Шкотска ќе одржи нов референдум во мај

epa08920676 A general view of Glasgow looking to the University (far right) during the first day in new lockdown in Glasgow, Scotland, Britain, 05 January 2021. Scotland has gone into lockdown due to increasing number of Covid-19 cases. EPA-EFE/Robert Perry

Во 2014 година Шкотланѓаните излегоа масовно на референдумот за независноста, но 55 проценти од гласачите беа за останување во унијата во Британија. Сепак, во меѓувреме околностите се променија од корен, откако Британија ја напушти Европската Унија, а владата предводена од премиерот Борис Џонсон инсистираше на спроведување „тврд брегзит“, односно целосно оддалечување на земјата од заедницата на европските држави.

Истапувањето од ЕУ се очекува силно да ја погоди шкотската економија, но и го зголемува стравот на Шкотланѓаните од доминацијата на Англичаните, кои се најмногубројната етничка група во Кралството, па затоа и најновите испитувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството од населението во Шкотска е за истапување од Британија.

Првата министерка на шкотската влада Никола Старџeн го претстави планот од 11 точки, со кој Шкотска ќе дојде до независност. Таа објасни дека се надева на убедлива победа на наредните избори за Шкотскиот парламент, на нејзината Шкотска национална партија (СНП), со што ќе биде исполнет предусловот за одржување нов референдум. Старџeн посочи дека прво ќе побара дозвола од Џонсон, но доколку тој повторно ја одбие, тогаш таа ќе прогласи советодавен референдум, кој ќе се одржи во мај.

– Сакам да одржиме легален референдум, тоа ќе го побарам од шкотските гласачи на изборите и доколку тие ми ја дадат поддршката, тогаш јас ќе им овозможам на референдум да го изразат своето мислење. Тоа е демократија, а не што сакам јас или што сака Борис Џонсон – изјави Старџeн во интервју за Би-би-си.

Секција 30 од Шкотскиот акт

Планот на првата министерка наредниот викенд ќе биде претставен пред делегатите на СНП, кои се очекува да го прифатат со огромно мнозинство, а особено среќни се очекува да бидат членовите на партијата што досега јавно го изразуваа своето нетрпение околу добивањето право за одржување референдум.

Сигнализирајќи го новиот пристап, со кој Старџeн се надева дека ќе успее да го заобиколи постојаното одбивање на Џонсон за одобрување на вториот референдум, таа смета дека убедливата победа во мај ќе ѝ овозможи од Парламентот во Лондон да добие право на самостојно одлучување, што е овозможено со Секцијата 30 од Шкотскиот акт. Документот изгласан во 1978 година, со кој се одредени условите според кои ќе функционира Парламентот на Шкотска. Секцијата 30, предвидува можност одредени одлуки за кои е надлежен Лондон да бидат префрлени во надлежност на Единбург. Старџeн смета дека Вестминстер ќе нема никакво законско ниту морално право да го одбие барањето за одржување нов референдум.

– Анкетите покажуваат дека мнозинството на луѓето од Шкотска сакаат независност. Доколку СНП ги освои шкотските избори, а во предизборната платформа биде содржано барањето за референдум, тогаш каков е тој демократ што такво нешто не би дозволил – смета првата министерка на Шкотска. 

Шкотланѓаните ја посакуваат независноста

Весникот „Сандеј тајмс“ ги објави резултатите од најновото испитување на јавноста, во кое 52 проценти од испитаниците се за независност на Шкотска. Ова е 20-та по ред анкета направена во оваа земја што го докажува сепаратистичкото расположение на Шкотланѓаните.

– Со спроведувањето на „тврд брегзит“ среде пандемија, креирајќи хаос во риболовството, одземајќи ја моќта на Шкотскиот парламент и негирајќи ја демократија во трампистички стил, Конзервативната партија покажа дека не може да делува во интересот на Шкотска – порача Кит Браун, потпретседателот на СНП, заострувајќи ја реториката во пресрет на изборите.

Главниот конкурент на Старџeн и Браун и речиси единствената политичка сила во Шкотска, која се залага продолжувањето на унијата во Британија е Конзервативната партија. Лидерот на конзервативците Даглас Рос смета дека барањето на СНП за нов референдум е неодговорно.

– Најголемиот број Шкотланѓани ќе се прашуваат зошто се трошат време, енергија и ресурси за организирање нелегален референдум. Земјата се наоѓа пред големи предизвици на кои треба да се посвети вниманието – изјави Рос.

Интересно е и дека голем број Англичани сметаат дека Шкотска најдоцна за 10 години ќе биде самостојна земја. Во спроведената анкета на „Сандеј тајмс“, 49 проценти од Англичаните сметаат дека Шкотска ќе се осамостои, наспроти 19 проценти што ја отфрлаат можноста.

Што се однесува, пак, до политичката состојба во Шкотска, анкетите предвидуваат поддршка од 70 проценти на гласачите за СНП на претстојните избори, со што популарноста на оваа партија е на историски максимум меѓу електоратот. Конзервативната партија на Борис Џонсон на шкотските избори може да се надева на само 25 проценти од гласовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот