Графити против туристи испишани на видиковец во Барселона - Фотографија ЕПА, Кике Гарсија

Шпанија не смее да се подели на класа богати изнајмувачи и на класа сиромашни потстанари

Во текот на 2023 година лица што не се од Европската Унија купиле околу 27.000 имоти во Шпанија. Премиерот Санчез тврди дека тие имоти се купени само за да се заработи од изнајмување

Со цел да воведе ред на пазарот на недвижнини, шпанските власти предложија воведување данок од 100 отсто за имоти купени од лица што не се државјани на членките на Европската Унија.

Премиерот Педро Санчез изјави дека ваквата сурова мерка е неопходна за да се надмине кризата со достапност на станови и куќи.

– Западот се соочува со голем предизвик, како да не стане општество поделено на две класи, на богати сопственици на имоти и сиромашни потстанари – изјави Санчез.

Во текот на 2023 година лица што не се од Европската Унија купиле околу 27.000 имоти во Шпанија. Санчез тврди дека тие имоти се купени само за да се заработи од изнајмување.

– Тие не го прават тоа за да имаат каде да живеат, не го прават тоа за да имаат нивните семејства каде да живеат, туку за да шпекулираат, да заработат од нив, а тоа ние, во контекст на кризата со недоволно станбени единици со која се соочуваме, очигледно е дека не можеме да го дозволиме. Целта е да се обезбеди домовите да им бидат достапни првично на жителите – изјави Санчез, објавувајќи го предлогот.

Премиерот забележа дека владата сѐ уште работи на детали од законот, кој потоа треба да биде предложен на одобрување пред Парламентот. Владата на Санчез и досега тешко обезбедуваше поддршка за низа закони, но премиерот тврди дека новата мерка ќе биде изготвена по внимателно анализирање.

Поради туристите, младите Шпанци не можат да си дозволат свој дом – Фотографија ЕПА, Хуан Хереро

Данокот од сто отсто е само една од низата мерки најавени од Санчез за обезбедување полесен пристап до домови, претежно за младите жители. Пакетот опфаќа и намалување на даноците за сопственици на домови што ги изнајмуваат по прифатливи цени, заострени регулации и повисоки даноци за станови што им се изнајмуваат на туристи.

– Не е фер некој со три, четири или пет стана за краткорочно изнајмување да плаќа данок помалку од хотелите – изјави премиерот.

Масовното купување станови и куќи заради изнајмување ги направи и „слободните“ домови недостапни за оние на кои им се неопходни. Цените на недвижнините во Шпанија и во Европа пошироко во изминатите десетина години се зголемиле за 48 отсто, многу повеќе отколку што се зголемиле просечните примања на домаќинствата.

Домовите издвоени за социјалните случаи во Шпанија се едвај 2,5 отсто од вкупниот број станбени единици, што е значително помалку во споредба со Франција или Холандија, објави Санчез. За да се надмине и оваа криза, Санчез најави префрлање на повеќе од 3.000 станбени единици на ново владино тело.

– Се соочуваме со сериозен проблем, со огромни социјални и економски импликации, за кој е неопходен решителен одговор од општеството во целина, а со јавните институции на челото – изјави Санчез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот