Што бара народот: „Цврста рака“ или „Распашана команда“?

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Ако вака ја примите пораката, тогаш граѓаните се во право, на државата ѝ треба цврста рака! Но, треба веднаш да разјасниме дека тие не се глупави, не бараат цврста рака од власта врз нив самите! Никако не бараат диктатура.

Резутатите од анкетата на Институтот за демократија можат сериозно да го доведат во прашање менталниот капацитет на македонските граѓани, ако се земат фрагменатрно. Од нив произлегува дека ние сме нација која најмногу верува во завери, а најмалку на наука; верува на неофицијални извори на информации повеќе, одошто на официјални. Или, граѓаните повеќе им веруваат на пара-институциите, одошто на институцииите на државата.

Оттаму, потребата за „враќање на работите на место“ во државата, граѓаните народски ја нарекле воспоставување на „цврста рака“. И, сега, кој е крив, граѓаните или државата?

Ако вака ја примите пораката, тогаш граѓаните се во право, на државата ѝ треба цврста рака! Но, треба веднаш да разјасниме дека тие не се глупави, не бараат цврста рака од власта врз нив самите! Никако не бараат диктатура.

Смислата на воведување „цврста рака“ подразбира лидер, или колективно водство, што ќе воспостави строга контрола врз работењето на СВОИТЕ! Односно, на сите свои министри, заменици, директори и други високи и пониски функционери, без пардон. Само така можат институциите на ситемот да функционираат онака како што треба – во интерес на граѓаните. Тоа е просто барање кое заслужува внимание, затоа што оваа синтагма најчесто доаѓа кога во општеството настапила состојба која граѓаните ја препознаваат како „распашана комнада“.

Веројатно сега така им заличило на граѓаните, па поимот „цврста рака“, всушност, е сублимат на барања, сè што во државата не функционира, да профункционира. Значи не секогаш „цврста рака“ мора да значи диктатура, ниту пак дека демократијата треба да се претвори во „распашана команда“.

Не е случајно што со децении на вакви прашања граѓаните најчесто најголема доверба искажуваат кон Армијата. Не е тоа само заради милитантноста што се јавува кај поединци, или, пак, поради стравот по безбедноста на државата. Туку, едноставно, затоа што таму постои хиерархија и систем во кој доминира ред и поредок. Систем на субординацијата и нејзино почитување. Таму има малку место за пријателство и непотизам, забошотување на обврските, одбивање на наредбите со изговори од најразлчиен вид за неизвршената работа. Кој бил во војска знае за правилото „изврши, па жали се“. Таму постои цврста рака и затоа системот функционира.

Ова не значи дека граѓаните посакуваат Македонија да се претвори во милитантна држава, туку потребата системот на одговорнсот и казна за неодговорноста да профункционира и во цивилното општество. И во цивилната власт постои пирамида на чиј врв е премиерот и постои принцип на владеење што сè уште се вика демократски централизам. Тоа значи постои слобода на дискусија, но единство во делувањето!

Тоа делување премиерот мора да го следи и да се однесува според принципот на објективност на мерит системот, а не да потпаѓа на релации на непотизам и пријателство. Тогаш наместо цврста рака во државата, имаме квази-деомократија која води во волунтаризам и анархија. Таму одговорност нема.

Кај нас најчесто првиот човек на владата е најекспонраниот во јавноста, тој ја презема сета одговорност за функционирање на владата. Но, за жал, не секогаш останатите во системот ревносно го следат. Затоа и системот паѓа, како лоша интернет врска.

Последен пример се оставките на Заев, кој во кампањата на изборите се вложи себе си во името на сите останати, за на крајот, како што се испостави, тие не ја исполниле довербата што тој им ја дал.

Заборавил ли Заев дека кога владееш, откако ќе дадеш, треба и да земеш? Тој велеше дека ги примил пораките од граѓаните, ама изгледа не ги прочитал или не ги разбрал. Само да потсетиме дека за време на своето владеење, Заев еднаш покажа цврста рака, кога треснал на масата во Владата и како резултат на тоа надлежните веднаш го најдоа „изгубениот“ Сашо Мијалков.

Во Македонија досега доминираа два сосема различни система во владеењето. Едниот подоминантен кај СДСМ, во кој имало слаба контрола врз пониските структури на извршната власт; и друг, оној на Никола Груевски, кој ги согледа слабостите на претходниците од спротивниот табор и затоа воспостави цврста хиерархија меѓу своите поданици. Таму секој секого набљудуваше и известуваше во фамилијата.

Но, за жал, овој систем подоцна се претвори во режим врз граѓаните, кои од некои мазохистички (и други) причини доста долго го поднесуваа.

Оттаму, не е лесно да се балансира помеѓу тоа колку слобода, наспроти цврстина, му недостига на општеството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот