Што да се очекува од посетата на Макрон во САД?

Макрон - Бајден/ Фото EPA-EFE/Ting Shen / POOL

Синоќа во Вашингтон беше поставен црвениот тепих за францускиот претседател Емануел Макрон, кој замина во официјална посета на САД. Тридневната посета на Макрон веќе е во тек, а на неа се очекува пет клучни точки да бидат коментирани.

Средбата на Макрон и Бајден доаѓа во едно турбулентно време, во моменти кога Западот е под голем притисок за различни прашања.

Војната во Украина

Односите меѓу Макрон и Бајден не беа најсјајни. Во септември 2021 година, САД објавија дека влегуваат во сојузот АУКУС со Австралија и Велика Британија, оставајќи ја Франција со празни раце, губејќи милијарди евра.

Но, војната во Украина го промени нивниот однос. Руската инвазија на нејзиниот сосед го подобри односот меѓу Франција и САД, кои станаа едни од клучните сојузници.

Светски лидери вонреден самит/ Фото: Steffen Hebestre / AFP / Profimedia

„Како многу работи во дипломатијата и политиката, секогаш има тешки моменти. Тоа беше 24 февруари“ изјави Д-р Даунинг од Европскиот Институт ЛСЕ за „Еуроњуз“.

Двајцата лидери ќе разговараат за воената и финансиска помош за Украина, но клучна тема би биле тешкотиите со кои Западот се соочува за да стави крај на овој конфликт.

Во време кога Бајден се соочува со зголемен притисок на домашната сцена поради неговата огромна поддршка за Украина, Европа сѐ уште е на тест поради огромната инфлација која го тресе стариот континент.

Во раните денови од војната, Макрон се постави како главен посредник меѓу двете страни, комуницирајќи и со Путин и со Зеленски околу можни мировни договори. Бајден, како и што се очекуваше, зазема поразличен став, односно цврсто ја поддржа Украина.

Енергија

Зголемените трошоци за струја која дојде како резултат на војната во Украина, се најголемата причина за загриженост во Европа.

САД во меѓувреме се појавија како како енергетска суперсила, извезувајќи течен природен гас (ЛНГ) низ целиот свет.

„На Франција ќе и треба барем дел од тој ЛНГ за да го замени рускиот гас што е исклучен“, рече Даунинг, иако тој призна дека Париз има алтернативни добавувачи во Алжир и Персискиот Залив.

Одлуката на Русија да го запре снабдувањето со гас во Европа преку гасоводот Северен тек во септември предизвика шокови во регионот, предизвикувајќи пораст на цените на нафтата и гасот. Иако ова остави модринки врз нејзината економија, Франција е помалку изложена на нестабилноста на цените на енергијата поради нејзината голема количина нуклеарна енергија.

Гасовод Северен тек 1/ Фото EPA-EFE/FILIP SINGER

Увозот на ЛНГ во Европа од САД е многу поскап во споредба со конвенционалните испораки на гас.

Поскапо е да се произведува, складира и транспортира преку Атлантскиот Океан, плус тој генерира поголем јаглероден отпечаток.

Трговска војна

Во позадина на овој разговор може да стои и „трговската војна“ меѓу САД и ЕУ. Тензијата меѓу двата сојузника се зголеми во последниве недели поради политиките на Вашингтон.

САД сакаат да им дадат на своите зелени бизниси 356 милијарди евра како даночни олеснувања и субвенции во обид да ја заштитат земјата од инфлацијата на цената на енергијата и да ја ограничат употребата на фосилни горива.

Но, претставниците на ЕУ тврдат дека оваа индустриска политика е „протекционистичка, дискриминаторска и ќе го лиши блокот од клучните инвестиции“.

Високи функционери на ЕУ предложија создавање на копиран индустриски фонд, со што двете страни се поблиску до трговска војна.

Во понеделникот, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, го опиша Макрон како „динамичен лидер на најстариот сојузник на Америка“, притоа објаснувајќи ја одлуката на Бајден да му оддаде почит на францускиот претседател со првата државна посета на неговото претседателство.

Кина

Зголемената моќ на Кина на Индо-Пафицикот е сериозна тема за САД и Франција.

„Не се сомневам дека Кина ќе биде на дневен ред“, вели извор од Елисејската палата за „Еуроњуз“.

Макрон постојано се обидуваше да го убеди Вашингтон да му дозволи на Пекинг да биде посредник во војната во Украина – нешто што се вели дека го иритирало Бајден.

Под негова администрација, САД зазедоа остар став кон Кина. Во октомври, Бајден претстави широк сет на извозни контроли кои им забрануваат на кинеските компании да купуваат напредни чипови и опрема за производство на чипови, што ги попречува амбициите на Пекинг да биде технолошка суперсила.

Ова значи дека би можело да има несогласувања околу начинот на кој ќе се постапува со Кина за време на претстојната посета.

Кинеско знаме/ Фото EPA-EFE/MARK R. CRISTINO

Климата

Друга можна тема на разговор е животната средина, при што двајцата истражуваат заедничка основа за ограничување на емисиите и зелената енергија, пишува „Политико“.

„Како што гледаме за главните климатски прашања, биодиверзитетот, иновациите и технологиите; постои потреба од ресинхронизирање на американската и европската агенда“, велат од Елисејската палата.

Сепак, имаше скептицизам за зелените ингеренции на Макрон, покрај подготвеноста на парот да се вклучат во дискусии околу животната средина.

ИНФОГРАФИК: Празни ветувања и опасни предупредувања – Клучните поенти од Самитот КОП27

Макрон до Харис: Пуштете ги нашите астронаути во вселената!

Францускиот претседател во разговор со потпретседателката на САД, Камала Харис, го повика Вашингтон да го вклучи Париз повеќе во вселенските планови.

„Имам кандидат за вас околу летањето до Месечината“, и рекол Макрон на Харис во седиштето на НАСА.

Кандидатот кој стоеше до Макрон е Томас Песке, 44-годишен Французин првпат избран за астронаут на Европската вселенска агенција во 2009 година, кој оттогаш бил двапати на Меѓународната вселенска станица.

Владата на САД има за цел да ги врати луѓето на Месечината до 2025 година во рамките на третата фаза од нејзината програма Артемис. Првата мисија, беспилотниот Артемис 1, треба да се спушти во Тихиот Океан на 11 декември, а Артемис 2 ќе го направи истото патување околу Месечината, но со луѓе на бродот.

ИНФОГРАФИК: Трката за Месечината продолжува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот