Шоа

Марин Гавриловски

Стручњаците за Библијата и лингвистите во сета таа литература не можеле да најдат збор што најсоодветно би ги опишал страдањата на Евреите од 1933 до 1945 година. Конечно, во некои апокалиптични визии на старозаветните автори пронајден е зборот ШОА, кој опишувал нешто страотно, што не може ни да се замисли, ужас што дотогаш не се случил, но кој можеби некогаш ќе се случи.

На дваесет и седми јануари се одбележува Светскиот ден на холокаустот, во знак на сеќавање на 27 јануари 1945 година, кога единиците на Црвената армија го ослободиле најголемиот нацистички логор Аушвиц-Биркенау. Во време кога се повампируваат сеништата од минатото, односно кога војната повторно дивее на европскиот континент, корисно е да се потсетиме на овој, еден од најтешките периоди на современата светска историја.

По 1945 година, еврејските лингвисти, долго во еврејскиот/хебрејскиот јазик барале збор што најдобро би го отсликал ужасот што им се случил на Евреите за време на Втората светска војна. Во современиот хебрејски јазик таков збор не постоел. Таков збор немало ниту во многубројните библиски легенди, иако знаеме дека во нив изобилуваат историски настани поврзани со војни, насилство, малтретирање на робовите и разни сцени на пустошење, суровост и други страотни случувања. Стручњаците за Библијата и лингвистите во сета таа литература не можеле да најдат збор што најсоодветно би ги опишал страдањата на Евреите во периодот од 1933 до 1945 година. Конечно, во некои апокалиптични визии на старозаветните автори пронајден е зборот ШОА, кој опишувал нешто страотно, што не може ни да се замисли, ужас што дотогаш не се случил, но кој можеби некогаш ќе се случи.

Талмудистите и другите еврејски интерпретатори на Библијата од средниот век (период во кој исто така Евреите многу страдале), сметале дека зборот шоа не е обичен збор за кој може да се најде соодветна дефиниција, бидејќи тој подразбира ужаси и злосторства дотогаш недоживеани и невидени, а со тоа и необјаснети. Од тие причини овој збор (кој во Библијата се споменува само петпати) редовно бил дополнуван со други зборови како: пропаст, уништување, несреќа, зло, мачнина, страв и ужас. Секој од овие зборови се подразбира во зборот шоа, но никој поединечно не ја опфаќа целината на тој поим.

Тоа што за Евреите е шоа, за нас, другите, е познато како холокауст, термин што го опишува систематското и планско убивање на околу шест милиони Евреи за време на Втората светска војна од страна на нацистичкиот режим предводен од Адолф Хитлер.

Злогласниот фирер во својата книга „Мојата борба“, а и во многубројните говори со кои просто ја маѓепсуваше масата, ги обвинуваше Евреите за поразот на Германија во Првата светска војна и за економските тешкотии кои земјата ги има пред тој да дојде на власт, со што го посеал семето на злото што ќе резултира со т.н. „Кристална ноќ“ , што историјата ја смета за официјален почеток на холокаустот, а е предизвикана од атентатот што еден Евреин го извршил врз германскиот амбасадор во Париз во ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 1938 година. Само таа вечер, беа уапсени околу 30.000 Евреи низ Германија, биле демолирани 1.668 синагоги, од кои, 267 беа запалени.

Со почетокот на Втората светска војна, нападот врз Полска, а подоцна и на Советскиот Сојуз од страна на силите на оската Рим, Берлин и Токио, како и окупацијата на речиси цела Европа се „наметнуваше потребата од ефикасно, брзо и дефинитивно решавање на еврејското прашање“. Она што подоцна ќе биде наречено „конечно решение“ на еврејското прашање, ќе резултира со востановувањето на концентрационите логори во кои својата смрт ќе ја најдат речиси шест милиони еврејски мажи, жени и деца, но и делови од ромскиот и словенските народи, како и припадници на други заедници од различен вид, како што се Јеховините сведоци, хомосексуалците, масоните и други, кои нацистичките идеолози ги сметале за инфериорни во споредба со супериорната ариевска раса, односно закана за Третиот рајх.

Злата судбина на еврејскиот народ не ги одмина ниту претставниците на оваа заедница што со столетија мирно живееја на територијата на Македонија. Беа депортирани 7.144 Евреи од Македонија, а поголемиот дел од нив и ги изгубија своите животи во злогласните концентрациони логори на Третиот рајх.

За време на Втората светска војна, поголемиот дел од Македонија (познато е) е окупиран од Царството Бугарија, како земја потписничка на Тројниот пакт. Бугарскиот народ, интелигенцијата и особено Бугарската православна црква негуваа позитивен однос кон Евреите што живеат во Бугарија; бугарската еврејската заедница е една од ретките во светот што не била систематски депортирана и „решена“ во концентрационите логори на смртта. Под притисок на јавноста, а особено од Бугарската православна црква и дел од политичките лидери предводени од ќустендилчанецот Димитар Пешев (во тоа време потпретседател на бугарскиот парламент), премиерот Богран Филов и царот Борис Трети (инаку докажани германофили) во тоа време ја менуваат одлуката за депортација на Евреите од територијата на царството Бугарија, со што се спасени животите на околу 50.000 бугарски Евреи.

За жал, нивната судбина не ја делат и Евреите од окупираните територии на Јужна Србија, Македонија и Тракија (регион во Грција). Бугарската фашистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дала согласност за потпишување Договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за еврејските прашања, во името на бугарската Влада, и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија – потпишуваат Договор за иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии. Според овој договор, на 11 март 1943 година бугарската фашистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип и во други градови низ Македонија, ги апсат и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен центар, во Монополот (тутунскиот комбинат) во Скопје. Оттаму, 98 отсто од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија, во три одделни транспорти, на 22, 25 и на 29 март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за еврејски прашања и со логистика на бугарската железница, се депортирани и предадени на нацистите во концентрациониот логор Треблинка. Од сите депортирани само неколкумина, благодарејќи на неверојатната среќа, ја избегнале својата сигурна смрт во логорските комплекси.

Во годината кога ќе ја одбележиме осумдесетгодишнината од депортацијата на македонските Евреи од страна на Царството Бугарија за време на Втората светска војна, сведоци сме на повампирувањето на духовите на минатото. Во Европа се води војна помеѓу Русија и Украина во која секојдневно гледаме убиени цивили – старци, немоќни лица – уништена инфраструктура и засекогаш уништени цивилни цели од страна на руската војска, која не можејќи да го поднесе поразот на бојното поле му се одмаздува на цивилното население. Сведоци сме на интензивната ревизија на историјата.

Во Македонија, пак, оние што за време на Втората светска војна беа окупатори и по чија вина беше истребена целокупната еврејска заедница во нашата земја, како и голем број цивилно македонско население, сега, прикривајќи се како жртва, се обидуваат да ги превртат работите наопаку и наместо да се извинат за злосторствата сторени во Македонија за време на Втората светска војна, новопечените претставници на бугарскиот народ во Македонија себеси се претставуваат како дискриминирани и обесправени. Да не е темата сериозна, би била дел од некоја нова епизода на Монти Пајтон.

Ова ненормално извртување на фактите и претворањето на џелатот во жртва, само е доказ дека човештвото ги нема извлечено поуките од минатото и дека сè уште злото е тоа што надвладува над доброто, невистината над вистината итн. Тоа ќе биде така сè додека човештвото не стане свесно дека со војни, истребувања и уништувања, со нови уште пострашни и посвирепи „шои“ светот оди кон самоуништување и пропаст и дека единствениот начин на кој ќе може да се спасиме е да го примениме лозунгот изречен од македонскиот револуционерен гениј – Гоце Делчев и да го сметаме светот како поле за културен, а никако за воен натпревар помеѓу народите. Само така во светот ќе има прогрес, а меѓу народите разбирање и добрососедски односи. На крајот само би додал: Смрт на фашизмот, слобода на народот!

Авторот е адвокат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот