Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Гулаш од тиква

Октомври, вообичаено, е месец на многу настани, па жалосно е да ги пропуштите седејќи дома, зјапајќи во телевизорот кој, освен политика и политика, и ефтини ТВ серии, нема баш што да ви понуди.

Да уживаме со сите сетила во последниот октомвриски викенд. За почеток, си купивте ли костени? На пазарите се продаваат по цена од околу 130 денари за килограм. Ама вредат за секое денарче, особено ако од нив направите костен-пире, па ете, да се потсетиме на миризливата кујна на нашите баби.

Со оглед на тоа што не успеавме да дознаеме каде се сервира најдобрата чорба од тиква во градот, ви најдовме друга препорака – чорба од кромид. Да, добро чувте. Не само што е превкусна, туку е и одлична спасителка во сезоната на грипови и настинки. Најдобрата во градот ја дегустиравме на Кејот, во „Карпе Дием“.

Чорба од кромид

Викендов е во знакот на уште едно филмско уживање – Грчкиот филмски феставал е во тек, под покровителство на Грчка Амбасада, а ова, воедно, е прв настан официјално поддржан од грчка државна институција.

Честитајте и роденден на „Јавна соба“, слават 4 години. Среќен роденден „Јавна соба“!

Ви пружаме рака каде и како да си го поминете викендот, со културно-забавен живот.

ПЕТОК

12 часот 

Се отвора модната изложба во Галеријата „Акантус“ – целодневен и вечерен „поп ап“ настан на Мелани Димитровска. Колекцијата е насловена „Профил“, произлезена е од пошироката тема – Балкан, а содржи унисекс парчиња. Главните материјали од кои е скроена колекцијата се лен, памук и свилени конци врз памучна основа. Убаво е да се види. .

19 часот

ВО МКЦ има промоција на двојазичната (на македонски и италијански јазик) стихозбирка „Зборот на непријателот / La parola del nemico од Лука Бенаси, во издание на ПНВ Публикации. Промотор е Владимир Мартиновски, а стиховите на македонски ќе ги чита Ѓоко Здравески. Complimenti e saluti!

20 часот

Дали сте за панк рок? Во МКЦ ќе гостуваат „ФЛУКС“, правејќи промоција  на албумот „Сè околу нас“, a гости се THE BEGINNINGS (поранешните „Новиот Почеток“) и TANK WARNING NET. Влезници на касата на МКЦ ќе си најдете по цена од 300 денари.

20 часот

Наместо на Халкидики, одиме во МКЦ Клуб и ресторан, на концерт на популарниот грчки уметник Фоивос Деливоријас. Ќе изведува репертоар со филмска музика од грчки филмови. Задолжително резервирајте си го вашето присуство на  60 90 606, зошто бројот на места е ограничен. Билети за концеротот се достапни на „Купи Карти За Се“, по цена од 300 денари. Со влезницaта добивате и чаша вино.

21 часот

Секогаш имате утеха во „Мистер Џек“, оти нели, „петак је дан за метак, а све остале дане…“. Пак, гостуваат „Деј Оф“ и пак ќе се форсира виски.

САБОТА

9 часот – 24 часот
Не дека сум тафталиџанка, ама секако, ќе ги поддржиме звуците на најградската населба, од памтивек до денес, во Скопје. ТАФТАЛИЏЕ. Во бифе „Тафталиџе“, на „Партизанска“, тц, Алуминка, после долго убедување, конечно зад микс пултот ќе настапи еден од најпозитивните луѓе у маало, трета генерација тафталиџанец.Звуците на Тафталиџе од крајот на минатиот век, ќе ви ги донесе Дарко Ристовски.

16 часот

Ајде да ги бодриме заедно Лазаров, Манасков, Ристовски, Талески и останатите на меѓународниот пријателски натпревар меѓу Македонија и Грузија во СЦ „Борис Трајковски“. Влезот е слободен за сите љубители на ракометот.

18 часот

Во Музеј на современа уметност има презентација и предавање на Стеларк – КОНТИНГЕНТНИ И ДИСКУТАБИЛНИ ИДНИНИ: ЗОМБИ, КИБОРГ И ФАНТОМСКИ ТЕЛА .Стеларк е еден од најзначајните уметници во светот кој работи во сферата на технологијата и визуелната уметност. Тој е перформативен уметник кој визуелно го преиспитува и акустично надоградува своето тело. Преку користење различни медицински инструменти, протези, роботика, системи за виртуелна реалност, интернет и биотехнологија произведува нивни непосредни и спонтани поврзувања со самото тело. Во оваа насока, Стеларк прави истражувања на „алтернативни анатомски архитектури“, кои подразбираат зголемувања и издолжувања на различни телесни конструкции. Елајте!

19 часот

Да не си ги заборавите децата во однос на културниот скопски живот. Ние, никогаш, ни нашите ни вашите деца. „Грдото пајче“, за најмалите, во драматизација и режија на Дејан Дамјановски, погледнете ја во Театарот за деца и млади. Како и секоја бајка и оваа има наравоучение и среќен крај. Грдото пајче на крај, сепак, ќе се претвори во прекрасен лебед. Продискутирајте за пораката од приказната пред да си кажете „лека ноќ“.

20 часот

Ја гледавте претставата „Магбет“? Еве ви нова можност, во МНТ. Режијата и адаптација на текст е на Нела Витошевиќ, а препевот (одличен) е на Богомил Ѓузел.

20.30 часот

За оние кои се во ретро дух, голема ретро забава за целото семејство организира градската фаца Цајо, а на забавата и вие би можеле да бидете глумци од филмот „WE ARE FAMILY”. Цените на влезниците се од 500 до 5.500 денари. Локацијата од кино „Вардар“, се префрла на друго место, поради интересот, а каде ли ќе биде точно проверете ТУКА. 

21 часот

Во Јавна соба, журкајте се со Георги Шаревски квартет. Следува EDDY RAMICH, а во недела – запомнете- организирани се детски работилници. Ветете им на најмилите супер забава за недела!

НЕДЕЛА

Наутро

Ве разочаравме? Нема настани. Ама знаете што да направите за целото семејство? Костен -пире. Најдоброто во Скопје.

костен пире

Еве ви рецепт:

Потребни намирници – 400 грама костени, 2 лажици шеќер, 40 мл рум, 10 мл арома од ванила, шлаг 200 мл.

Подготовка – Во лонец ставаме 100 мл вода во која додаваме 2 лажици шеќер, штом добиеме полуредок сируп го додаваме румот, аромата од ванила и вариме уште две три минутки со мешање. Лончето го тргаме на страна за смесата да се олади.

Сварените костени ги лупиме и потоа ги толчиме. Потоа ги полеваме со сирупот. Таквото костен пире го ставаме во чашки за сладолед и врз него додаваме шлаг и украсуваме со чоколадни трошки.

12.30 часот

Филмскиот мјузикл „Волшебникот од ОЗ“, под режисерската палка на реномираниот бугарски режисер Боњо Лунгов, е пренесен и прераскажан во вид на детски театарски мјузикл на нашата сцена. Во најомилениот театар – Театарот за деца и млади.

15.40 часот

Недела остануваме целосно посветени на децата. Одиме во „Синеплекс“. Се прикажува „Загубениот јети“, епската авантура долга повеќе од 3,000 километри, од улиците на еден кинески град до снежните пејзажи на Хималаите, кои со својата убавина го одземаат здивот. Купете си пуканки, малку „солени“ се (120 денари), ама супер се. И уживајте.

17.30 часот

Ние сме за спорт! Кај ви се костените? Подготвени на рингла?! Нека крцкаат…Има Футсал, квалификациски турнир за Светско првенство 2020. Македонската репрезентација во обид да го изненади големиот фаворит Украина. Натпреварот ќе се игра во големата сала на СЦ „Јане Сандански“. Влезницата за натпреварувачки ден од турнирот кој го организира ФФМ изнесува 100 денари и може да се купи на билетарата до малата сала во СЦ „Јане Сандански“.

18.20 и 20.50

Десет години откако Зомбиленд стана хит и инстантен култен класик, главната актерска екипа повторно се здружува.Погледнете го „Враќање во Зомбиленд“ во „Синеплекс“. Сами одлучете каков е. За нас, онака е. 

22 часот

Се собравте дома?! Ако и вие не најдовте есенска, највкусна супа од тиква во градот, еве ви рецепт за гулаш од тиква. Проверен. Направете го в недела навечер, а дегустирајте го понеделнички, после работниот ден. „Стои“ во фрижидер.

За да го подготвите гулашот од тиква потребно е– 800 грама тиква, 2 главици кромид, 1 чешне лук, 1 црвена пиперка, 1 лажица доматно пире, 2 лажици црвен пипер, 2 ловорови листа, 2 лажици масло, 1 лажица мајчина душица, 5 дл. црвено вино, малку ким, сол и црн пипер.

Подготовка

 „Месото“ од тиквата исечкајте го на коцки. Ситно исечкајте го кормидот, а лукот изгмечете го. Пиперката исто така исечкајте ја ситно.

На загреано масло пропржете го кромидот, додадете го пирето од домати, потоа и ситно исечканата пиперка, наросете сол и црн пипер, па на крајот додадете го виното.

Потоа,  додадете ги сите останатите состојки, освен тиквата исечена на коцки. Супата гответе ја се додека не стане густа како гулаш, а потоа додадете ја и исечканата тиква. Гответе додека тиквата не стане мека.

Гулаш од тиква

Сервирајте го гулашот со препечен леб. И гушнете си ги сите кои се околу трпезата. Без причина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот