Што е држава?

Владимир Глигоров

Рутински се говори за „нашата држава“, како државата да е нечија етничка сопственост. Затоа е потребно да се каже дека никој нема сопственост врз државата

Кога се распаѓаше Југославија, новите независни држави усвоија устави во кои се знаеше да се напише, обично во преамбулата, дека станува збор за држава, на пример, на српскиот или хрватскиот народ и на сите други граѓани што живеат во неа.

Лесно е да се забележи влијанието на Орвел затоа што сите се еднакви, освен што едните се издвојуваат во однос на другите. Тоа подоцна се менуваше, на хартија. Рутински се зборува за „нашата држава“, како државата да е нечија етничка сопственост.

Заради што е потребно да се каже дека никој не е сопственик на државата. На дебатите по 2000 година во Србија, националистите се обидоа да воспостават некаков вид еднаквост помеѓу оние што рекоа дека е или треба да биде граѓанска држава и оние што рекоа дека треба да биде само српска. Така настана поимот за „граѓанизам“, што треба да биде анационален екстремизам исто толку погрешен како и национализмот, кои оние што не припаѓаат на нацијата чијашто е државата се сметаат за граѓани од втор ред.

Разликата, меѓутоа, е во тоа што под граѓанската држава се мисли само на тоа што никој не е сопственик на државата според едно или друго колективно својство. Што значи ова, најдобро се гледа по примерот на земјата која по постанокот е граѓанска, а тоа е Америка. Да ги земеме оние кои сакаат да ја повратат сопственоста на својата земја. Под што некои подразбираат дека е христијанска, или бела, или народна, а не елитистичка, или во сопственост на естаблишментот, или на богатите. Што значи ова повикување на сопственоста над државата?

Во суштина, она што го сугерираше орвелската формулација е дека државата е наша и на сите други што живеат во неа. Дека едни имаат супериорно право во својата држава од другите граѓани, што потоа се рефлектира во сè што е важно во правото и политиката. Во Америка тоа е тешко да се оправда со историски причини, бидејќи нејзините граѓани се доселеници, па затоа е тешко дека можат да се повикаат на историско право. Таа, се разбира, не е единствената таква држава. А, впрочем, сите народи се доселеници на еден или на друг начин. Но, оние кои се веќе тука можат, и претежно тоа и го прават, да побараат да имаат еден или друг вид предност во однос на другите на кои, инаку, им се признаваат еднакви права.

Во принцип, меѓутоа, државата не е ничија колективна сопственост, што се обезбедува онолку колку што се може или со либерално-демократски поредок или со политички унии.

Државата, исто така, не е сопственик на сопствена територија или на која било територија. Ова е посебно јасно на примерот на замена на население или територија. Тоа не значи дека државата не може да има доволно моќ да протера некои жители или да се договори со друга држава за размена на населението. Ова е наша, а ова е ваша држава, затоа ние ќе ви ги испратиме вашите, а вие нашите. Или, на таа територија живеат наши, а на оваа ваши, па да размениме територии. Таа моќ не е нереална, заради што се тежи да биде ограничена со уставот со кој токму се негира дека државата е сопственик на територијата и на луѓето кои живеат на неа.

Државата, се разбира, може да поседува, да речеме, земјиште или руди или шуми и да ги отуѓи доколку ги продаде на приватни лица, или компании, па дури и на странски државни компании. Меѓутоа, кога станува збор за државната територија, се мисли на простор каде што живеат луѓе во правниот поредок на таа држава. Со други зборови, територијата се одредува според тоа до каде достигнува правниот поредок на една држава. Самата територија не е во сопственост на државата бидејќи не се граѓаните на државата во сопственост на државата.

Повторно, ова не значи дека државата не може да употреби сила за да посегне по територија, или да протера некои нејзини граѓани или да ги размени за други. Како што може и да одлучи да отуѓи територија. Ако, да речеме, територијата на една држава се смета за сопственост на оној или на оние кои се на власт, тие можат да отуѓат некој дел од земјата, на пример, да го продадат на друга држава или да разменат делови од државната територија за други. Колку за пример, Трамп во еден миг имаше намера да го купи Гренланд. Кого што Данска, всушност, не може да го продаде. Што не значи дека населението на Гренланд не може, ако сака, да се осамостои и да се обедини со друга држава.

Така, целата реторика дека ова е наша држава или наша територија не може да се потпре на самата идеја на државата, но може да се наметне доколку се располага со потребната сила.

 

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот