Шоуто може да продолжи во својот полн сјај

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Нешто мора да е сериозно скапано во државите во кои граѓаните како давеници за сламка се фаќаат за своите естрадни личности, бирајќи ги на државни/локални високи позиции, очекувајќи тие да ги решат нивните наталожени проблеми. Премногу е, дури и за оваа и ваква држава, политиката да биде водена како стенд-ап комедија, колку и карикатурална таа да е.

Во голем број посттоталитарни општества, источно и југоисточно од Берлин, по 1989 година на политичката површина испливаа бројни „нетипични“ политичари, односно луѓе реализирани во музичко-шоузбиснисот, културно-уметничката, па и спортската сцена кои се кандидирале за високи државни позиции и ја добиле довербата на граѓаните.

Последен таков специфичен пример е познатиот бугарски шоумен и музичар Слави Трифонов, чија партија на последните избори кај нашиот источен сосед е главен политички фактор без кој не може да се создаде коалициска извршна влада. Претходно, примерот со украинскиот комичар Володомир Зелински кој со плебисцитарна поддршка од украинските граѓани стана претседател на најголемата европска држава, Виталиј Кличко кој стана градски татко на Киев, па дури и во една Словенија, која како земја според сите параметри денес припаѓа на западноуредените земји со висок животен стандард, премиер беше Марјан Шарац, комичар. Во Италија, земја-основач на ЕУ и НАТО, таков пионер во политиката беше Пепе Грило, основач на движењето „Пет ѕвезди“, денес моќна политичка партија во оваа земја, дел од власта.

Разочараноста е главната одлика

Која е причината познати ликови од јавниот живот што немаат допирна точка со политиката да влезат во политичките води да се натпреваруваат за освојување на функции и честопати да бидат бирани од граѓаните, а со тоа да ја преземат одговорноста со управувањето на нивните земји? Во најмала рака. тоа е огромното разочарување на граѓаните на односните земји, кои веќе се уморени од т.н. традиционални мејнстрим политички партии/елити, кои децении наназад само се менувале на власт, се обвинувале меѓусебно кој повеќе ја упропастил државата, покрал и уништил, а на крајот од денот, резултатите од таквото „владеење и на едните и на другите“ е поразително: Украина денеска е најсиромашната држава во Европа, победна и од една Молдавија, Бугарија е најсиромашната членка на ЕУ, која и по речиси петнаесетгодишно полноправно членство во Унијата никако да излезе од балканското блато и да стане развиена европска земја, па оттука, нормално и логично е гневните излажани граѓани да бараат спас во некои свои популарни личности од овие бранши, канализирајќи го така гневот кон политичките (корумпирани и лажливи) елити.

Како никогаш досега, на овие локални избори во Македонија на кандидатските листи за градоначалници и советници ќе видиме познати музичари, спортисти, артисти, кои се вклучуваат во локалната трка, барајќи ја довербата на граѓаните. Докторите одамна во оваа земја ни станаа „политичари“, најчесто општински/градски татковци. Примерите со градоначалничката кандидатура на Петар Георгиевски-Камиказа, Арбен Бени Шакири за главниот град, Тони Михајловски за Куманово, Марин Докузовски, Адријана Будимир и многумина други за советници на листите во урбаните скопски општини, е доказ дека во Македонија преовладува нов тренд на политичката сцена.

Што е мотивот на партиите да кооптираат познати лица од спортскиот и музичкиот свет по триесетгодишно повеќепартиско практицирање на демократијата кај нас? Веројатно, партиите сметаат дека овие ликови ќе донесат бонус плус на предвидените традиционални гласови што ги добиваат без проблем низ изминатите изборни циклуси, односно дека овие личности ќе бидат тригерот за привлекување на неопределеното гласачко тело.

Се поставува прашањето – кој е мотивот, пак, на кандидатите за градоначалници и советници? Пари? Популарност? Потреба за подобрување на лошите услови во кои живееме како одраз на владеењето на традиционалните политичари во овие три децении независност? Навистина, не ми е јасно. Еден таков пример, со катапултирачко инсталирање во сериозната политика имавме во минатото преку примерот  на бизнисменот и спортскиот работник Трифун Костовски, кој веќе во далечната 2005 година стана прв човек на главниот град Скопје. Можеби и покрај неговите добри намери за подобрување на состојбите во главниот град, чесно, со рака на срце, можеме да констатираме дека поранешниот градоначалник на Скопје воопшто не се снајде добро и успешно на градоначалничката функција, „преспивајќи“ го својот мандат. Спротивно, важел за успешен бизнисмен, особено успешен спортски работник (Кометал ЃП стана европски шампион во женски ракомет и своевиден европски ракометен бренд под негова капа). Ретко кој успешен специјалист-доктор може да се пофали со успешен градоначалнички мандат.

Полошо од ова и не може да биде

Нешто мора да е сериозно скапано во државите во кои граѓаните како давеници за сламка се фаќаат за своите естрадни личности, бирајќи ги на државни/локални високи позиции, очекувајќи тие да ги решат нивните наталожени проблеми. Премногу е, дури и за оваа и ваква држава, политиката да биде водена како стенд-ап комедија, колку и карикатурална таа да е.  Погледнете ја само политичката сцена во најмоќната европска држава, кога на овие парламентарни избори се бира наследник на најголемиот германски канцелар по обединувањето на двете Германии, Ангела Меркел. Седум потенцијални нејзини наследници од најважните политички партии таму со огромна доза на сериозност дебатираат и ги вкрстуваат своите аргументи, расправајќи како треба да изгледа Германија во иднина и кои политики треба да се спроведат на секое поле.

Да не се разбереме погрешно. Немам ништо против Бени, Камиказа, Марин, Будимир и ред други, напротив, сметам дека се и (пре)успешни во своите професии за македонските (под)стандарди, но сепак прашање е колку политички неопитни ќе можат да одговорат на функционерските предизвици. Како и да е, и тие како и сите преостанати граѓани имаат право да бидат бирани од гласачите со право на глас, а наше е да го избереме најдоброто согласно нашите преференции. На крајот на краиштата, зошто и тие изреализирани луѓе во своите професии да не добијат шанса да бидат раководни лица на сериозни политички позиции, кога еден покоен Амди Бајрам беше политичка ѕвезда во Македонија.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот