Широка влада или теснец за Мицковски?

Зоран Заев и Христијан Мицкоски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Широка владина коалиција, во која би влегле сите партии, со цел да се деблокираат процесите и да се намалат политичките тензии, во пресрет на преговорите за членство на земјата во ЕУ, понуди премиерот Зоран Заев во интервју за „Слободна ТВ“ и предизвика „потрес“ на македонската политичка сцена. Неговиот предлог наиде на лавина политички реакции, пред сè на неодобрување, а во јавноста се разви дебата за добрите и лошите страни на овој предлог, како и за можноста или неможноста тој да се реализира.

Заев смета дека со една широка владина коалиција, во која би влегла и најголемата опозициска партија, ќе се надминат блокадите во Собранието и со тоа процесите кон подобро во државта, ќе се движат, како што рече, „двесте на саат“.

– Нудиме соработка од секој можен аспект. Сè што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Сакам да отворам дебата за заедничка власт и влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара! Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, тоа го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот. Дај да влеземе сите! Првпат ја отворам оваа можност, ја фрлам ракавицата. Се обидов на било кој начин, кажав со Груевски можам да најдам решение, со Мицкоски никако. Тоа не е техничка влада, сите влегуваат, ако има човек со кој што може да разговараме, во една таква околност, ние, како што реков, ако сега одиме сто на саат ќе одиме двесте на саат – рече Заев.

Премиерот Заев во понудата за широка владина коалиција гледа можност и за департизација на администрацијата.

– Кога сме двете страни внатре во владата, нема ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ да ја партизираат администрацијата. Да, ќе се вработуваат и од двете партии но, според критериумите на конкурсите. Клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне. Ова е дел од новата политика која треба да ја поминам и во СДСМ, а мислам дека имам почит во органите и телата, важно е за државта. Во Германија 15 години ЦДУ и СПД се заедно, и во Швајцарија сите се во владата, кој ќе победи, се знае, повеќе ќе биде застапен. Нема да има блокада на парламентот тука во владата се ќе решиме – рече Заев во интервјуто за „Слободна ТВ“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од инфективната болница, каде е сместен поради болеста од ковид-19, експресно ја отфрли понудата на Заев. Тој на „Фејсбук“ напиша дека за правпат се сложува со Заев, бидејќи никому ништо не му должи, освен на Македонците, Македонија, и своите сопартијци.

„Денес ги видовме со сета своја немоќ како на отворена сцена се обидуваат византиски убедени од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата) како се препелкаат нудејќи поделба на власта ама јас да не сум бил дел од истата бидејќи со мене немало договор, не сум бил добар соговорник. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник. Но, тој филм нема да го гледате и ви ветувам дека ќе се изборам со болеста, ќе излезам од инфективна, а потоа не чека многу работа. Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор! И овие од власта, ако мислат дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи. Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам“ – напиша Мицкоски на ФБ.

Високиот партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски имаше малку поинаква порака до Заев. Милошовски вели дека ВМРО-ДПМЕН е подготвена да разговара за експертска влада, но само ако ја води натпратиска личност.

„На Македонија, посебно пред изборите, многу подобро би ѝ дошло да има експертска влада, којашто ќе има капацитет да има поширока поддршка и да понуди реални проекти за излез од оваа криза“ – напиша Милошоски.

Подоцна и ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека е подготвена да разговара за експертска Влада, доколку ја предводи човек којшто би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори.

За предлогот на Заев со свој коментар се огласи и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој порача дека односите во владината коалиција се позитивни и дека во земјата треба да има опозиција.

– Мислам дека овие се некои настани кои произлегуват од дневна политика, нема нешто за истакнување, нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција. Опозицијата, како и секогаш, има цел да ги каже своите забелешки. Улогата на опозиција е секаде иста, да ја унапреди демократијата и да бидат дел од еден важен процес. Нивна задача е да дадат несогласување со парламентарното мнозинството – рече Ахмети.

Според него, работите меѓу владините партнери одат добро.

-Има комуникација, има соработка и добра соработка, а позитивните работи се во смисла на актуелните барања за што сме многу ангажирани, како што е владеењето на правото, завршување на преговорите со бугарската страна. Се надевам и верувам дека наскоро ќе се најде едно решение и со бугарската страна и да започнат преговорите за членството на нашата земја во Европската Унија – посочи Ахмети.

Против широка влада е и еден од помалите коалициски партнери на СДСМ, ЛДП. Партискиот лидер Горан Милевски на својот профил на „Фејсбук“  кратко напиша: „Ако си се сакаат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува“.

За Ивица Коневски од  Иницијативниот одбор за организирање на вонреден конгрес за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за „Слободен печат“ рече дека не сака да ја коментира понудата на Заев, бидејќи не се политичка партија.

– Ние сме дел од ВМРО-ДПМНЕ и Иницијативата постои исклучиво за да се даде отчет за успешноста на изборните процеси во последните четри години. Вонредниот конгрес ќе биде за Мицкоски да даде отчет пред луѓето кои го донесоа на чело на ВМРО-ДПМНЕ и му ја дадоа довербата во Валандово. Во однос на било какви партиски ставови не би сакале да коментираме затоа што нашата цел е исклучиво успешна организација на наредниот конгрес и сплотување на партиското членство. Во моментов му посакуваме на Мицкоски побрзо да оздрави и да закрепне, и здрав и прав да дојде на конгресот и да даде отчет пред делегатите за тоа што го сработил последните четири години –  рече Коневски.

Поранешниот висок партиски функционер Никола Тодоров во понудата на Заев гледа – моментот за помирување и, според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува.

„Сега е момент на обединување во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и помирување на македонската нација, со активно учество на ВМРО-ДПМНЕ во тоа. Ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во ова, пропаѓањето ќе продолжи, иселувањето ќе продолжи и, на крајот, ќе ја изгубиме државата целосно! Наша обврска е на историјата да ѝ погледнеме в очи и да ја преземеме нашата одговорност. Ако не го направиме тоа, тогаш ќе пропуштиме историска шанса и ќе бидеме директни учесници во пропаста на државата“ – напиша Тодоров во соопштение до медиумите.

Арсовски: Пораката е до некое „ново ВМРО“

Во најновата ситуација на македонскта политичка сцена политикологот Петар Арсовски, гледа обид на премиерот Зоран Заев да ги забрза реформите во државата.

– Ова е обид на Заев да ги забрза реформите потребни за ЕУ, кои сега се закочени и пружа  рака за помирување, но таа влада би била без Мицкоски. Тоа значи дека не може да коалицира со сегашното ВМРО-ДПМНЕ, туку со некое ново ВМРО. Мислам дека во моментот целта на понудата не е широка или експертска влада, туку да се привлече ВМРО-ДПМНЕ, да се отакаже од блокадите кои ги прави, а не дека е желба за некаква широка коалиција. Таквата коалиција секако дека ќе предизвика проблеми со албанските партии бидејќи ќе го зголеми бројот на македонски учесници во власта – изјави Арсовски за „Слободен печат“.

Новиот клинички, „бонус“ за опозицијата!?

Министерот за здравство Венко Филипче вчера ја повика опозицијата во Собранието да ги повлече своите 2.000 амандмани со кои го блокира Законот за изградба на нов Универзитетски Клинички Центар.

Како што соопшти Министерството за здравство, во повеќе наврати досега и за време на собраниските комисии и на седниците за пратенички прашања Филипче и Владата и понудија на опозицијата собраниска комисија којашто ќе ја водат опозициски пратеници и ќе го контролираат процесот на градење, изведба и секој аспект од проектот за Клинички центар.

– Министерството за здравство ќе биде отстрана и ќе и биде поддршка на опозицијата. Целата постапка за новиот Клинички центар е јавна и транспарентна, доколку опозицијата не ги прифати овие предлози ќе биде јасно дека воопшто не станува збор за нивна недоверба или желба за унапредување на проектот, туку едноставно стратегија за блокади и некоструктивност која веќе предолго трае – смета Филипче.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот