„Шпицен“ или „тапоаголни“ кандидати?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Што ќе значи ваквиот кадровски пристап и за идејата, сугерирана од Будимпешта, до крајот на февруари ВМРО-ДПМНЕ да излезе со „влада во сенка“? Колку што може да се разбере, таа идеја не му е многу по ќеф на сегашното раководство на партијата. Но, целиот „изборен пакет“ на кадровски и други одлуки во наредните два месеци треба да покажат дали е Мицкоски, навистина, „шпицен кандидат“ во самата опозиција, или разни „тапоаголни“ структури сѐ уште се влијателни за иднината на партијата?

Прво беше оној конфузен предлог за „шпицен кандидат“. Колку што гледам, никому не му е баш јасно што сакаше опозицијата да каже со таа идеја, иако звучи „германски“…

Потоа дојде овој очигледен гаф со предлогот за полковникот Драган Ковачки кој, иако со одлична биографија – воен специјалец и разузнавач, обучуван по угледни западни школи, човекот се чини „на место“ – сепак не ја остварува уставната јасна одредба за тоа дека само цивил може да ја извршува министерската функција за Внатрешни работи. Од тој предлог се оградија и професорките Каракамишева и Силјановска-Давкова, обете блиски соработнички на шефот на опозицијата, кои не биле консултирани за оваа кадровска номинација.

Добро. И гафови се случуваат, макар што овој е прилично непријатен. Но, наместо брзо да ја исправат грешката и да најават ново кадровско решение, ВМРО-ДПМНЕ сопствената промашена номинација ја издига на ниво на политички проблем: за слични кадровски прашања и порано се кршел Уставот (главно од нивната партија), па и сега да се прекршел! Оти, во спротивно, ако не го дозволи кршењето на Уставот, власта се плаши дека ќе ѝ бидат откриени криминалите благодарејќи на Елиот-Нес-потенцијалот на полковникот.

Ммммммм… Без врска.

Тоа „повлеквит“ сите, сега, да мораме да се распишеме коментари и политички и правни анализи за нешто што мора да е очигледна грешка. Оти, ако не е, тогаш проблемот станува многу поголем: сака ли опозицијата избор на техничка влада во договорениот рок за предвремени избори; или е ова некаков не многу вешт маневар за одлагање на изборите?

Се плашам дека влегуваме во контроверза што ќе фрли „сенка“ врз изборите, уште нераспишани. Еве, веќе е започната општата канта-тропај дебата по социјалните мрежи ни треба ли, воопшто, почитување на Уставот и кој во минатото повеќе го кршел…

Сепак, овој мал скандал – ако не прерасне, на инсистирање на самата опозиција, во многу поголем! – говори и за нешто друго за предизборните собитија во ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, лидерството на партијата изгледа е „затворено“ во круг од неколку луѓе, а лидерот нема доверба во внатрешен консултативен процес што би го вклучил експертскиот капацитет со кој, како високи советници, самиот, по свој избор, се окружи.

Од тоа, меѓу другото, може да се извлече и претпоставка дека на сличен начин ќе се составуваат и листите за кандидати за пратеници на опозицијата. За пошироката јавност непознатиот г. Ковачки е веројатно најава дека лидерството на ВМРО-ДПМНЕ на вонредните избори ќе сака да оди со малку познати, а квалитетни луѓе, што ќе значи генерално изборно блокирање на досегашната партиска „елита“, составена од оние како Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев, Илија Димовски итн. Ќе одат со „луѓе без дамки“, како што дискретно брифираат од партијата.

Што ќе значи ваквиот кадровски пристап и за идејата, сугерирана од Будимпешта, до крајот на февруари ВМРО-ДПМНЕ да излезе со „влада во сенка“? Колку што може да се разбере, таа идеја не му е многу по ќеф на сегашното раководство на партијата. Но, целиот „изборен пакет“ на кадровски и други одлуки во наредните два месеци треба да покажат дали е Мицкоски, навистина, „шпицен кандидат“ во самата опозиција, или разни „тапоаголни“ структури сѐ уште се влијателни за иднината на партијата?

Мицкоски нема да има втора шанса за да остави прв впечаток по овие прашања. Дојден е до преломната точка не за да го заврши, туку да го почне процесот за расчистување со „груевизмот“ во сопствените партиски редови. Се плашам дека со гаф-кандидатурата на г. Ковачки бира погрешен начин за, евентуално, да поентира во вистинска насока.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот