Што можат, всушност, да се договорат Заев и Мицкоски?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Нова драма во Македонија: во понеделник во 13 часот, во Клубот на пратеници, ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу Заев и Мицкоски!

Та-даааам!

А, што можат, всушност, да се договорат Заев и Мицкоски?

Во однос на кредибилитетот и маневарските можности на овие двајца соговорници, средбата е прилично, фактички, „асиметрична“. Заев седнува на разговор со свежо и најдемократски потврден лидерски легитимитет и како претседател на својата партија и како премиер на Владата што ја предводи. Мицкоски има крајно проблематизирана и партиска лидерска позиција и позиција на лидер на севкупната опозиција.

Заев не го сака Мицкоски (и не штедел зборови во критиките на негова сметка), но официјално понуди соработка со опозицијата, дури и во создавање на заедничка, „обединителна“ влада. Мицкоски исто така не го сака Заев (и не штедел клевети и навреди на негова сметка), а понудата за заедничка влада инстантно ја отфрли со образложение дека „пакт со криминалци нема да се случи“.

Сега, пак, Мицкоски одеднаш најавува дека е подготвен со Заев да разговара „на секоја тема“: пописот, пандемијата, за економијата, блокираните евроинтеграции и широки или концентрациони влади за национален спас.

Хмммммм… Зошто така нагло вртење, врат да исчашиш, во потполно спротивна насока?! Тоа повикува да го погледаме контекстот…

Не знаеме како поминала средбата помеѓу Никола Тодоров и Никола Груевски во Будимпешта, но она што следуваше е одложување на вонредниот конгрес на иницијаторите за смена на Мицкоски, а сега се случува и нагло чувство на „одговорност“ и загриженост за ситуацијата на Мицкоски за тој да бара средба и договор со Заев. Тоа „мириса“ дека е постигнат некаков договор во ВМРО на линија Будимпешта-Скопје во кој или учествува Мицкоски; или е предмет на договор во кој не учествува.

Од друга страна, Мијалков и Камчев се во притвор, на Груевски обвинителите му влегуваат во трага на имотот (сè некако мислам дека ќе има и обвинителски новитети околу парите), а во случаите на СЈО се доаѓа до судски завршници, макар во прв степен. Можеби на Мицкоски полека му „светнува“ дека толку пропагандистички форсираниот наводен „договор“ помеѓу Заев и сите спомнати (и неспомнати) можеби и нема, што го чини испорачувањето на правдата (без што, нели, нема мир) непредвидлива политичка варијабила којашто, на крајот, неповолно ќе го „тресне“ и него по глава.

Од трета страна, некој веројатно му шепнал на реконвалесцентот Мицкоски дека понудата на Заев за „обединителна“ влада не е нешто што овој го сонил претходната ноќ, па им го „влепи“ следниот ден. Можеби Мицкоски почнува да сфаќа дека се работи за шаховска партија што е пошироко координирана и потесно консултирана отколку што му се чини, а многу пати кога тоа претходно го игнорирал, го „јадел стапот“, бидејќи не бил способен да (пред)види подалеку од носот.

Плус целата комплексна ситуација во државата во која опозицијата (буквално до вчера!) само седеше на трибините и жолчно пцуеше по играчите на теренот, по судиите, по коментаторите и по секого кој се обидува (и успешно и неуспешно) нешто да помогне, да реши. Граѓанството е незадоволно, загрижено, уплашено… И не гледа помош од трибините. Овие што го мразат Заев (нивниот број расте), никако не го сакаат Мицкоски (нивниот број е стабилен и секогаш поголем од оние кои не го сакаат Заев).

Така, некако, Мицкоски одеднаш е заинтересиран за „пакт со криминалците“. Можеби затоа што е тоа единствената понуда „на масата“. Следната што ќе дојде ќе биде полоша за него.

Анализата, пак, на маките на Заев е многу поедноставна: нему бродот „му пропушта“ од десетина дупки, некои поголеми, некои помали, а до пристаништето има уште толку многу нишање, што и Мицкоски му е неопходен да се фати за весло. Заев во моментов лично е застанат зад неколку високи функционери од кои добар дел од јавноста очекува одговорност и оставки; незадоволството од катастрофата со вакцините е толку опипливо, што може „да се сече со нож“; економијата е на „стаклени нозе“, без разлика на објективните причини за тоа; парична помош – малку е!; нов државен кредит – многу е!; карантин – бууууу!; некарантин – бууууу!; нешто да се гради – граѓаните сакаат зеленило!; нешто да се сади – граѓаните сакаат станови и шопинг-молови!; со Бугарите – бууууу!; со ЕУ – бууууу!; ако се апси –  ете, има договор!; ако не се апси – ете, има договор! … И тн.

Заев нема проблем во партијата, има проблем со граѓанството. Непходно му е смирување, ако веќе не и помош, од овие што од трибините постојано го гаѓаат со кикирики и скандираат „За-ев-ел-џи-би-ти!“.

Значи, во ваков контекст, што можат, всушност, да се договорат Заев и Мицкоски?

Средбата ќе биде без присуство на Албанци, што можеби е првпат од 2001 година – колку што мене ме држи памтењето – официјално да се среќаваат лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ без присуство на сите или барем на некои од лидерите на албанските политички партии. Тоа значи дека некој голем договор нема да падне, бидејќи консензусот за тоа – дури и ако постигнат пред-договор за договор – ќе мора да биде мултиетнички, со дополнителни образлагања, убедувања и, ако е потребно, странски „виткања раце“.

Уште поважно, средбата ќе биде без присуство на – никого! Тоа значи дека ќе се разменат искрени аргументи со неискрени мотиви коишто не можат да се раскажат јавно. Господ знае – „а и Тој работи за МОСАД“ – што ќе си кажат двајцата меѓусебно. Но, самиот тој факт ќе им остави слобода „пред своите“ да го толкуваат разговорот така како што тие сакаат. Тоа на Мицкоски повеќе му одговара, бидејќи околу него и хаосот и потребата од манипулации се поголеми, слично како што – во балансот на стравот и заканата – толкувањата на договорот Груевски-Тодоров е само нивен прерогатив.

Затоа е препорачливо во врска со оваа прва ваква најавена средба да не се негуваат големи очекувања за „љубов и разбирање“. Доколку, сепак, не дојде до потполно разидување во ставовите (што ќе го дознаеме веднаш по средбата, ако фатат да го кршат порцеланот), ќе биде интересно да се видат разликите во толкувањата што ќе се „преточат“ низ блиските медиуми на обајцата.

И двајцата имаат потреба да си помогнат. Прашањето е само дали можат да се договорат. Но, без грижа, цехот секако го плаќаме ние.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот