Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

В недела и официјално почнува есента. Искористете го последниот викенд од летото, излезете од дома, забавувајте се, спортувајте, уживајте во концерти под отворено небо, дружете се со пријателите, семејството, децата.

Ние ви даваме идеи како да ги „фатите“ последните летни сончеви зраци на отворено, или каде да ги поминете вечерите кои сѐ уште се благи, пред сезоната на потмурни денови.

ПЕТОК

После работа

Ако сте за добра журка после работа, забавувајте се со хаус музиката на KiNK кој ќе гостува во „Three Kitchen & Bar“ од 17 часот. KiNK е познат по своите импресивни вештини за настапи „во живо“ кои надминуваат сѐ што досега сте виделе. Бројот на билети е ограничен, а може да се набават во „RadioBar“ и „Three Kitchen & Bar“, по цена од 500, 600 и 700 денари.

Уште една супер журка има во популарниот бар „Цреша“ кој денес слави 6 години. Среќен роденден пријатели! Забавата почнува во 17 часот со диџеј Гоце, а од 21 часот може да танцувате на звуците на диџеј Владодлак. Ако сте „мртви“ гладни после работа, знаете веќе, во „Цреша“ се служат и вкусни закуски.

Во населбата Ѓорче Петров со почеток во 18.30 почнуваат да се слават „Звуците на културата“. Програмата е прилично „густа“, а вклучува и ликовна колонија во паркот. Ефто Пупиновски ќе запее после 21 часот, а Наум Петрески од 23 часот.

19 часот

Сликарската легенда Миро Масин ќе ни одржи лекција по мултиуметнички перформанс во градскиот парк, на „Школка“, со почеток во 19 часот. Перформансот е насловен „МАРДАМ“ Што точно ќе се случува? Дојдете, па видете! Пијанистот Арда Мустафаоглу, придружуван од квартетот „Strength“ ќе се претстави со класични дела на Шопен, Прокофјев, Ерик Сати, Фазил Сај, кои ќе бидат инспирација за Масин да создава уметнички дела во кои публиката ќе може непосредно да ужива.„МАРДАМ“ е скромен обид градскиот парк во Скопје да прерасне во место каде класичната музика и ликовната уметност непосредно ќе бидат достапни на посетителите. Браво, Масин!

20 часот

Во Драмски театар, со почеток во 20 часот ќе биде изведена скопската премиера на претставата „Несоодветно за на работа“. Па, ако сте за добра претстава, бујрум! Ако не најдете билети во продажба за премиерата, репризата е в сабота, во исто време, на иста сцена. Режисер на претставата е Доналд Ворен Мофет, а во неа глумат Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ. Костимограф е Александар Ношпал.

Ако сте љубители на виното, може да уживате во добрата голтка со добра музика. Во рамките на „Вино Фест“ пред Веро Центар, со почеток од 20 часот ќе настапи диџеј Guardian, а по него, во 22 часот – секогаш фантастичните „Фолтин“. На истото место, од 23.30 часот ќе ве забавува Владо Јаневски.

Ако сте за викенд надвор од Скопје, еве ви повод – Штипска Пастрмајлијада, се разбира во Штип, на старата позната локација Дујле. Патсрмајлијадата ќе се случува во три вечери, од петок до недела. В петок ќе ве забавуваат Нокаут и Игор Џамбазов, додека в сабота главна ѕвезда ќе биде Цеца. На Штипска Пастрмајлијада ќе настапат и Тропико Бенд, Мартинијан Кириловски, Антонија Гиговска No End, Викторија Лоба…, а в недела настанот ќе заврши со Данијела Мартиновиќ. Не треба да потесетуваме – уживајте и во превкусните пастрмајлии по единствен, препознатлив рецепт!

САБОТА

12 часот

Да го испратиме летото со омилените Дизни јунаци – Мини, Мики, Пајо и Шиљо. Земете ги дечињата и забавувајте се на настанот „Дизни викенд“ кој ќе се случува во Зоолошка градина во сабота и недела од 12 до 15 часот. И, облечете си патики или балетанки, зашто ќе има многу танц и забава!

19 часот

Во „ Public Room“ со почеток во 19 часот, па до 21 часот, може да уживате во дегустација на традиционални јадења. Храната ќе биде подготвена од страна на младите и вешти готвачи од coolinari.mk., а на менито има ајвар, селско месо, галичко мезе, турлитава, македонска салата, сеченица и други традиционални јадења. Дегустацијата е бесплатна.

20 часот

Последната саботна вечер на „Вино фест“ е резервирана за сет на диџеј Боби кој почнува во 20 часот. Потоа следуваат настапите на Наум Петрески во 22 часот и „Амадеус бенд“ во 23.30 часот.

21 часот

Дац и Александар Митевски во 21 часот ќе настапат на бината во Ѓорче Петров во рамките на „Звуците на културата“. По двочасовната забава, следуваат „Нокаут“.

НЕДЕЛА

10 часот

Напаревете нешто убаво за другите. Дајте им поддршка на лицата со Вилсонова болест во Македонија! Како? Дојдете на хуманитарната трка која ќе се оддржи во градскиот парк – Школка, со почеток во 10 часот.

12.30 часот

Во Театарот за деца и младинци уживајте со дечињата во кулената претстава „Петар Пан“, во режија на Боњо Лунгов. Најновата претстава на Театарот за деца и младинци, „Петар Пан“, е повторна средба на гледачите со ризницата на светската класична литература за деца. Петар Пан – детето кое никогаш не пораснува – е детето кое секој од нас сака да го задржи постојано во себе. Бидете деца барем на еден час (колку што трае претставата) за подобро да ги разберете вашите деца!

17 часот

Да навиваме заедно за нашата гордост – ракометниот клуб „Вардар“ кој го игра вториот натпревар од групната фаза од Лигата на шампиони против „Порто“. Натпреварот е закажан за 17 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“. Цената на билетите за трибини се 350 денари, а за А блокот – 400 денари. Напред момци! .

23 часот

„Звуците на културата“ во населбата Ѓорче Петров ќе се затворат со Резидент диџеј, во 23.30 часот. Веруваме, добро ќе ви „легнат“ македонските евергрин, пред новата работна седмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот