Шмекерски потег на Зверев, бара од Австралија да направи исклучок за Ѓоковиќ

Зверев и Ѓоковиќ играа во полуфиналето на завршниот АТП мастерс/ фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Победникот на завршниот АТП мастерс во Торино, Александер Зверев застана на страната на Новак Ѓоковиќ и побара од политичките власти во Австралија да направат исклучок за српскиот тенисер.

Премиерот на сојузната држава Викторија објави дека на Австралија Опен ќе учествуваат само вакцинирани тенисери и тенисерки и немаат намера да прават исклучоци за никого.

Но, Александер Зверев побара од австралиските власти сепак да направат исклучок кога станува за збор за Новак Ѓоковиќ.

– Тешко е бидејќи ова е политичко прашање, но посетата на државата нема врска со тенисот. Доколку државата ни дозволи влез, тогаш мораме да ги следиме правилата. Се надевам дека Новак ќе игра. На крајот на краиштата, јас сум третиот тенисер на светот и доколку Новак не игра мене ќе ми биде полесно да го освојам турнирот. Меѓутоа, Новак е број еден и тој треба да биде во Мелбурн. Се надевам дека австралиската влада ќе направи исклучок или нешто друго за да може и Новак да настапи во Мелбурн – изјави Зверев.

Новак Ѓоковиќ останува таинствен кога станува збор за вакцинацијата и не открива дали е вакциниран или не, како и дали ќе настапи на Австралија Опен каде ја брани титулата освоена оваа година откако во финалето го победи Данил Медведев.

Видео на денот