Што бара Бугарија од нас?

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Ако денешната гарнитура политичари во опозицијата заигра на патриотската карта и одбие да разговара за барањата на Софија, проблематизирајќи го и Договорот за добрососедство, нѐ чекаат тешки денови, месеци или години.

Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија на условувањата од Бугарија да не се употребува изразот „македонски јазик“, ако сакаме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Изјавата ме потсети дека истото тоа го велеа безмалку сите наши политичари пред триесетина години во однос на името на државата. Имено, дека името е клучниот и нераскинливиот елемент на нашиот идентитет. По три децении, проблемот се реши како што се реши. Дали следува реприза, овој пат со Бугарија?  Да, во смисла дека нема да биде лесно. Во некоја рака ќе биде потешко, зашто проблемот со Бугарија е многу покомплициран од оној со Грција. Кога се работи за историјата, во македонско-грчките односи не постоеше вистински идентитетски проблем, туку ние го измисливме и го посадивме на плоштадот во Скопје, додека со Бугарите е поинаку. Проблемите со минатото не се измислени, туку се реални. Дали тоа значи дека ќе ни требаат триесет години да ги решиме? Да се надеваме – не.

Секогаш, секаде и во сите времиња внатрешното единство било важно. Во Европа денес, во која споровите се решаваат само низ преговори и компромиси, потребно е внатрешно единство околу политичко решение со соседот. Но, како до тоа единство? Во политичкиот систем на земјата единствена точка на обединување околу вака сложено прашање може да биде претседателот на републиката. Меѓутоа, со оглед на начинот на избор, според кој претседателот е партиски кандидат, неговата моќ да обедини е лимитирана. Сепак, во обидот да се изгради внатрешен консензус околу македонската позиција, со такт и со интелигенција, претседателот може да се наметне. Но, мораме да бидеме свесни дека во таков потфат да изградиме единство меѓу власта и опозицијата ниту еднаш сами не сме успеале. Ниту кога се зачленувавме во ОН, ниту во 2001 година, ниту кога го потпишувавме Договорот од Преспа. Ако се повтори приказната со името, кога власта и опозицијата заемно се поткопуваа за да победат на избори наместо да го бараат најдобриот можен компромис, повторно ќе заглавиме. Опасностите тоа да се случи се реални. Ако денешната гарнитура политичари во опозицијата заигра на патриотската карта и одбие да разговара за барањата на Софија, проблематизирајќи го и Договорот за добрососедство, нѐ чекаат тешки денови, месеци или години.

Спорот со Грција ни покажа дека без надворешна интервенција на големите сили, потребни се сто години за да се стаса до решение меѓу две балкански земји. И по триесет години, огромен процент од гласачите во двете земји беа против Преспанскиот договор, па без интервенцијата на САД и на ЕУ немаше да има решение. Усогласената македонска приказна (усогласена, пред сѐ, со објективната историска вистина според која се образуваат светските политичари, а потоа и меѓу партиите во Македонија) ќе треба да се презентира во Европа и во светот. Овој пат, вистината е нашиот најсилен адут. Фактот дека нашата млада словенска нација и јазик се признаени секаде во светот е предноста што ја имаме визави Бугарија, која врз основа на минатото, всушност, бара ревизија на нашата сегашност.

Лекцијата научена од спорот со Грција е дека сојузите се формираат да ги бранат интересите на членките, а не на аспирантите за членство. Оттаму, независно од индивидуалната поддршка од земјите членки на ЕУ, консензуалното решавање прави една држава да одлучи дури и наспроти волјата на мнозинството. Затоа треба отворено и сериозно да се разговара со Бугарија која, како и Грција, има право на вето во ЕУ. Инаку,  како и во примерот со Грција, либералната јавност на Бугарија нема проблем со признавањето на нашата нација и нашиот македонски јазик. Но, како во сите демократии, и во Бугарија државната политика е производ на збирот на ставовите на сите политички опции, вклучувајќи ја и националистичката. Преспанскиот договор е тој што нѐ легитимира пред светот и можеме да очекуваме поддршка дека тој не може да трпи интервенции во текстот по барање од трета страна. Особено одредбите што се однесуваат на македонската нација и на македонскиот јазик. Зашто, ако од нас се бара компромис со кој ќе се откажеме од нашето постоење, тоа конечно ќе нѐ обедини, но не во барање решение, туку во отпор кон притисокот однадвор. Имено, премногу е од нас да се бара ревизија на нашата сегашност поради минатото, на кое ниту сме влијаеле ниту можеме да го промениме. И многу опасно за мирот и стабилноста на Балканот.

 

Инбокс7

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот