Шолц анти вето

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Проширувањето на ЕУ кон Балканот продолжува да брза – бавно. Дури и визионерските изјави на Шолц за можно укинување на ветотот тешко дека ќе можат да го сменат тоа во краткорочна перспектива.

„Ова е Европа“. Под оваа парола германскиот канцелар Олаф Шолц неодамна зборуваше во Европскиот парламент, нагласувајќи ја потребата да се забрза проширувањето на ЕУ, но и да се реформира Унијата. И да се укине ветото. Шолц притоа беше дочекан со сериозна критика, како поради политиката што во евроинтеграциите ја водела Германија, така и поради неговите визии за ЕУ.

Процесот на ЕУ-проширувањето мора да се забрза, смета Шолц, укажувајќи посебно на ветувањата што им се дадени на земјите во Западен Балкан, на „кои уште пред 20 години им дадовме надеж за членство“. Како што и порано нагласувал, Шолц проширената ЕУ ја гледа како реформирана Унија во која повеќе одлуки во Европскиот совет, што се однесуваат на надворешната политика, би можеле да се носат со квалификувано мнозинство, така што одделни членки не би можеле да ги блокираат предлозите. Како што тоа, на пример, две децении непопустливо го правеше Грција, а сега максимално тврдокорно го прави Бугарија, користејќи го ветото за грубо блокирање на евроинтеграциите и исклучиво за наметнување на сопствените интереси, преку континуирано заострување на притисоците и уцените во градењето на „добрососедските“ односи со Македонија.

Но анти-вето политиката, која не ја заговара само Шолц, постојано наидува на отпори, особено меѓу оние што не се двоумат да постават црвени линии меѓу европските федералистички стремежи и изворниот суверенитет на националните дрржави, ЕУ-членки. А во тој меѓупростор нема поефикасно средство од посегнување по ветото, како „црвен картон“ што во пресуден момент високо се крева за блокирање на европските развојни политики. Полскиот европратеник Ришард Легутко, претседател на национал-конзервативната ЕЦР-група во Европскиот праламент, дури ја нарече Европската комисија „олигархиска група“ што би добила уште поголема моќ, доколку би поминал предлогот на Шолц.

Европската унија застана во својот раст пред една деценија. Портите на ЕУ тешко се подотвораат, така што прашањето што постепено созреваше е дали полноправното членство е реалистична или дури и посакувана иднина за земјите аспирантки. На минатогодишниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана албанскиот премиер Еди Рама гордо изјави дека „работите се на пат да се сменат“ во односите меѓу ЕУ и западнобалканските земји.

Но, откако прашината ќе се спушти и еуфоријата ќе стивне, слично како и на претходниот годишен самит, посветен на Западен Балкан, во Брдо кај Крањ, и на оние одржани во претходните години, моќните европски лидери се враќаат дома и се продолжува да се одвива според вообичаениот терк. Западен Балкан останува да функционира како запоставено европско предворје, најголема празнина на ЕУ-картата и воочлива дупка во стомакот на Унијата. Долго дискутираната и најавувана експанзија на ЕУ кон југоситок останува како амбиција запишана на хартија.

Откако во 2014 година тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер соопшти дека ЕУ нема да се проширува во наредните пет години, заживеа т.н. Берлински процес, лансиран на германска иницијатива, како форум за соработка за јакнење на врските меѓу Унијата и земјите во Западен Балкан. Но многумина го видоа тоа како супститут за членството, за да се стивне совеста кај ЕУ-лидерите кои со години наназад зборуваа за натамошното проширување, бидејќи „ЕУ не може да биде целосна без балканските земји“ (Меркел).

Напредокот и успесите постигнати во рамките на Берлинскиот процес многумина ги оценуваат како мошне ограничени. ЕУ-членството не е експлицитен дел од Берлинскиот процес, но од 2018 година постои посебен ЕУ-план за можно проширување што ги вклучува шесте западнобалкански земји. Во рамките на тој план се предвидува дури и полноправно членство најдоцна до 2025 година, а што, сосема разбирливо, звучи крајно неверојатно.

Сепак, не се само Шолц и Макрон, како лидери на најмоќните ЕУ-членки, чии зборови најмногу натежнуваат во балансирањето меѓу различните и често остро спротивставени интереси. Најочигледната причина поради која евентуралното ЕУ-проширување и понатаму се пролонгира и развлекува е фактот дека 27-те сегашни членки на Унијата не успеваат да постигнат согласност колку е всушност добар и оддржлив планот за експанзија кон Балканот. Не можат дури ни да се согласт за кои земји би можело да се очекува дека во догледно време би успеале да се квалификуваат за полноправно членство.

Токму затоа, без оглед на тоа што и последниот самит ЕУ-Западен Балкан беше опишан како „голем и конкретен успех“, и тоа не само од страна на Рама, резултатот практично застана на спогодбата околу ветувањата за намалување на роаминг таксите за мобилна телефонија и приспособување на високото образование на ЕУ-стандардите, како и на лансирањето на големи инвестиции во инфраструктурата на Балканот. Разговори за конкретни чекори во насока на прием во полноправно членство изостанаа, барем во онаа форма во која сите 27 земји-членки јасно и недвосмислено би ја потврдиле својата согласност дека ЕУ-проширувањето е неопходен чекор што повеќе не треба да се одложува. Таква согласност во Европскиот совет тешко се постигнува. Забелешките за реформските процеси во земјите аспирантки за членство и понатаму се големи и сериозни. Го слушнавме деновиве што имаше да каже холандскиот амбасадор во Скопје.

Но едновремено, проблемот со кој се соочува ЕУ е дека критериумите и аргументите за натамошно проширување се повеќе звучат шупливо. Обично се вели дека ЕУ ги наградува позитивните реформи и дострели во јакнењето на демократијата и владеењето на правото, иако е тешко да се согледа дека тоа и навистина се случува. Унгарија и Полска се членки од 2004 година, како и Романија и Бугарија од 2007 година, но прашање е дали навистина го забрзале своето чекорење на патот на демократскиот развој. Или, пак, од година во година продолжуваат да тонат на меѓународните ранг-листи за отворени, слободни и демократски општества. Тоа, се разбира, ја отапува острицата пред високите барања што Брисел ги поставува пред новите кандидатки за членство, и нивната волја да направат и нешто повеќе од она што се очекува од нив.

Проширувањето на ЕУ кон Балканот продолжува да брза – бавно. Дури и визионерските изјави на Шолц за можно укинување на ветотот тешко дека ќе можат да го сменат тоа во краткорочна перспектива. Останува прашањето што не може да се заобиколи: дали предностите што би дошле до израз со внесување на земјите од Западен Балкан во ЕУ се доволно големи за да ги засенат предизвиците од таквиот чекор, од кои стравуваат голем број од сегашните земји-членки? Одговорот, барем за непоправливите оптимисти, можеби ќе го понуди наредниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот