Шпанија има внатрешен непријател: Свирежи од трибините, лош терен….
Шпанските фудбалери во првото коло на Евро 2020 имаа 80 проценти посед на топка, рекордни во историјата на ЕП 953 додавања, но и тоа не им помогна да постигнат гол против Шведска.
Ремито со „викинзите“ во Севиља ги стави во дилеми шпанските навивачи во врска со квалитетот и амбициите на „црвената фурија“. Исто така атмосферата на стадионот во Севиља беше чудна бидејќи навивачите често им свиреа на своите фудбалери, посебно на Алваро Мората.
– Не разбирам зашто му свиреа на Мората. Тој е одличен фудбалер и навивачите треба да не поддржат, тие треба да бидат со нас, да ни веруваат. Ќе им покажаме дека можеме да победуваме – порача репрезентативецот Дани Олмо.
Ситуацијата на стадионот во Севиља најдобро ја отсликува весникот „Марка“. „Шпанија има внатрешен непријател“ е насловот во „Марка“ која истакнува дека свирежите на стадионот „Ла Картуха“ никако не им одговараат на фудбалерите.
Но, освен свирежите, селекторот Луис Енрике и фудбалерите се пожалија и на лошиот терен на стадионот.
– Се надевам дека теренот ќе биде во подобра состојба пред саботниот натпревар против Полска за да можеме полесно да го одиграме тој меч – изјави Педри.