Што ли ќе ги советува „келнерот“ во Будимпешта?!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Го читам вчерашното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ за посетата на тандемот Мицкоски-Николовски на Будимпешта и не знам дали да се смеам или… да се паднам од смеење. Како што беше објавено, двајцава фатија пат за Унгарија и Словенија за таму да „лобираат“ за европската интеграција на земјава во ЕУ. Како изгледа залагањето за сопствената татковина, според сфаќањата на парот лидери на опозицијата?

Мицкоски и Николовски во Будимпешта, говорејќи „за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ“, всушност, се натпреварувале кој ќе каже нешто полошо за Македонија: реферирале дека „граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда“, за „катастрофата што се случува во економијата“, за „исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето“, па „биле истакнати злоупотребите кои се правеле од власта во повеќе сфери“, дека „сите конструктивни предлози на ВМРО ДПМНЕ врзани за пописот беа одбиени и нема таков случај во Европа каде влада без консензус со опозицијата турка попис што е јасен показател дека власта нема чесни намери“ итн.

На тоа, нивните пријатели од партијата Фидес се обврзале верно да ги пренесат сите нивни антимакедонски кукумјавки во Брисел, за да се забрза процесот на евро-интеграција на Македонија во ЕУ во наредните 50 години, а земале и обврска да му пренесат на Орбан дека мора да се засили медиумската антивладина пропаганда што тие ја финансираат во Македонија, за Мицкоски што побрзо да дојде на власт во земјава.

Потоа сите ги дигнале чашите пенливо вино да наздрават за успешниот настап на оваа „предгрупа“ во очи на главната свирка на концертот…

Бидејќи, има еден занимлив детал од оваа траги-комична посета што, до сега, гледам, никој не го коментира. Имено, на официјалната фотографија од средбата се гледаат поднасмеани, застанати на дистанца, нашиве двајца опозициски великодостојници и нивните двајца домаќини, но во десниот агол се гледа и уште еден пар чевли и половина од главата на некоја личност со маска на лицето, како држи послужавник… Мене ова неидентификувано, маскирано лице ми личи на Груевски. Добро, малку е повисок и поќелав од она што го памтиме за Грујо, ама па одамна не сме го виделе, можеби човекот се извишил и подостарел во меѓувреме?!

Сеедно, вистински е часот за таа консултација! Многу опозициски порази се насобраа, Мицкоски никако не може лично и политички да си дозволи по изборите во Бугарија да се случи напредок во македонската евро-интегративна агенда. Нему му е јасно дека годинава економски ќе биде подобра од лани – та, тешко дека и може да биде полоша! – дека епидемијата, со целата своја непредвидливост, како полека да попушта, дека новата администрација во Вашингтон нема да губи време со поддршката за Македонија, па ако се случи, за нив, и непосакуван напредок на Македонија со Европа, тогаш и следните локални избори ќе го „оберат бостанот“ и ќе ги „љуфнат“ како сите претходни општи гласања во државава во изминатите 3-4 години…

Тој низ од реални порази би бил неиздржлив дури и за партиско-политичката виртуелна реалност во која живее ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нема куфер што нема да биде спакуван.

Добро, нешто од патриотската хистерија ќе се спасува околу новите конфронтации за бојкот на пописот, но тие со право се плашат дека и таа долго одложувана статистичка операција ќе добие поддршка за изведување од ЕУ и од САД, што нив ќе ги стави, по стоти пат, на губитничката страна на политичкиот процес во Македонија, без разлика дури и што ќе стане со пописот. Тој след на околности мора да се поремети!

За тоа се бара поддршка и во Будимпешта и во Љубљана. „Не нè оставајте сами!“, е работниот наслов на оваа „меѓународна активност“ на дуетот Мицкоски-Николовски.

Не знам „келнерот“ од фотографијата што ќе ги советува, но 2021 година може да се покаже како последна шанса за некаква реставрација на неговиот пропаднат режим. Сега или никогаш!


Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот