Школската година мина, незадоволството експлодира

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Настава на далечина, отуѓени ученици, нервозни наставници, протести на родители, бојкот на средношколци, иницијативи за референдум против образовните реформи, сето тоа ја одбележа изминатата учебна 2020/21 ковид-година.

Сè уште е рано да се каже како ќе се учи наесен, велат од Комисијата за заразни болести, зашто тоа ќе зависи и од процесот на вакцинација. Оваа учебна година за основците и средношколците, специфична по многу нешта, официјално заврши денеска, но и покрај желбите на Министерството за образование и наука (МОН) во наредната наставата да се држи со физичко присуство на учениците и наставниците, последниот збор ќе го имаат епидемиолозите.

– Да видиме прво како ќе се одвива вакцинацијата и во текот на летото, па потоа ќе одлучиме. Засега е рано да се прогнозира – вели Виктор Исјановски од Комисијата за заразни болести за „Слободен печат“.

Министерката Мила Царовска изјави оти целта е учениците што побргу да се вратат во нормални услови.

– Заедно со премиерот и со министерот за здравство сме во постојана комуникација во врска со враќањето на учениците на 1 септември во училиштата. Сите ние имаме иста желба, а тоа е во септември да ги видиме училишните дворови, полни со детски насмевки, училниците да се полни со ученици, а тоа најмногу ќе зависи од епидемиолошката состојба – рече Царовска.

Првата учебна година која под специјални услови поради пандемијата со ковид-19 започна на 1 октомври ќе биде запаметена по комбинираниот модел на настава, односно онлајн учењето кое ги измачи и наставниците и учениците, но и родителите.

Учениците до трето одделение имаа можност да посетуваат настава со физичко присуство, додека преостанатите основци и средношколците следеа настава на далечина.

– Социјалната дистанца многу влијаеше врз учениците и сметам дека ќе остави трајни последици врз нив. Годините не се враќаат назад, оваа е пропуштена и не можеме да ја вратиме. Учениците немаа комуникација помеѓу себе, изостана дружењето и по часовите – вели наставничката по етика од СГСУ „Никола Карев“ Елвира Мустафа за „Слободен печат“.

Последиците од виртуелна училница не ги сносат само учениците, туку и родителите. Техничките проблеми, како паѓање на интернет-врската, неснаоѓање со ИТ-опремата, беа чести.

– Станавме „хакери“. И ние со нив се трудевме да помогнеме, решававме тестови, пишувавме домашни… Се надевам дека оваа ќе е прва и последна ваква година – вели Трајко Велков, родител на средношколец од „Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата (основни и средни), бројот на наставни денови беше намален од 180 на 159 поради едномесечното доцнење на почетокот на наставата поради потребата од изготвување антиковид-протоколи.

Учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник ќе можат да се пријават за упис во средните училишта. Според објавениот конкурс, слободни се 30.053 места во 913 паралелки од 109 средни училишта. Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата. За намалување на бројот на матурските предмети имаше и бојкот од некои средношколци, но на крајот беше најден компромис прашањата да бидат полесни.

Од септември треба да стартуваат и промените во наставната програма, најавени за прво и во четврто одделение, со можности за дигитални учебници. Во наредните пет години се планира оваа реформа да се спроведе за целото основно образование.

Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование е во процедура во Собранието, а поради барања тој да биде повлечен, законодавниот дом прими и предлог на иницијатива од родители да се распише референдум за непосредно изјаснување на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот