да не се повтори. За „надлежните“ и вработените поодговорно, поревносно и попрофесионално да ги спроведуваат задачите што им се доверени. Тоа е „лекот“ за државниот организам за кој предмалку зборувавме. Тој лек мора да се зема редовно, а третманот мора да трае долго, долго, непрекинато…

****

Прославата на Денот на независноста ни покажа уште еднаш колку длабоко е поделено македонското општество, односно колку упорно некои луѓе работат на неговата поделба.  Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ без ронка чувство за државност и заедништво (а Денот на независноста треба и мора да биде токму тоа, Ден на заедништво) решија да си направат своја „алтернативна“ прослава во Битола.  И оттаму, меѓу другото, Мицкоски испрати и ваква порака: „Македонија сме сите ние, Македонија сте сите вие. Од нас зависи. Сите ние сме ковачи на судбината и ние мораме да ги преземеме работите во свои раце. Среќен роденден, татковино!“  Останува да се чудиме кои се „сите ние, сите вие“ во говорот на Мицкоски? Ние, Македонците, ние – вмровците, ние опозиционерите? Не знаеш дали ѝ честита на својата партија, на својата коалиција или на целата држава? Или тој си има некоја своја Македонија, а сите останати не припаѓаат во неа?

И потоа Мицкоски најави и вакво нешто: „Нашата цел мора да биде уривање и на последните стереотипи, поделби, клевети и обвинувања. Јас ќе уривам ѕидови што делат и ќе градам мостови што ќе обединуваат.“(!?) Каква контрадикција, каков оксиморон! Тој што копа ровови, ќе гради мостови, тој што дели, тој ќе обединува?  Како оној домородец што го прашале дали овде има човекојадци, а тој одговорил – нема, последните вчера ги изедовме!

***

Да не беше уште една трагедија – сообраќајката на патот Охрид – Кичево со смртни последици, немаше да дознаеме дека фамозниот Зоран Кичеец, кој треба да е во затвор за случајот „Рекет“, наместо зад решетки, казната ја „одлежувал“ на охридските плажи. Додуша, охридските угостители одамна шушкаа дека Кичеец „дрма“ во охридските дискотеки, дека ги  „менаџира“ од заднина, „носи“ турбо-фолк ѕвезди од Србија. Но, сето тоа беше на ниво на урбан мит, раскажано од чаршиски извори. Но, ете, сообраќајката придонесе вистината да излезе на виделина, а надлежните да се најдат во небрано. Како може затвореник со џип да предизвика сообраќајка, рипна јавноста! Па веднаш мораше да се крпат оправданија, лекарски уверенија, дијагнози, отсуства… Па човекот, кој формално требаше да е во затвор, беше сместен во притвор!

Едно се прашувам, кога ќе му истече отсуството поради (наводната) болест, Кичеец ќе мора да се врати на дослужување на затворската казна во Струга, а сега се наоѓа во притвор во Шутка. Нема друго чаре, Истражниот затвор во Шутка ќе мора да му издаде уверение дека е во притвор, за Кичеец да може да го оправда своето отсуство од затворот во Струга! Или, може да бара прекин на притворот за да ја дослужи затворската казна. А најдобро му е да ги извади и двете! Ако можел претходно, зошто да не може и сега? Со добра волја од луѓе на вистинска позиција, сè е можно! Е тогаш ќе може комотно да се врати во Охрид. Како Ленин во вицот со љубовницата и жената: Притворот ќе мисли дека Кичеец е во затвор, затворот дека е во притвор, а тој ќе си менаџира, менаџира…

***

Тоа што Бугарија и по два круга избори не може да формира влада, освен што ни ги замрзна европските интеграции, се заканува да ни ги расипе и вакцините што ни ги донираше самата Софија. Од бирократски причини бугарското Собрание дури сега ја ратификуваше одлуката да ни донира речиси 51.500 дози од вакцината „Фајзер“, кои ѝ беа ветени на Македонија уште во декември лани! Чекањето, се знае, за нас не било никогаш проблем, но овде има друга димензија – вакцините се толку стари што за дваесетина дена, до крајот на септември, им истекува рокот. Нашето министерство реши на подарен коњ да не му гледа во забите – рече, нема проблем, стари или не, за 20 дена ќе ги истрошиме, само нека дојдат. Море, каква ни е ситуацијата, ќе ги испиеме „на екс“! Но, мене една јанѕа ме јаде. Да не потрае оваа бугарска блокада кон нас многу долго, па и на Европската Унија да ѝ истече рокот додека ние станеме членка? Кога ќе се фател сиромавиот на оро, се кинел тапанот. А ние, познато е, не сме баш богати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот