Штипската клиничка болница со буџет од 500 милиони денари

Клиничка болница-Штип годинава ќе располага со буџет од околу 500 милиони денари. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека побарале повеќе средства, но по преговорите со Фондот за здравствено осигурување се нашле на средината. Во новиот буџет предвидени се и нови вработувања, набавка на нови апарати, но и воведување на нови методи.

– Се надевам дека оваа година ќе биде подобра од 2020 година, да се посветиме на она што ни е основна работа, да се вратиме на сите процедури и работи, кои за жал еден период минатата година мораа да бидат суспендирани, поради пандемијата со короната, вели Ѓеорѓијев.

Забележува дека буџетот на болницата е зголемен, но не доволно, колку што очекувале, како раководство на болницата. Но, како што вели, мора да се ценат и капацитетите и можноста на државата и да се прилагодат на дадените рамки.

– Имаме планирани околу 50 вработувања оваа година, ќе се трудиме да ги спроведеме сите, сите се и поминати со систематизацијата и во Планот за вработување, кој е одобрен, еве наскоро ќе бараме и одобрување од Министерството за финансии за да можеме да ги почнеме тие постапки се со цел да ги пополниме оние места, кои ни се дефицитарни, вели Ѓеорѓијев.

Планирани се нови вработувања во администрацијата, помошно техничкиот перосонал и здравствени работници. Очекува до крајот на месецов да се отвори и модуларната болница за пациентите, кои се лекуваат од Ковид 19.

– Се надевам дека во рамки на очекуваното ќе заврши, бидејќи некои работи не зависат од нас, а одредени работи треба да одат и на тендер. Но, сметам дека крајот на јануари, почетокот на февруари е рокот за којшто очекуваме да биде ставена во функција. Тоа и ќе не растерети како болница и во смисла на зголемување на капацитетот на болнички кревети, рече Ѓеорѓијев.

Штипската Клиничка болница годинава од партиципацијата која ја плаќаат пациентите за болничко лекување на одделенијата изгуби околу 200.000 евра, а оваа болница е со долг од 40 милиони денари и како што вели Ѓеорѓијев, спаѓаат во болниците со мал долг. Оваа година ќе се реализира и реконструкцијата на Инфективното одделение со европски пари, а фирмата која е избрана на тендер во 2020 година градежните работи ќе може да ги реализира напролет и со ставање во функција на модуларната болница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот