
Што ќе ни е нов клинички, кога си имаме болница стара 50 години
Клиничките центри во Скопје и во Штип беа од животно значење за ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија, но кога партијците станаа функционери, сфатија и дека „8 Септември“ ни е доволна
Дали на Македонија ѝ е потребен нов клинички центар? Еве, јас немам одговор на ова прашање, а очигледно одговор нема ниту актуелната власт. Односно, актуелната власт додека не била власт, сметала дека клинички центар треба да се гради во Скопје, и не само во Скопје, туку и во Штип. Ама, откако станала власт, смета дека капацитетите изградени во ерата на „црниот комунизам“ ни се доволни.
Препорачано
„Седум години власт на СДС и ДУИ резултираше со уништен здравствен систем, незадоволни лекари и граѓани што ја изгубија довербата во најхуманиот ресор. Затоа на здравствениот систем во Македонија му е потребен комплетен рестарт. ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, има визија, но и мисија да го стави здравството високо на приоритетите. Градиме нов концепт за здравството. Платформата за здравствената иднина предвидува комплетна трансформација. Најпрво приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде изградба на нови клинички центри во Скопје и Штип“, ова е извадок од прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, дадена во пресрет на парламентарните и претседателските избори, на кои оваа партија оствари голема победа.
Но, една година подоцна, сега веќе функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека клинички центар не ни треба. Ни во Скопје, ни во Штип.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, презентирајќи го буџетот на Фондот за 2025 година, рече дека во моментов идејата за нов клинички центар е малку паузирана за да се види кои се потребите на општеството.
„Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти“, изјави Клековски.
Дека Македонија има проблем со демографијата, дознаа од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата дури откако дојдоа на власт, бидејќи лани во опозиција кога најавуваа изградба на два клинички центра, очигледно не знаеја дека младите се иселуваат во странство во потрага по поквалитетен живот. Една од главните компоненти на квалитетен живот, да им кажам на тие што можеби не знаат, е токму квалитетната здравствена заштита. Таква здравствена заштита во Македонија одамна нема. Барем нема во јавното здравство, односно за да се чувствувате како човечко битие, треба да одите во приватна болница и тоа да го платите со „бубрег“.
Друга работа што во ВМРО-ДПМНЕ не ја разбрале најдобро е тоа дека со опаѓањето на демографијата, како резултат се добива возрасно население. Токму возрасните, мислам на сениорите, најмногу имаат потреба од лекарска нега, што значи дека нас допрва нè очекува наплив на зголемен број возрасни во клиниките, кои имаат потреба од лекување.
Е, сега доаѓаме до главното. Кога Клековски рече дека планот за нов клинички центар се става „на пауза“, тој дополни и дека постојната болница „8 Септември“ е најблиску до стандардите на клиничкиот центар, па се размислува оваа медицинска институција да се претвори во регионален центар. Само да ве потсетам, тоа што вие си го викате „8 Септември“, порано се викаше „Воена болница“ и е пуштена во употреба во 1971 година, како стратегиски објект на Југословенската народна армија (ЈНА). Повеќе од пет децении подоцна, нашата власт констатира дека ние, всушност, немаме ништо подобро од тој објект и дека можеби и не можеме ништо подобро ни да изградиме. Да бев зол ќе кажев јавно и „со задоволство вмровецот оди во ЈНА“, ама ај, ќе го кажам тоа само вака, за одбрано друштво.
Уште еднаш имавме можност да ја почувствуваме бескрупулозната разлика на водење кампања и реална политика. Клиничките центри во Скопје и во Штип беа од животно значење за ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија, но кога партијците станаа функционери, сфатија дека и дека „8 Септември“ ни е доволна.
Така е тоа, не е клинички центар споменикот на Ќосето, па да го кренеме и да го дислоцираме кога ќе ни ќефне.