Шкријељ: Им го олеснуваме животот на лицата кои не можат сами да се грижат за себе

Услугата „помош и нега во домот”, потсетува дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, е воведена со новиот Закон за социјална заштита

Повозрасните лица и лицата кои не можат сами да се грижат за себе е подобро секојдневно да добиваат неколку часа помош и нега во нивниот дом, каде се чувствуваат најпријатно и да продолжат да живеат во својата заедница, отколку да бидат згрижени во институција. Во домашни услови полесно се поднесува староста и состојбите предизвикани со болестите доколку за основните потреби добиваат помош и нега од обучени негователи, вели дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Услугата „помош и нега во домот”, потсетува,  е воведена со новиот Закон за социјална заштита, со која се обезбедува поддршка на лица со намален функционален капацитет како и лицата со најтешка и комбинирана попреченост, потполно слепи лица и хронично болни стари лица,  во домашни услови. Граѓаните ќе можат  да користат помош во домот до 80 часа месечно.

-Концептот е да се прошири можноста за давање социјални услуги и да се промени начинот на финансирање на истите. Државата ќе плаќа по 240 денари за секој час помош од лиценцирани компании и граѓански организации. Секој Центар за социјална работа ќе издава решенија за користење на услугата, а граѓаните на кои услугата им е потребен самостојно ќе одберат давател на услугата, објаснува дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика за „Ал Џезеира Балканс”.

Новиот сервис е дел од социјалната реформа на која Министерството за труд и социјална политика работеше во изминатиот две и пол годишен период. На огласот за изразување интерес за развој на социјални услуги се јавија 65 општини, од кои 56 пројавија интерес токму за услугата помош во домот. Во моментов тече подготовката на предлог проекти од општините за реализирањето на услугата, а рокот за доставување до Министерството за труд и социјална заштита за финансирање е 30 април. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот