Што е оваа штама после толкава галама!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Очигледно наместо галамата, завладеала самоувереноста од претходните изборни успеси. Во таква ситуација на егзалтираност, гледаш само нагоре и напред, а забораваш да се свртиш наназад и уште поважно долу, во обичното секојдневие на граѓаните.

Уште првиот круг на локалните избори не заврши, а во штабот на владејачката СДСМ завладеа штама. Веројатно не можеле да им веруваат на своите очи кога ги виделе резултатите што доаѓаат од партиските извештаи од гласачките места и од апликацијата на ДИК. Е, тогаш настанува штама, кога немаш што да кажеш. Но штама, исто така, владее секогаш по многу галама. А таква имаше многу за време на изборната кампања.

Прашањето е зошто имаше толку многу ука, бука, токму за време на кампањата. Па веројатно затоа што галама немало многу порано, во редовите на владејачката партија, кога можеби требало да има. Очигледно наместо галамата, завладеала самоувереноста од претходните изборни успеси. Во таква ситуација на егзалтираност, гледаш само нагоре и напред, а забораваш да се свртиш наназад и уште поважно долу, во обичното секојдневие на граѓаните.

Не се само НАТО, ЕУ и Бугарија целта на постоењето на овој народ и држава, иако се многу важни. Но, животот тече сега и тука, во здодевното секојдневие на појди на работа и врати се дома. Всушност, не е којзнае какво откритие дека татковината најпрво се сака пред куќниот праг. Тука најважна улога има она што со политички речник го нарекуваме „локална власт“ и општинскиот градоначалник. СДСМ губи на овие локални избори, не затоа што имала погрешни политики на државно ниво, како што сака опозицијата да прикаже, туку затоа што локалната власт не си ја заврши својата работа. Ниту навреме ниту како што треба. Тоа бреме ѝ го нагрби на централата која мораше да вади костени од оган со глобални теми и со празни флоскули во кампањата, кои на локални избори не допираат до граѓаните. Или не допираат барем до оние граѓани што се неопределени или кои се дури и нивни поддржувачи, но се незадоволни од учинокот на своите градоначалници и од нивниот избор.

СДСМ мора еднаш да разбере дека нејзините „сапортери“, не се послушна војска на која ќе ѝ наредиш да гласа по секоја цена дури и за „магаре“ ако ѝ го предложиш за кандидат. И цената ќе си ја платат за тоа. Изборот на градоначалници, генерално, им беше лош и тоа нема врска со некакви анкети на кои избраниве „демек“ победиле. За такви анкети никој нити чул нити видел. На крајот на краиштата, што им вредат анкетите кога граѓаните им веруваат на своите очи, кои гледаат оштетени улици, секојдневно пукнати водоводни цевки, канализации од кои шахтите по секој дожд се претвораат во гејзири и др. А тоа го гледа и опозицијата. Во таква ситуација е лесно да излезеш пред граѓаните, да не понудиш ништо конкретно, да не разбираш каде завршува градот, а каде почнува општината, да не знаеш да поврзеш две реченици за тоа како функционира градот, освен напишаното од партијата, туку само да ветуваш, да ветуваш…

Но, тоа се правилата на секои избори. Секој го прави истото, само да ги убеди граѓаните во „своето“, а да ги разубеди во „туѓото“ ветување. Во Македонија, како по правило, речиси секогаш победува ова второто и затоа кај нас има избори на кои не се гласа „за“, туку „против“. Веројатно тоа се случува и сега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот