Шкриељ: Министерката Мизрахи не го знае Законот за социјална заштита

„Загрижувачко е слабото ниво на познавање на законите на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи“, вели Шкриељ.

Заменик министерката за труд и социјална политика Санела Шкриељ смета дека техничката министерка Рашела Мизрахи со денешната прес-конференција на која тврдеше дека не се решаваат навремено барањата за право на додаток за помош и нега од друго лице и оти се пробиени сите законски рокови покажала оти не го знае Законот за социјална заштита.

-Загрижувачко е слабото ниво на познавање на законите на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи. Со денешната прес-конференција таа уште еднаш потврди дека воопшто не го прочитала новиот Закон за социјална заштита и начинот на којшто функционираат 15 комисии. Ако Мизрахи го прочита новиот Закон за социјална заштита, ќе дознае дека рокот за постапување за предметите за помош и нега од друго лице е 60 дена, а не еден месец како што тврди. Мизрахи во својата прес конференција се повикува на погрешен закон, а тоа е Законот за општа управна постапка. Како за појаснување, рокот е утврден во членот 282 од Законот за социјална заштита и тој е утврден на 60 дена, се вели во реакцијата на заменик-министерката Шкриељ.

Владата, додава таа во реакцијата, изгради децентрализирани Комисии за помош и нега од друго лице за разлика од едната централизирана Комисија која, како што вели, беше воспоставена во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и им наплаќаше 2.000 денари за поднесено барање.

-Во интерес на граѓаните сега поднесувањето на барања за помош и нега од трето лице е бесплатно, а со тоа што сега функционираат 15 комисии во повеќе градови низ државата услугата е доближена до граѓаните. Ја повикуваме министерката да не наседнува на текстовите кои и ги пласираат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ туку самата да се информира за законите и измените кои се направени, се вели во реакцијата.

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска на прес-конференција рече дека според податоците што ги добила од центрите за социјални работи во моментов има поднесени и нерешени 11.514 барања за надоместок за помош и нега од друго лице и оти биле пробиени сите законски рокови за нивно решавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот