Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Однеси ме низ овој дожд ти врвицо/ за да ме вратиш блага во овој пристан мал/ во ова нежно седало на сонот, – опеа поетот Матеја Матевски во „Дождови“.

Доброутро расонети скопјани во дождовното Скопје. Низ кои врвици ќе ве однесе дождот овој викенд? И кои врвици и дождови ќе ви станат прибежише? Малку поезија не е на одмет. Облагородува. Пробајте да ја читате на глас и ќе го откриете нежното седало на сонот. Или дојдете вечерва, во Салонот 19.19 на Културно информативниот центар, во 19 часот и 19 минути. Игор Трпчевски, Дарко Јан Спасов и Зоран Тортевски на глас ќе ја читаат поезија од новата книга „Тихување“ на Тихомир Јанчовски.

Допир, или песна за роденденот и смртта

Кога се допираат овој и оној свет
Некој нов се раѓа или некој умира
Од тој допир живите плачат
Некогаш од среќа, другпат од тага
Секогаш од љубов

(Тихување, 2019)

 

Дождлив ќе биде целиот викенд, а тоа ќе го направи уште посонлив за добро филмче. Во тек е 18. издание на „Синедејс“ кој ни нуди над 100 филмски остваувања и седум концерти и диџеј сетови во рамките на „Синемјузик“. Програмата на фестивалот ќе се случува во три кино сали: кино Милениум, кино Фросина и Џебното кино во МКЦ. Календарот за проекции на филмовите, сатницата и локацијата погледнете ги ТУКА.

Љубовта за градот оди и преку стомакот. Што се дегустира во сезоната на постудени денови? Се разбира, чорби. Ако сте за рибја или телешка чорба, најдобрите ќе ги вкусите во гостилница „Дукат“ во Капиштец. Ако сте за шкембе чорба, тогаш право во дебармаалскиот легендарен „Наџак“. А, штом сте веќе во „Наџак“, пробајте ја ловечката плескавица и тоа лутата варијанта, со сечкана пиперка, ќе ви ги отвори сите „чакри“.

Дукат

Го пропуштивте предавањето на доктор Ерден Сарач во Скопје? Нешто, не ве видовме таму. Еве, ќе ви го пренесеме, накусо, најважното, што се однесува до рецептот за долговечност: „Најважно од сè е да се сакаме себеси. Може да бидете екстремно физички активни, да јадете чиста, здрава, органска храна, да живеете здраво, но, доколку нема насмевка на вашето лице, останатото е залудно“.

Каде ви е насмевката?! Исплакнете ги тмурните фаци викендов под дождот и од усните направете потковица со врвовите завртена кон облаците.

Купете си гумени чизми и кабаница со качулка. Разбудете го детето во вас, земете си ги дечињата и заедно шушкајте ги под нозете паднатите, жолти листови на Водно или во градскиот парк. Радувајте им се на звуците на есента.

Излезете од дома, дружете се, и не ги пропуштајте најважните случки во градот. Еве кои:

ПЕТОК

17 часот

Викендот започнете го во „Цреша бар“ дегустирајќи автентични „швепс“ коктели приготвени од врвен бармен и во перкусионистичкиот перформанс на мулти инструменталистот AVP – Антоние Весковски, кој со својот настап ќе прави фузија помеѓу електронската и авангардната музика. Потоа, забавата продолжува со ДЈ Владодлак.

17 часот

Во исто време, на друго место, ќе има весела „афтер-ворк“ забава. Во „Фанки Манки“ (на ул. Орце Николов, број 93). Коктелите и различни видови на виски ќе се служат по цена од 130 денари, а може и да си мезетите. За музиката ќе се погрижи Димитар Даневски.

18.30

Во „Fine Wine“ (кај кино „Култура“) за 600 денари може да дегустирате осум вина од винаријата „Венец“, а и да научите нешто повеќе за виното од енологот Кире Ристов. Поради ограничениот број на места, резервирајте си го на време вашето на телефонот 02 3120 772.

19 часот

Развеселете си ги децата со мјузиклот „Земја во која не се стигнува“, во Театарот за деца и младинци.

Aко чувствувате дека околу вас сѐ е грдо, ако девојчињата ве исмеваат, возрасните мислат дека ништо не знаете, мајките само ве опоменуваат, наставниците ве караат дека сте мрзеливи, а татковците дека сте плачковци… Побарајте го чичко Сѐ и децата кои играат во првиот македонски мјузикл за деца со деца. Тие ќе ве одведе во волшебната земја на Оливера Николова, а таму ќе ве чекаат прекрасните песни на Александар Џамбазов. Драматуршката адаптација и режија се на Виолета Џолева, а играат Драган Спасов – Дац, Мартин Јорданоски и Катарина Илиевска – Силјановска.

19.19 часот

Нели се договоривме дека викендов ќе го направиме поетичен? Елате во КИЦ на промоција на книгата „Тихување“ од Тихомир Јанчовски или како што вели авторот „да се видиме за арно, за убаво“. „Тихување“ е јубилеен избор, 20 години поезија – од „Обични зборови“(1999) до „Влакно на јазикот“(2018), а има и десетина необјавени песни, од „Пред некое време“ (2020). Промотор на книгата е Елизабета Шелева.

20 часот

Во Националната опера и балет погледнете ја премиерата на „Кармен“ од Жорж Бизе. Диригент е италијанецот Енрико Довико, а режисерка е Нина Најденова од Бугарија.

20 часот

Во исто време, но во Камерна сала на Филхармонија може да уживате во концертот на Трио Елогио. На гитара ќе мајсторуваат Петрит Чеку, Педро Рибеиро Родригез и Томислав Вукшиќ. Програмата вклучува дела од В.А. Моцарт, М. Руждјак, С. Рахмањинов, Ф. Шуберт, М. де Фаља.

20 часот

Уживајте во филмот „Жал нѝ е што ве пропуштивме“ (во кино „Милениум“), на британскиот режисер Кен Лоуч. Вака се развива приказната: Рики и неговото семејство мачат мака со долгови уште од финансиската криза од 2008 година. Одеднаш му излегува нова можност за независност со блескаво ново комби и шанса да води франшиза како самовработен доставувач. Работата е тешка, а не ѝ е лесно ни на неговата сопруга, која работи како негувателка. Семејството е снажно, но кога обајцата ќе бидат повлечени во различен правец, нештата почнуваат да се рушат.

20 часот

Во МНТ ќе се изведе едночасовната претстава „Аудиенција“ во режија на Сибел Абдиу, а улогите ги играат Џенап Самет и Владо Јовановски. Станува збор за трагикомична апсурдна драма во еден чин, по текст на Вацлав Хавел напишан во 1975 година. Претставата има цел да ја посочи апсурдноста на комунистичкото општество, јазот меѓу интелектуалците и медиокритетите, но и да даде индиректната критика на тоталитаризмот и неслободата. Билетот чини 300 денари.

21 часот

Во Музејот на современа уметност ќе се отвори изложбата „СИСТЕМА“ на Никола Радуловиќ. Куратор на постановката е Бојана Јанева-Шемова.

– СИСТЕМА- Book of Sclavin 2.0“ е вториот дел од книгата „Book of Sclavin“ – серијалот на анимирани книги, која заедно со првиот дел и интерактивната игра „Генеза“ ја формираат трилогијата „Book of Sclavin, вели авторот.

Дојдете, има што да видите!

21 часот

Ако сте пак, баш за журка, одете во ирскиот паб „St.Patrick“ на Кеј. Ќе се журката со Д-КРУ. Што се прави во ирскиот паб? Се разбира се пие пиво. Но, дегустирајте ја и цезар салатата, ве уверуваме дека е најдобра во градот.

22 часот

Романтична душа сте? Тогаш треба да знаете дека од 22 часот па сè до 1 после полноќ во „Јавна соба“ ќе се слушаат македонски шлагери, од типот „Кажи зошто ме остави”, „Признавам”, „Анушка”…Резервирајте си местенце за душичката, на телефонот 078250554.

22.30

Во рамките на „Синемјузик“ во МКЦ ќе настапи популарниот белградски бенд „Звук Улице“.

23.45

Сакате да ја продолжите забавата до 4 часот наутро? Клуб „Avenue“ во градскиот парк ќе ве прегрне. А, можеби и очите ќе ви паднат, зјапајќи во пејачката Теодора Џехверович. Инаку, песните ѝ се ем поп ем фолк.

САБОТА

8 часот

Трчајте пет километри со NRC – NIKE + RUN CLUB (Nike школа за трчање). Може да учествува секој што сака да трча. Трката се организира со цел да се промовира трчањето, здравиот активен начин на живот и да се поттикне себенадминувањето. Старт и цел е на патеката на Кејот, кај кафеаната „Кај Жабарот“. Трчањето ќе биде по асфалтираната патека до мостот кај „Александар Палас“ и назад. Пријавувањето и подигнувањето на бројчињата e во 8 часот, а стартот е во 8.30. Стартнина не се наплаќа и секој учествува на сопствена одговорност. За повеќе информации контактирајте го Кокан Ајановски на телефон 078 402 665.

8 часот

Честитајте му роденден на кафе-барот „Деус“ (во Дебар маало, на улица „Ленинова“, бр.2). Слават 24 години, не е мала работа! Од 8 наутро до 18 часот може да го дегустирате новото кафе на локалот „Buondi coffee“, по промотивна цена. 50 отсто ќе има намалување и на сите цедени сокови. Вечерта пак, ќе биде во знакот на музиката на браќата DUOZ, а по нив ќе настапи скопскиот бенд Поп Арт. Забавата ќе трае до 1 часот по полноќ.

10 часот

ЗА СИТЕ ЉУБИТЕЛИ НА БОРЕЧКИТЕ ВЕШТИНИ: Во спортската сала „Независна Македонија“ (во склоп на ООУ Невена Георгиева – Дуња) ќе се одржува 10. меѓународен турнир во џиу џица „Скопје Опен 2019“ под покровителство на Македонската и Европската Џиу-Џица Федерација.

11 часот

Време е да одгледате добро филмче заедно со дечињата. Во киното „Фросина“ ќе се прикажува „Магичното огледало“. Сакате мал дел од приказната да ви подраскажеме?  Фридо е весело дете и како и повеќето деца на негова возраст, малку е мрзелив на училиште. Еден ден, за време на посетата на градскиот панаѓур, ќе наиде на магично огледало. Со помош на магија ќе создаде свој двојник, кој е совршен во сè што Фридо не е. Со помош на двојникот, кој е многу добар ученик, Фридо се ослободува од сè повеќе обврски. На почетокот, сето тоа му е толку многу забавно што дури му ја кажува својата тајна на најдобриот другар Емил, сè додека не дознаат сите соученици и решаваат да направат сопствени двојници.Никој повеќе не оди на училиште, па откачените двојници почнуваат да доминираат. Оригиналните деца почнуваат да сфаќаат дека им недостасува стариот живот и одлучуваат да ги преземат работите во свои раце така што ќе постават стапица, која ќе ги натера двојниците со тек на време да се вратат во огледалото.

12 часот

Мислете на дечињата и научете ги на квалитетна уметност уште од „мали нозе“. Во Филхармонија ќе има синфониски концерт за деца со видео анимација, „Ну погоди“. Музикате е од цртаните филмови „Ну Погоди“, „Балтазар“, „Козле Бозле“, „Мечето Ушко“ и „Пинк Пантер“. Диригент е извонредниот Џијан Емин, а аниматор -Мартин Јорданоски.

17.30 часот

ОДНОВО СЕ БУДИ „ЦРВЕНО-ЦРНИОТ ВУЛКАН“: Во Спортскиот центар „Јане Сандански“ се очекуваат полни трибини, останаа околу 200 билети во продажба (ticketplus.mk) за новиот меч во ракометната Лига на шампионите. Побрзајте, бодрете го европскиот шампион Вардар во многу важниот натпревар против полската екипа на Кјелце во чии редови играат двајца екс-Вардарци, Алекс Душебаев и Игор Карачиќ.

17.30 часот

Љубителите на филмот пак, да не го пропуштаат „Кубанската петорка“ со Пенелоп Круз, заснован на вистинска приказна, а во режија на Оливие Асајс. Проекцијата ќе биде во киното „Милениум“. Приказната зборува за Хавана, декември 1990 година. Рене Гонзалес, кубански пилот, краде авион и бега од земјата, оставајќи ги зад себе саканата сопруга и ќерката. Тој започнува нов живот во Мајами, а набрзо му се придружуваат други кубански дисиденти, и сите заедно работат кон дестабилизација на режимот на Кастро.

18.30

Локалот „Амбрела“ на Кеј, го слави првиот роденден. В сабота, токму тука, може да уживате во музичкиот перформанс на Венко Серафимов и Љубиша Јовановски.

20 часот

Во кино „Милениум“, погледнете ја премиерата на филмот „Златната ракавица“ во режија на Фатих Акин.  Еве за што се работи: Областа Сент Паули во Хамбург во седумдесеттите години на минатиот век е населба позната по ноќниот живот и нејзините ноќни фигури: пијаници и проститутки, коцкари и разни други осамени души. Еден од нив е и Фриц Хонка, кус маж со очила со дебели рамки и беден лик. Неквалификуван работник, собира осамени постари жени, пијаници, од еден локален бар наречен „Златната ракавица“. Никој не сфаќа дека тој ги претепува и дави овие жени во неговиот стан на поткровјето и дека потоа им ги сече телата и остатоците ги крие во ѕидот. Потоа остава мирисни освежувачи за воздух во целата зграда за да го прикрие мирисот на распаднати тела, а за лошата смрдеа го обвинува грчкото семејство што живее до него.

20 часот

Ако сте повеќе за театар, и ако до сега не сте ја гледале, во Театар Комедија погледнете ја претсавата „Стјуардеси“, во режија на Синиша Евтимов. Глумат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски – Тино, Марија Кондовска, Кристина Ласовска, Жаклина Петровска и Тања Мицков. Инаку, претставата „Стјуардеси“ е класична фарса, има седум врати и многу необјасниви ситуации.

22 часот

Не го пропуштајте ниту филмот „Офицер и шпион“ , во режија и на сценарио на Роман Полански. Приказната тече вака: На 5 јануари, 1895 година, капетанот Алфред Драјфус, млад и перспективен офицер во Француската армија, е деградиран поради шпионирање за Германија и осуден на доживотен затвор на Ѓаволовиот остров во Атлантскиот океан во близина на Француска Гвајана. Меѓу сведоците на неговото понижување е Жорж Пикар, кој добива унапредување да ја води единицата на воената тајна служба што го открила. Но кога Пикар дознава дека некој и понатаму издава тајни на Германците, вовлечен е во опасен лавиринт на измами и корупција, кој се заканува не само по неговата чест, туку и по неговиот живот.

23 часот

Во МКЦ, во рамките на Синедејс, Sinchi Collective + PMG Tanz Digital event ќе нѝ претстават како звучи музичка соработка меѓу Амстердам и Скопје. Програмата ќе ја надополни диџеј сет на Мирко Попов. Билетите се достапни во продажба на билетарата на МКЦ.

НЕДЕЛА

11 часот

Повторно забава за родители и деца, а зошто да не и за баби и дедовци со внуците…Филмот „Мираи“(во кино „Фросина“) нѝ раскажува за четиригодишниот Кун, кој се обидува да се справи со пристигнувањето на новиот член во семејството, сестричката Мираи. Мистериозната градина во нивниот двор станува порта, која му овозможува на момчето да патува назад во времето каде што ќе се сретне со својата мајка како мало девојче и неговиот прадедо како млад човек. Овие фантастични авантури ќе му помогнат на момчето да го смени мислењето и да стане големиот брат, кој неговата сестра го заслужува.

 

12.30

Во нашиот омилен театар, Театарот за деца и младинци ќе се изведува претсавата „Волшебникот од Оз“. Светски познатиот филмски мјузикл, под режисерската палка на реномираниот бугарски режисер Боњо Лунгов, е пренесен и прераскажан во вид на детски театарски мјузикл. Авантурите на девојчето Дороти, маестрално одиграно од Нина Деан Гачиќ, се проткаени со прекрасни оригинални песни и видео проекции од кои застанува здивот. Дали и како Дороти ќе ги научи животните лекции и дали и на кој начин ќе се врати дома? Купете си билет на време, зашто за овој мјузикл редовно се бара билет повеќе.

13 часот

„РОМАНТИЧНО“ или ШАМПИОНСКИ. Ранетиот „Работнички“ против променливата „Шкендија“. Уште еден интересен натпревар во Националната арена „Тодор Проески“ во рамките од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига. Еден од најдобрите македонски судии ќе дели правда на теренот, Александар Ставрев.

20 часот

Во кино „Милениум“ гледајте ја премиерата на филмот „Младиот Ахмед“ (белгиско-француски филм). Станува збор за белгиски тинејџер кој кова план да ја убие неговата наставничка откако ќе прифати екстремистичко толкување на Куранот. Како љубовта кон животот може да ја порази неговата желба да убие некого?

22 часот

Уште едно супер филмче во кино „Милениум“  – „Вистината“ на јапонскиот режисер Кореда Хирокадзу. Во филмот глумат Катрин Денев, Жулиет Бинош и Итан Хок. Дејствието се развива вака: Фабиен е француска филмска ѕвезда. Таа владее меѓу мажите што ја обожуваат и ѝ се восхитуваат. Кога ги објавува своите мемоари, ќерка ѝ Лумир се враќа од Њујорк во Париз со нејзиниот сопруг и детенцето. Повторната средба меѓу мајката и ќерката наскоро се претвора во конфронтација: вистини излегуваат на виделина, се порамнуваат сметки, паѓаат добри и лоши зборови.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот