Што ли однесе Заев во Софија, или што ќе донесе Луксембург?

Високи дипломатски извори потврдија за МИА дека меѓу земјите членки на Европската Унија има „огромна“ поддршка за предлогот што го поднесе португалското претседателство неодамна за надминување на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

Нема и нема да има преговори за македонскиот јазик во преговорите со Софија и тоа го знаат сите вклучени во процесот. Ова е одговорот на македонската Влада откако викендов бугарски медими објавија дека премиерот Заев Заев при посетата во Софија на техничкиот премиер Стефан Јанев му понудил опција за јазичниот спор „дека Бугарите и Македонците истовремено говорат на ист јазик, но и на различни, кои меѓународни се признати како посебни“.

Од кабиентот на Заев нема официјални информации што содржи предлогот на премиерот за решение на спорот меѓу Скопје и Софија. Од таму велат дека посетата е позитивен исчекор, а протугалскиот предлог е добра основа за конечно решение кое ќе ги задоволи двете страни.

„Владата е убедена дека решението е можно, а за да се обезбеди истото се вложуваат безрезервни напори бидејќи граѓаните очекуваат и бараат европска иднина за нашата земја. Истовремено, јасни се македонските позиции за идентитетските линии, а тоа е дека нема и нема да има преговори за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик и тоа го знаат и го разбираат сите вклучени во процесот. Јасно и категорично ги отфрламе како неточни и штетни информациите објавени во дел од медиумите во кои се спомнуваат некакви формулации за решенија. Таквите дезинформации имаат намера да му наштетат на процесот“ – одговараат од Владата за содржината на предлогот.

Официјални информации за предлогот нема ни од бугарската влада иако премиерот Јанев најави дека веднаш ќе ги разгледа новите идеи на македонската страна.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека ниту Заев ниту Владата директно не се оградиле од предлозите за јазикот, онакви какво што се објавени во бугарските медиуми.

– Зоран Заев јавно да каже што точно предложил како решение пред бугарската страна? Укажуваме дека доколку Заев прифати вакво решение или формулација како што пишува во бугарските медиуми, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати и ќе го напушти договорот – изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, возвраќаат дека опозицијата манипулира, а власта транспарентно го води процесот.

„Од ВМРО-ДПМНЕ лажат и дека институциите молчат. Владата предводена од СДСМ соопшти дека за време на вчерашните средби е направен позитивен исчекор, се унапреди меѓусебната доверба и дијалог и истовремено ги демантираше написите на одредени медиуми за наводно прифатени формулации за постигнати решенија“ – одговори СДСМ.

Посетата на Зоран Заев на Софија во четвртокот ги растресе политичките партнерства во Бугарија и предизвика меѓусебни напади на партиите. Повеќето се натпреваруваа која ќе искаже потврди ставови кон Македонија.

– Република Северна Македонија не може да ги започне преговорите за членство во ЕУ без да го исполни потребните услови, изјави лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов, која се смета за фаворит на изборите.

Красимир Каракачанов, поранешен вицепремиер, пак, го нападна поранешниот премиер Бојко Борисов, затоа што се обидел проблемот со блокадата на Македонија да го префрли врз службената влада. Каракачанов рече дека сега се чувствува изигран од лидерот на ГЕРБ.

Во меѓувреме продолжуваат провокациите во Бугарија во предизборната кампања. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по своите националистички испади, објави предизборен спот во кој отворено тврди дека „Македонија е бугарска“, а му порачува на Заев дека „тоа го заборава, освен кога нешто му треба“

На прашање на порталот Мкд.мк дали и како ќе реагира македонската влада на овие провокации и навреди од бугарскиот европратеник, владината прес-служба одговори дека „Сите дејствија на кој било чинител што одат спротивно од дијалогот, од грижата за другиот и од градењето доверба, се дејствија против добрососедството и против пријателството“.

Академик Катица Ќулавкова во своја објава на „Фејсбук“ реагираше поостро.

„Таквата историска свест е заслепена, пристрасна, примитивна, фрустрирана, конфликтна и опасна. Слоганот „Македонија е бугарска” прогласен за официјална стратешка цел на Бугарија е закана по мирот. Македонската држава и меѓународната заедница, посебно ЕУ, треба да го осудат овој освојувачки политички дискурс без одлагање“, напиша Ќулавкова.

Во меѓувреме продолжува интензивната активност на македонската дипломатија во пресрет на Советот за општи работи кој почнува утре во Бирсел, по што ќе следува Самит на Европскиот совет, на кој треба да се донесат клучни одлуки за иднината на пристапниот процес, пред се за Македонија и за Албанија. Премиерот Заев и и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров учестввуваа викендов на уште еден самит за Западне Балкан, каде, како што информираа, уште еднаш добиле безрезервна поддршка за почеток на преговорите. И австрискиот канцелар Себастијан Курц по средбата на Самитот соопшти дека Северна Македонија сработила одлично на патот на евроинтеграциите. Според канцеларот Курц, потребно е да се исполнат ветувањата и брзо да се започнат пристапните прегоговори.

Високи дипломатски извори потврдија за МИА дека меѓу земјите членки на Европската Унија има „огромна“ поддршка за предлогот што го поднесе португалското претседателство неодамна за надминување на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија. За неколку дена министрите за европски работи на 27-те земји членки на ЕУ ќе се состанат во Луксембург каде ќе дебатираат за преговарачките рамки  и одржувањето на првите Меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија. Повеќето земји членки на ЕУ исто така оценуваат дека Тирана и Скопје не треба да бидат одвоени.

– Португалскиот предлог има за цел да го отвори патот за изнаоѓање прифатливо решение кое ќе ги земе предвид преокупациите на земјата членка и на земјата кандидат, но се разбира дека е суштински да се земат предвид преокупациите и на сите други земји во Советот, одлуката се носи едногласно, објасни за МИА висок ЕУ дипломат инволвиран во процесот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот