Шолц повтори дека Украина не треба да се надева на германски авиони: „Таа дебата е несериозна“

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го повтори ставот на официјален Берлин дека Украина нема да биде снабдена со борбените авиони што ги бара и предупреди дека не смее да дојде до борба и трка за вооружување.
Во интервју за германскиот весник „Тагешпигел“, Шолц изјави дека во наредниот период ќе се фокусира на испорака на тенкови „Леопард“ во Украина, пренесе „Би-би-си“.
„Факт е дека штотуку донесовме одлука за испраќање тенкови, поради што ми изгледа несериозно што во Германија веќе се започнува нова дебата за испраќање оружје во Украина“, рече Шолц.
Во средата, Германија се обврза да и’ испорача 14 тенкови Леопард на Украина, по неколкунеделен притисок од сојузниците, а во исто време, САД, исто така, одлучија да ѝ дадат на Украина тенковите М1 Абрамс.
Два дена подоцна, украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Мелник го повика Западот да им обезбеди борбени авиони – американски Ф-16 и Ф-35, Еурофајтер, Торнадо, француски Рафал и шведски Грипен, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски додаде ракети со долг дострел на тој список.
Од Вашингтон беше најавено дека во четврток ќе разговараат за идејата за испорака на авиони многу внимателно со Киев, додека барањето за испорака на ракети не е коментирано, но се знае дека Америка го одбива.
Шолц денеска повтори дека НАТО не е во војна со Русија и порача дека сојузниците „нема да дозволат да дојде до таква ескалација“.
Тој потврди дека редовно разговара со рускиот претседател Владимир Путин и прецизираше дека последен пат се слушнале во декември.
Неопходно е да се разговара, рече Шолц и додаде дека секогаш испраќал јасна порака дека нападот врз Украина е неприфатлив и oти оваа ситуација може да се реши само со повлекување на руската армија.
Украина ќе бара борбени авиони, откако Западот одобри да и се испратат тенкови