Што добија здравствените работници за борбата со ковид-19? Засега само благодарници и аплаузи, Филипче најави и парични награди

epa08402493 Medical personnel clap and wave from the balcony of the Infectious Diseases Clinic in support of the work that nurses and midwives do to ensure clean care for patients, mothers and babies during the COVID-19 pandemic, as well as to commemorate the World Hand Hygiene Hay in Skopje, Republic of North Macedonia, 05 May 2020. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Здравствените работници, без разлика дали се лекари, медицински сестри, болничари или техничари од сите специјалности, се на првата борбена линија во спасувањето на животот на болните од Ковид 19. Овој напор и притисок на кој се изложени здравствените работници во многу земји се препознава и наградува, додека кај нас досега се поделија само благодарници. Од Министерството за здравство велат дека се разгледуваат буџетските можности за парични награди на здравствените работници.

На Светксиот ден на хигиената, министерот за здравство Венко Филипче додели благодарници на тимовите од инфективните одделенија од Клиничката болница – Битола и Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, ГОБ 8 Септември, КБ Битола, КБ Штип и ОБ Дебар.

Од Министерството за здравство велат дека нема да остане само на аплауз и благодарници, се разгледуваат буџетски можности за парични награди.

„Во овие исклучително тешки моменти и пред најголемиот светски здравствен предизвик – вирусот КОВИД-19, здравствените работници го даваат својот максимум за спасување на животите на нашите пациенти. Тие се први на удар на вирусот. Во план е покачување како награда за здравствените работници кои деноноќно се грижат за пациентите и се борат против КОВИД-19. Во моментов се разгледуваат буџетските можности за оваа намена“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

И министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција најави дека планираат одредена сума на пари како награда за сите лекари и медицински сестри кои работеа овој изминат период со заболените пациенти.

Од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар велат дека стимул и потврда за сработеното е да се даде и награда како еднократен паричен надоместок, но сепак решението лежи во зголемување на платите.

– Ги разгледуваме сите барања со нашите членови и откако ќе ги дефинираме ќе ги објавиме но генерално ќе побараме зголемување на основната плата, но и бенефициран работен стаж – вели Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот.

Тој додава дека ќе се бара и вработување на здравствените работници кои се под договор на дело. Тие во третманот на заболени од ковид-19 имаа ист ангажман како и оние кои се редовно вработени.

За разлика од кај нас, од 1 април платите на сите здравствени работници во Србија се зголемени за 10 отсто, а на тој начин државата им се заблагодари за нивната прекрасна работа во борбата против коронавирусот.

Кај нас проблем се јави и со редовната исплата на плати. Така, вработените во Институтот за јавно здравје не ја добија навреме мартовската плата, бидејќи институтот подолго време е финансиски нестабилен и со поголеми долгови иако долго време беа единствен центар каде се правеа лабораториски испитувањата за коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот