ШПИОНСКИ СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ КАНАДА Стигнаа ли доверливи информации на светските сили во рацете на терористите?

EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH / POOL

Шпионски скандал започна да ја тресе Канада, откако Камерон Ортис, генералниот директор на разузнавачката единица на Кралската канадска полиција, е обвинет дека се обидел да продаде тајни податоци на странски агенти или на терористичка група, објави српски „Блиц“.

Ортис имал пристап до доверливи информации на разузнавачката сојузничка група „Пет очи“ (Five Eyes), во која освен Канада се наоѓаат и Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Канадските власти открија дека Ортис е корумпиран додека го истражуваа Винсен Рамос, шефот на телефонската компанија „Фантом секјур“ со седиште во Ванкувер, која ја користеле организацијата за трговија со дрога.

Рамос бил важна фигура во австралиското криминално подземје. ФБИ проценија дека од 20.000 уреди на „Фантом секјур“ во светот, 10.000 биле во рацете на австралиските криминалци. Во мај, Рамос е осуден на девет години затвор во судот во Сан Диего поради „управување со криминално претпријатие кое поддржувало транснационален увоз и дистрибуција на наркотици по пат на шифрирани комуникациски направи и услуги“, пренесе „Гардијан“.

По апсењето на Ортис, канадскиот премиер Џастин Трудо побрза да ги убеди сојузниците дека неговата држава ова „најголемо протекување на тајни податоци во канадската историја“ го третира многу сериозно.

– Постојано сме во комуникација со нашите сојузници во однос на прашањето за безбеноста – истакна тој.

Како што истакна официјалната претставничка на канадската полиција Бренда Лаки, Ортис имал пристап до доверливи информации поради неговата позиција во полицијата.

– Исто така, тој имал достапност и до податоци на нашите сојузници. Овој пристап бил во согласност со позицијата на која работел – додаде таа.

Обвиненијата се однесуваат на инцидентите кои се случија меѓу 2015 и 2019 година. Ортис е обвинет за откривање на доверливи оперативни информации во 2015 година, а му се закануваат обвиненија за предавање на тајни информации на терористичка група или странски ентитет, иако не е познато дали бил во контакт со држава или поединец.

Телефоните на Рамос од „Фантом секјур“, кои се промовирани како „невозможни за хакирање“, ги користеле криминални организации ширум светот. На судењето во Сан Диего е кажано дека американските, австралиските и канадските власти не можеле да пронајдат еден негов клиент, а тој да не криминалец.

Рамос ги продавал своите уреди и на Овен Хенсон, шефот на мафијата кој ја создал нарко-мрежата ОДОГ, која транспортирала огромни количини кокаин во Австралија. Хенсон во 2017 година е осуден на 21 година затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот