Што можеме да научиме од распадот на Југославија?

An admirer of the late Yugoslav communist president Josip Broz Tito is seen wrapped in a flag of the former communist state in front of his memorial complex in Belgrade on May 25, 2017. People from various parts of former Yugoslavia flocked to Tito's grave to mark his birthday. Marking Tito's birthday a baton with a birthday pledge from all young people of former Yugoslavia was carried through all major towns and cities of the country.,Image: 333545808, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: OLIVER BUNIC / AFP / Profimedia

На 26 јуни 1991 година започна војна што ја уништи Југославија. Денес, и други мултиетнички држави и државни организации се соочуваат со слични предизвици. И затоа, нема причина за каква било ароганција

Дали вредеше? Деценија војни? Бегства, протерувања? Не – тоа би го рекле повеќето граѓани на седумте држави наследнички на Југославија, ако некој го праша нивниот репрезентативен колектив: и постарите, кои сето тоа самите го доживеале; и помладите, кои не се сеќаваат на ништо друго освен на постјугословенската ера.

Но, таков колектив не постои. Повеќе нема југословенско општество што тој колектив треба да го претставува.

Но, ако денес ги прашате луѓето во поранешните републики за тоа, ќе добиете многу различни одговори. Само мнозинството во Словенија се сеќава на заедничката мултиетничка држава на релаксиран начин. „Беше добро, прилично добро, за некои работи е вистинска штета, но на крајот повеќе не функционираше“: тоа е најраспространетата формула. Но, дали беше навистина в ред?

Речиси и да нема „југо-носталгичари“ меѓу Албанците на Косово. Сеќавањата за последната деценија на бившата држава за нив е премногу трауматична. На Косово немаше војна до 1999 година, но имаше полициски терор.

Од друга страна, многумина отворено жалат за распадот на Југославија во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, па дури – иако зад затворени врати или по третото пиво – и во Хрватска.

Нешто повеќе од десет години по независноста и војната во Хрватска, во едно тамошно големо истражување на јавното мислење, повеќето испитаници го опишаа Јосип Броз Тито како култна фигура на омразената Југославија, како најголем Хрват на сите времиња. Обидот да се замени таа позиција со таткото на хрватската независност во 1991 година, Фрањо Туѓман, не наиде на вистинско одобрување. Стипе Месиќ, втор претседател на Хрватска по осамостојувањето, гордо ги наслови своите мемоари: „Како ја уништивме Југославија“. Тоа не помина добро во јавноста. Второто издание на истата книга носи наслов: „Како беше уништена Југославија“.

Различноста не беше проблем

Земјата одамна го носеше семето на сопствениот распад. Проблемот не беше културната разновидност на жителите. Други нации, од Индија до Швајцарија или имиграциската земја како САД, излегуваа и сѐ уште излегуваат на крај со далеку поголеми разлики. Проблем беше односот кон таа разноликост.

Во „првата Југославија“ во меѓувоениот период (1918-1941), слоганот беше дека националните, конфесионалните или културните разлики треба, ако е можно, да се игнорираат. Се случи спротивно на посакуваното: токму затоа што разликите не требаше да претставуваат проблем, релативното мнозинство – Србите – успеваа да се пробијат.

По нападот на нацистичка Германија и силно етнички обоената граѓанска војна што следеше во 40-тите години на минатиот век, југословенските комунисти ветија дека нема да ја повторат старата грешка. Во „Втора Југославија“ (1943-1991) свесно беа земени предвид старите национални идентитети – и беа промовирани нови, на пример Македонци, муслимани (сега Бошњаци) и на крајот и Роми.

Овој систем функционираше сè додека, според советскиот модел, националниот идентитет се сфаќаше како фолклор и сè додека Комунистичката партија беше исклучиво одговорна за политиката. Но, како што комунизмот стануваше сѐ понеизвесен, а парламентарната демократија се покажа како супериорна низ целиот свет, и кога митот за партизанското војување на крајот згасна, националната припадност добиваше сѐ повеќе и повеќе политичко значење.

Етникум наместо демократија

Функции, работни места, финансии, автопати, фабрики и компании – во социјалистичка Југославија етничкиот „клуч“ секогаш беше земен предвид. Одлуките на мнозинството беа забранети, затоа што едната националност беше секогаш посилна од другите. Сè беше насочено кон постигнување оптимална рамнотежа. Но, рамнотежата можеше да биде само нестабилна, а кога се наруши, како во Хрватска во раните 1970-ти, Тито пресудуваше и ги праќаше оние што го нарушуваа мирот в затвор.

Можниот наследник на Тито, големиот медијатор, мораше да биде успешна мешавина на сите југословенски националности. Но, таков некој не се роди.

Во осумчленото југословенско претседателство што следуваше, мнозинските одлуки беа формално можни, но кога една нација беше надгласана, опстанокот на државата веднаш беше доведен во прашање.

Логиката на поделба

Денес, југословенските носталгичари повторно, како пример, го фалат моделот на мултиетничка држава; земјата беше уништена од непријателски странски сили или злонамерни политичари.

Но, општеството, кое го дистрибуира своето богатство и моќ според етнонационални квоти, не треба да биде изненадено кога преовладуваат конфликтите меѓу етничките групи и кога тие ќе започнат да одредуваат сè. На крајот, поделбата беше логична последица. Како и на други места во светот, во Југославија немаше недостаток на малициозни луѓе кои го донесоа проектот до крвав крај.

Ова не значи дека Југославија никогаш немала шанса. Кога, кон крајот на 60-тите години на минатиот век, духот на демократскиот пресврт завладеа скоро насекаде во светот, младите во Југославија се бореа за либералните вредности. На повеќето им беше поважна  граѓанската отколку националната еднаквост. Но, старата гарда на власта, предводена од Тито, не можеше да се осмели да тргне кон поголема демократија. Наместо тоа, реши уште повеќе да го врамнотежи етничкиот баланс. На крајот, сите се чувствуваа искористени од сите. И тоа сите – со право.

Југославија никогаш повеќе нема да постои. Но, другите мултиетнички држави и државни организации денес се соочуваат со предизвици слични на оние со кои се соочуваше југословенската мултиетничка држава пред нејзиното распаѓање. Тоа е доволна причина при какво вртење наназад да се избегне каква било ароганција.

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот