Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Здраво-живо стари скопјани, и вам помалку стари скопјани, и вам помлади скопјани, како и вам кои, од неодамна, сте горди на својата скопска адреса. Скопјенце има срце поголемо од Водно, и сите ќе ве прегрне, а кога треба, и ќе ве утеши и развесели. Затоа, ајде да му возвратиме на градот гушкајќи го силно, за почеток, со убави манири. Не фрлајте го ѓубрето на улиците и во влезовите, не трубете со автомобилите пред семафорите, застанете на секој пешачки премин, не туркајте се пред благајните, почитувајте ги велосипедистичките патеки, не паркирајте „кај ми ќефне“, поздравете се со соседите со „доброутро“, „добар ден“, добравечер“ (и на улица и во лифт), почитувајте ги шепастите сограѓани и запознајте ги уметниците кои се чувари на душата на градот. А, како да ги запознаете уметниците ако не преку театарот, преку изложбите, промоциите на книги, концертите, преку културните настани кои се случуваат во градот.

Џезерките и џезерите овие денови дишат во ритамот на срцето на Скопје. Така и треба, време е за џез и за 38. издание на Скопскиот џез фестивал. Бидете и вие џезер. А, доколку не сте по џез-концертите, викендов барем однесувајте се џезерски – бидете креативни и многу полежерни. И отшминкајте се.

И овој викенд времето ќе биде многу пријатно, па затоа, преку ден излезете од дома, без повод, со пријателите. Кој повод би бил поголем од дружба со пријателите? Пребројте си ги пријателите на прсти и поканете ги сите тие „прсти“ кои ги изброивте. Продолжете го дружењето во попладневните и вечерните часови, повелете идеи каде:

ПЕТОК

14 часот

Почнете го викендот со дегустација на автентична храна. Во хотелот „Александар Палас“ почнува првото издание на „SLOW FOOD САЛОН“. Салонот ќе понуди вкусови кои Слоу Фуд Македонија ги заштитува, поддржува и промовира повеќе од десет години, под девизата „добра, чиста и правична храна, за сите!“. Бидете и вие дел од Слоу Фуд движењето.

17.30 часот

Запознајте ја младата уметница Ѓорѓина Спасевска. Во „Јавна соба“ одблизу ќе може да го видите нејзиниот начин на сликање, а ќе имате можност и да си помуабетите лично со неа, за нејзината работа и воопшто на тема сликарство и уметност. Инаку, главна инспирација на Спасевска е жената, во својата најсуптилна форма на раскош, а нејзината уметност е визуелна поезија.

19 часот

Почестете си ги дечињата со претставата „Пепелашка“, во режија на Деан Дамјановски (во Театарот за деца и младинци). По претставата, со вашите дечиња продискутирајте за поуките кои ви ги пренела Пепелашка, како и за анти-пораките од нејзините алчни сестри. „Развлечете“ ја темата дискутирајќи за животните вредности. Така уште подобро ќе ги запознаете душичките на вашите деца.

20 часот

Време е за џез. Во МОБ ќе настапат SOКRATIS SINOPOULOS QUARTET од Грција.
По нив следуваат ANOUAR BRAHEM QUARTET од Тунис. А потоа, на полноќ, џезерската забава продолжува во клубот Епицентар. За повеќе информации посетете ја страницата на Скопскиот џез фестива – ТУКА.

21 часот

Во градското кафуле „Мистер Џек“ испијте чашка Џек Даниелс по промотивна цена. Друштво ќе ви прават суперзабавните „Деј Оф“. Од кога не сте танцувале, м?

21.30

Ако сте, пак, за уште полежерна забава, не ја одминувајте Старата скопска чаршија, поточно кафулето „Ла Кања“.

САБОТА

6 часот

Посетете ги Маврово и Галичник и добро раздрмајте се. ПК „I love hiking group Macedonia“ и ПК Тетекс ве носат на преубавата Бистра, со врвовите Меденица и Карбула. На крај, заслужено ќе уживате во селото Галичник. Турата, долга 14 километри, е за сите видови планинари, вклучувајќи ги и почетниците. Глетките ќе бидат фантастични за фотографирање, особено погледот на Дешат и на Кораб од врвот Карбула. Информации кај Стефани на телефон 077 617 617, или кај Дејан – 071 212 808.

11 часот

Охрабрете ги оние кои трчаат под „знамето“ BUSINESS RUN 2019. Локацијата е Хотел Парк, односно рекреативна патека пред хотелот.

14.30 часот

За сите љубители на фудбалот, дербито во рамките од 10 коло од Првата македонска лига е на стадионот „Ѓорче Петров“. Моментно третопласираната екипа на Македонија „Ѓорче Петров“, и секогаш незгодна за сите ривали, го пречекува лидерот во генералниот пласман, „Вардар“.

20 часот

Се разбира, време е за џез. Во МОБ уживајте во концертот на JON BALKE BATAGRAF од Норвешка. Потоа следуваат ART ENSEMBLE OF CHICAGO од САД. Џезерската забава продолжува во „денсинг салата“ на МКЦ, на полноќ, со нашиот извонреден Џијан Емин – DŽIJAN EMIN & THE MAGICAL ORCHESTRA. Влезот ќе биде слободен.

НЕДЕЛА

16 часот

Доживејте неповторливо двочасовно искуство слушајќи музика во пештерата Врело на кањонот Матка. Ќе се изведуваат барокни арии и духовна музика од ерата на барокот, тенорски и контратенорски репертоар, а ќе настапат Нико Ѓоргиевски (тенор/контратенор) и Андреја Наунов на пијано. Цената на билетот е 1.200 денара. Билетот вклучува превоз со чамец до пештерата и коктел со дегустација на вино. Закажете си навреме на 078 808 592.

18 часот

Дали сте за спорт? И двете екипи започнаа победнички на стартот од новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига. Во салата „Градски парк“ домаќинот кој е меѓу кандидатите за шампионската титула, „Работнички“ ќе го има првиот посериозен тест, а тој се вика „Гостивар“.

18 часот

Во МКЦ во киното Фросина продолжува џезерската атмосфера со JOELLE LEANDRE од Франција. Цена на билет е 300 денари.

Оттаму, право во МОБ, во 20 часот настапува триото TORD GUSTAVSEN TRIO од Норвешка. По нив, JAMES BRANDON LEWIS UNRULY QUINTET од САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот