Што може Македонија да очекува по ладниот туш од Макрон?

Фото: Profimedia

Францускиот претседател Емануел Макрон утре на претседателот Стево Пендаровски директно ќе му ги објасни причините зошто ја затвори вратата на Европската унија за земјите од Западен Балкан.

Најважно е што претседателот Стево Пендаровски на средбата со шефот на Франција, Емануел Макрон од прва рака ќе добие објаснување за неговиот став во поглед на давањето на датум за преговори со Европската унија. За „Слободен печат“ поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека Пендаровски нема да слушне детали што треба Македонија да направи, бидејќи веќе имаме насоки што треба да сработиме.

– Сигурно дека во овој кус разговор не се оди во такви детали, туку тоа се остава да се договара на други нивоа. Двајцата претседатели ќе разговараат за начални и важни работи, за перспективите на Унијата, но и на Западниот Балкан во ЕУ, вели Зашов.

Екс амбасадорот, верува дека Макрон ќе ги објасни мотивите, но исто така и перспективите како тој гледа на понатамошното приклучување на Западниот Балкан кон Унијата. Тој очекува Пендаровски да го увери Макрон во целокупното мислење и од политичките кругови и од македонските граѓани во поглед на европската иднина на Македонија.

– Двајцата претседатели ќе зборуваат и за најавената реформа за приемот на нови членки но и генерално за реформата во Унијата не само во поглед на проширувањето, туку и околу иднината на оваа европска организација, вели поранешниот амбасадор Зашов.

Пендаровски веќе е во Франција. Вечерва ќе има вечера во Елисејската палата, што францускиот претседател Емануел Макрон ја приредува за шефовите на држави и меѓународни организации кои се дел од Парискиот форум за мир, а утре ќе има средба со домаќинот. Пендаровски ќе има свое обраќање на Парискиот форум за мир на тема регионална безбедност.

Пред да отпатува Пендаровски рече дека очекува да ја слушне методологијата за реформи во ЕУ, но и да знае кога навистина ќе почнеме со преговори. Најави дека на Макрон ќе му пренесе дека земјата е подготвена за преговори, па макар, како што рече новата методологија да биде и пет пати посилна и потемелна, бидејќи земјата има тимови кои се подготвени да влезат во такви преговори.

– Ние сме мала држава, имаме силни аргументи кои ќе бидат кажани на таа средба, меѓутоа да не одиме со преголеми очекувања, затоа што ниту Америка, ниту Германија, никој никогаш не може да го убедува претседателот на Франција“, рече претседателот Пендаровски, ден пред да отпатува за Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот