Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Како сте денес драги скопјани, како стоите со суеверијата и магиите, зашто петок 13-ти сме. Бу!

Ама, ај да ви ги разбиеме „малерите“ за супер да ви тргне уметничкиот викенд, иако нешто не ве гледаме често на културните настани низ градот.

Значи, денес, на петок 13-ти, ако видите колешка со долга црна коса и долги црвени нокти како ви го препречува патот до тоалетот, фатете се за вашата коса. Не го отворајте чадорот во вашата соба по никоја цена, зашто, бездруго, не врне ни надвор од вашата глава. Можете да го истресете пепелникот со десна рака преку лево рамо. Не кршете огладала ако некој ве изнервирал, зашто – „пу, пу“, седум години ќе си го гледате вашето вистинско лице. И не седете на ќошот од трпезата зашто е неудобно да сте во ќош, а во меѓувреме, престанете да го очекувате астероидот Апофилис кој ќе ѝ се приближел на Земјата точно на петок 13., на 13-ти април 2029 година. Денес, на петок 13-ти, во 13 часот и 13 минути трипати изговорете си ја реченицата „ секој ден во секој поглед сè повеќе и повеќе напредувам“, а на 13 минути пред полноќ, земете си го најубавиот прстен и ѕирнете преку него, низ кругот, центрирајќи го погледот кон Месечината и 13 пати повторете си ја замислената желба. Е, дури потоа, стиснете си желба во филџанот за кафе. Се разбира, викнете ја комшивката да ви ја протолкува желбата во 13 секунди пред полноќ. И желбата ќе ви се исполни!

Туку, ај фатете нешто да работите, а после работа, уживајте викендов во културно-уметничкиот живот што ви го нуди Скопје. 

Каква гастрономија за викенд? Излезете со најдрагите во Старата скопска чаршија. Веќе проверивме минатиот викенд. Прекрасна е есента таму. Седнете си на лахмаџун во „Галерија 7“, бадијала е, а превкусен е.

Одличен лахмаџун има и во ресторанот „Сачи“. А, ако сте веќе во „Сачи“ дегустирајте и сачи пиде (турска пита), домашно подготвено и со кашкавал и со телешко и говедски месо.

Во ресторанот „Адана“ би можеле да уживате во еден сосема поинаков вкус на ќебапи, подготвени по турски рецепт.  А најдобриот гулаш, не само во Старата скопска чаршија, туку и во градот, ќе го дегустирате во ресторанот „Чардак“.

Ако сте за грав, ммм… одете во ресторанот „Истанбул“.

За десерт ви ја препорачуваме слаткарницата „Охрид“. Нарачајте сутлијаш, а ако веќе тука сте, јадете и баклава. И бозата им е супер.

Кога ќе се претупаните од јадење за половина цена од онаа која е од „другата страна“ на реката Вардар, почнете да размислувате за спортските настани. Еве што вели Фидан Коминовски. Ти благодариме Фидан!

ПРВА ЛИГА, КОШАРКАРСКО ДЕРБИ – Шампионот МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да се „опорави“ после поразот во АБА2 лигата од Ловќен во Црна Гора. „Штрковите“ во дербито на колото во Првата лига ќе ги одмерат силите против Кожув, битка меѓу моментно најдобрите кошаркарски екипи која ќе се води во Спортскиот Центар „Јане Сандански“ – Скопје в недела од 17.30 часот.

САКАТЕ ЛИ ХОКЕЈ, „АЈС ФЕСТИВАЛ 2019“ – На лизгалиштето при А1 Арена „Борис Трајковски“ се одржува седмото издание на традиционалниот меѓународен турнир во хокеј на мраз. Нашата земја ја претставуваат хокеарите на ХК Вардар и тимот „Македонија јуниори“ – селекција составена од младински играчи.

Сабота (8.30 часот) Македонија-Торпедо Букурешт (Романија) (10.30 часот) Вардар-Тим Интернешнл  со состав на играчи од цела Европа и Северна Америка, љубители на хокејот и воедно сакаат да го посетат нашиот главен град) (15.30 часот) Букурешт-Интернешнл (17.30 часот) Македонија-Вардар.

Во недела од 8.30 часот е натпреварот за третото место, а во 10.30 часот е финалната битка. – Викендов на базенот „Борис Трајковски“ ќе се одржи Зимското национално првенство во пливање во мали базени. Првенството е екипно и поединечно, и ќе биде за сите старосни категории. Трките во утринските делови почнуваат во 09.00 часот, а во попладневните делови во 17.00, распливувањето почнува 1 час порано.

А што имаме на културното мени во Скопје, проверете тука:

ПЕТОК

17 часот

После работа право на релаксирано послеработно уживање со вашите најблиски. И Владимир Четкар ќе биде таму и ќе ве забавува. Не ви треба многу воведи за тоа кој е Четкар, нели?! За неупатените, еден од најталентираните музичари во областа на џезот, соулот и фанкот. Живее и работи во Њујорк, а ете, не забавува и нас.

19 часот

Нашите херои – издавачкиот центар „Херои“ отвораат книжарница лоцирана на булеварот Климент Охридски (со број.21), во книжарското популарно маало, во близина на Матица, Полица, Антолог, Или-или.
За почеток, има промоција на нова книга од познатиот српски автор кој пишува за Тесла – Велимир Абрамовиќ. Во својата книга „Тесла – еволуција на свеста“, Абрамовиќ ни ја пренесува својата уникатна синтеза од биографски податоци за Тесла како и опсежни студии за неговите изуми и откритија и нивната примена во секојдневниот живот на современиот човек. Дојдете, атмосферата ќе биде неформална и пријатна и слушнете го и запознајте го авторот. Дополнително, ќе има и попусти.

20 часот

Вие што си купивте веќе билети, супер. Петар Грашо ќе гостува со концерт во Македонска Филхармонија. Последниот, односно, третиот концерт ќе биде на 15-ти декември. Шанса за четврт концерт нема да има, па затоа купети си влезниците од Avalon ticket shop во ГТЦ, продажната мрежа на Авалон низ Македонија и онлајн на avalon.mk.

20 часот

Во театар „Чекори“ ќе се изведува претставата „Поетични суштества“ по делата на Антон Павлович Чехов. Режисер на претставата е Маја Ѓурчевска. Актерскиот дел од екипата се: Никола Димевски, Ангела Наумовска и Тамара Стојановска

21 часот

Во „Јавна соба“ ќе има поинаква новогодишна забава, посветена за љубителите на јогата. „Дрес код“ нема, ама нè известуваат дека ќе мора да си ја понесете вашата внатрешна светлина и да дојдете блескави и сјајни. Може и да донесете по еден скромен подарок, може да е направен лично од вас, а ќе има лотарија и ќе се подарува. Пријавувањето е задолжително ( во „Јавна соба“) заради обезбедување место.

23 часот

Продолжува забавата во Старата скопска чаршија, односно во Капан Ан. Македонски психоделии ќе има со Фоби. Ние постарите да си кажеме, а младите си знаат.

САБОТА

11 часот

Како да станеме уметници за подарување? Како да го избереме вистинскиот подарок за нашите дечиња, партнери, татковци и мајки, роднини и пријатели, а да не залутаме во џунглата на униформираноста и потрошеното време. Од 11 до 18 часот ќе има Новогодишен базар во хотелот Континентал.
80 ракотворци ќе ви ги понудат своите рачни творби и ќе ви помогнат да изберете оргинален подарок за сечија душа.

11 часот

Ајде да бидеме сите магионичари и да си го разубавиме денот. Секако, магија ни треба! Земете ги дечињата и право на супер забава во кино Фросина во МКЦ. Не пропуштајте да бидете дел од првата македонска детска магионичарскo – театарска претстава „Како Хокус го пронајде Покус”. Интерактивност е тоа што ни треба. Главните актери се Георги Гавровски и Мартин Јорданоски.

11 часот

Во „Синеплекс“, фановите на боречките вештини и кунг-фу мајсторите ќе имаат „фајтинг гејм“ за А1 Game Fest 2019 e Tekken 7! Учеството на турнирот е БЕСПЛАТНО! Ама пријавувањето, за жал, е завршено. Лимитот кој бил на 100 играчи е веќе пополнет. Се надеваме дека и наградите веќе не се доделени – за прво место 150 евра, за второ, 100, а за трето 50. И, може ли се ова на македонски и во денари? 

13 часот

„Вет Свет“ , кои се наоѓаат на улица Никола Тримпаре со број 27, имаат новогодишен базар насловен не фрлај, рециклирај и донирај. Базарот трае до недела 15.30 часот .
– Се ближи крајот на годината, време за средување на сметките од старата и правење планови за новата година. Време од годината со арома на цимет, топол чај, греено вино и каранфилче. Време за подароци, честитки и прегратки со најблиските.. Поттикнати од идејата за намалување на консуматорството во нашето мало општество, за рециклирање и донирање, оваа година ние од тимот на ветеринарната амбуланта ВЕТ СВЕТ решивме да направиме дводневен предновогодишен базар. До тогаш ве очекуваме во нашата амбуланта да донирате најразлични предмети, книги и облека. Работите што ќе ги донирате треба да се во добра состојба, да може да се продадат за симболична цена и да бидат совршен подарок за некого. Донираните предмети ќе ја имаат цената што вие ќе ја предложите. Сите средства што ќе бидат собрани ќе бидат искористени само и единствено за стерилизација на бездомни женски мачиња и кучиња. На денот на базарот ќе можете да дојдете и да разгледате, да си купите нешто за вас или вашите најблиски. Да се запознаете со тимот на Вет свет во топла зимска атмосфера, да се запознаете со други кучкари и мачкари, а ќе може да слушнете и нешто повеќе за погодностите од стерилизацијата/кастрацијата, велат од „Вет Свет’.

18 часот

Ако сте за дружење со различни културни претсавници дојдете во „Јавна соба“. Ќе има дружење со вистински патници, а не туристи, а ќе има и насмевки, добра музика и одлична енергија.

НЕДЕЛА

12 часот

Недела е секогаш резервирана за децата. Во МКЦ ќе има промоција на сликовници за деца „Светулка“ која ја организира издавачката куќа „Арт&Арт студио Батев“. Оваа едиција е составена од 15 нови поучни приказни напишани од неколку македонски автори, а првите изданија се илустрирани од илустраторката Иванка Ниба. Изданијата ќе бидат преведени на албански јазик, но и на знаковен јазик, и ќе бидат наменети за дечиња со оштетен слух. 

12.30 часот

Ако до сега не сте ја виделе, одете да ја погледнете претставата „Убавицата и ѕверот“ во театарот за деца и младинци. УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ е првата детска претстава која го надмина бројот од 350 изведби.
Суровиот и себичен принц е казнет од Злобницата Волшебница, која го претвора во ѕвер. Зарем не е така и во животот? Зарем малку сурови луѓе со тек на време станале вистински ѕверови? Само убавината, добрината и љубовта го прават она што изгледа невозможно – суровоста да се претвори во човечност. Оѕверениот ѕвер, одглумен од незаменливиот Владимир Лазовски, многу брзо ќе ја засака најубавата меѓу најубавите т.е. Убавицата, претставена од прекрасната Ана Левајковиќ-Бошков. Но, за да биде симната клетвата на Злобницата Волшебница, оригинално и енергично одиграна од Катарина Илиевска-Силјановска, ќе мора и Убавицата да го засака Ѕверот. Ова се чини како невозможна мисија, доколку Ѕверот не добие неопходна помош од неговата помошничка наречена Скакулка, лик кој со маестрална леснотија и интеракција на сцената го донесе актерката Татјана Павловска Кочовска. За нејзината актерска бравурозност зборува и меѓународната актерска награда што за оваа улога таа ја има освоено на Суботичкиот Фестивал во 1998 год. Дали Убавицата ќе се заљуби во Ѕверот и дали тој конечно ќе си го врати човечкиот лик, останува на Вас да откриете.

20 часот

Погледнете ја претствата „Чао и пријатно“ во театарот Комедија, во која глумат Валентин Костадиновски – Тино и Атанас Атанасовски.

 

И ако случајно ви недостига некој настан, овојпат за в недела, имате ли поважен настан од тоа да си ги гушнете најблиските?

И направете го тоа несвечено – не како да одите в театар или на балет, туку како…, белким, си знаете веќе како.    

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот