Шпанската влада ќе им дава по 462 евра месечно на најсиромашните граѓани

Фото: Quique Garcia / EPA

Програмата би требало да опфати околу 2,3 милиони граѓани, додаде тој. Владата за исплата на овој надомест ќе издвојува 3 милијарди евра годишно.

Шпанската влада усвои уредба за воведување на основен месечен доход од 462 евра за најсиромашните граѓани дополнително загрозени од пандемијата на коронавирус.

Право на доход ќе имаат граѓани од 23 до 65 години, чија вредност на имот не надминува 16.614 евра кога се вклучуваат недвижности и кредити по снижени камати.

Минималниот приход ќе се зголемува со бројот на членовите во семејството, на максимално 1.015 евра, а програмата ќе ги опфати и поттикнувањето за пронаоѓање на редовна работа, рече потпретседателот на владата Пабло Иглесиас.

Според уредбата усвоена на седницата, владата ќе исплаќа месечен основен надоместок и ќе ги доплатува до наведениот износ постоечките приходи на граѓаните кои заработуваат помалку за секој месец да добиваат барем толку, објасни Иглесиас.

Програмата би требало да опфати околу 2,3 милиони граѓани, додаде тој. Владата за исплата на овој надомест ќе издвојува 3 милијарди евра годишно.

Со новата мерка просечната потрошувачка на борбата против сиромаштијата ќе се изедначи со просечните 0,4 отсто од БДП, на соодветните земји на ОЕЦД, објави владата.

Шпанија моментално за борба против сиромаштијата издвојува нешто повеќе од 0,1 отсто од БДП и со тоа се наоѓа на дното на европското скалило.

„Ќе ја постигнеме целта која си ја зададовме ако на овие домаќинства им помогнеме да заземат подобро место во општеството“, рече на конференцијата министерот за социјална политика Хозе Луис Ескрива.

Проектот на основен доход го осмислија премиерот Педро Санчес и потпретседателот на владата Пабло Иглесиас пред неколку месеци, а пандемијата само ја забрза неговата реализација.

Шпанија со повеќе од 27.000 смртни случаи спаѓа меѓу земјите кои епидемијата на коронавирусот тешко ги погоди. Владата воведе строги мерки за сузбивање на заразата од средината на март па невработеноста силно порасна, а на економијата и се заканува длабока рецесија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот