Шкотската премиерка ветува нов референдум за независност доколку победи на изборите во мај

Фото: EPA-EFE/FRASER BREMNER/SCOTTISH DAILY MAIL / POOL

Шкотската премиерка Никола Старџон денеска изјави дека има намера да одржи законски референдум за независност од Велика Британија ако победи на претстојните парламентарни избори.

Старџон, лидерката на Шкотската национална партија (СНП), со тој потег би влегла во отворен спор со британскиот премиер Борис Џонсон кој остро се противи на нов референдум за независност на Шкотска.

„Ако СНП победи на шкотските избори за неколку месеци, со залагањето да им биде даден тој избор на луѓето (да се изјаснат за независноста), кој демократ би можел да застане на патот на тоа? Борис Џонсон се плаши од пресудата и волјата на шкотскиот народ“, рекла Старџон за Би-Би-Си.

СНП наведува дека ако добие мнозинство во парламентот на мајските избори, ќе го усвојат законот кој овозможува одржување на нов референдум по завршување на пандемијата на коронавирусот.

„Сакам законски референдум, за тоа ќе барам овластување од шкотскиот народ во мај, и ако ми го дадат тоа овластување, тоа имам намера и да го направам“, рекла Старџон.

Граѓаните на Шкотска на референдум во септември 2014 година се изјаснија против независноста. За да останат во Велика Британија тогаш гласале 55 отсто од граѓаните, а за одвојување 45 отсто.

За новиот обврзувачки референдум потребно е одобрување од британската Влада. Ако Џонсон, кој инсистира дека ќе рече „не“, остане на својот став, за тоа прашање веројатно ќе решаваат судовите.

За разлика од Лондон, Старџон наведува дека излезот на Велика Британија од ЕУ, за кој Британците се определија на референдум во јуни 2016 година, ја промени ситуацијата бидејќи ја извлекува Шкотска од Унијата против нејзината волја. 

На референдумот за Брегзит убедливо мнозинство од граѓаните на Шкотска гласаа за останување во ЕУ. Најновите анкети покажуваат дека тесно мнозинство на Шкотланѓани сега ја поддржуваат независноста.

Извор: Бета.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот