Ширење на „српскиот свет“

Битка – Дебатата за „вмешаноста на странскиот фактор“ во локалните избори прерасна во „битка на живот и смрт“, во која спротивставените страни во вториот според големина град во Црна Гора одвај избегнаа да ги извлечат кубурите наполнети со барут

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ освои убедливо најмногу гласови, процентуално повеќе отколку на парламентарните избори, со што се потврди како и понатаму поединечно најголемата политичка сила во земјата, која не може да биде отпишана и не се откажува од намерата да го оспори нестабилниот „апостолско-експертски“ кабинет на Здравко Кривокапиќ

Србија е и поводот на несогласувањата во тимот што го „ослободи“ Никшиќ. Носителот на победничката листа Андрија Мандиќ важи за политички пион на Белград и промотор на идејата за „српскиот свет“, која ја лансираше српскиот претседател Александар Вучиќ

Народното движење на Миодраг Давидовиќ – Дака, политичкиот ментор на премиерот влијателен помеѓу верниците од Српската православна црква, продолжува остро да се судира со ДФ во врска со Вучиќ, кого го натекува „психопат, лудак и сотона“

Претседателот на Србија не е задоволен со внимателноста што кон Белград ја изразува Кривокапиќ, а за чиј подем директно придонесе покојниот митрополит Амфилохие, потврден противник на политиката на Вучиќ за косовското прашање

Локални избори, регионална бура.

Таквиот опис најдобро им прилега на изборите за локална власт на Никшиќ, кои беа првиот сериозен тест на власта во Подгорица, но и можност за остро натпреварување на црногорските „суверенисти“, кои сакаат целосно остварување на својот национален и верски идентитет и просрпски настроените избирачи, предводени од Српската православна црква.

Двата блока ги ангажираа сите свои ресурси.

Доминантно просрпскиот Демократски фронт (ДФ), најголемиот чинител на новата власт во Црна Гора и победник на минатогодишните избори, на кои по три децении беше соборена од власт партијата на Мило Ѓукановиќ, првпат по 20 години ќе ја преземе контролата врз родниот град на претседателот, во коалиција со демократите на претседателот на Парламентот, Алекса Бечиќ.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ освои убедливо најмногу гласови, процентуално повеќе отколку на парламентарните избори, со што се потврди и понатаму поединечно најголемата политичка сила во земјата, која не може да биде отпишана и не се откажува од намерата да го оспори нестабилниот „апостолско-експертски“ кабинет на Здравко Кривокапиќ.

Реплика на државната управа

Локалната управа е реплика на оваа на државното ниво, но со одредени корекции во односите внатре во коалицијата на власт, која е собир на различни политички идеи и платформи. Демократскиот фронт изгуби речиси една третина од гласовите во споредба со август 2020 година, па премиерот нема да мора под притисок од внатре да ја реконструира Владата и во неа да ги вклучи просрпските лидери на ДФ, кои еднаш веќе ги остави на страна за да избегне остра поларизација.

Една од најважните теми, ако не и најважната, се однесуваше на иднината на односите со Србија. ДПС е најгласен во барањата да се запре „безочната офанзива“ на српските власти во однос на Црна Гора. Опозициската Социјалдемократска партија, која во Никшиќ не го прејде изборниот праг, исто така ја обвинува власта за „предавство“ и за „служење на Србија“.

Србија е и поводот на несогласувањата во тимот што го „ослободи“ Никшиќ. Носителот на победничката листа Андрија Мандиќ важи за политички пион на Белград и промотер на идејата за „српскиот свет“, која ја лансираше српскиот претседател Александар Вучиќ. Мандиќ не се воздржуваше да каже дека неговата Листа за иднина на Никшиќ ќе победи бидејќи „зад себе ги имаме Србија и Република Српска“.

Вазалски ентузијазам

Дел од неговите партнери не го споделуваат таквиот степен на (вазалски) ентузијазам, меѓу нив и премиерот Кривокапиќ, спикерот Бечиќ и лидерот на движењето УРА и потпретседател на Владата, Дритан Абазовиќ. Нивните избирачи не му припаѓаат на „српскиот свет“.

Народното движење на Миодраг Давидовиќ – Дака, политичкиот ментор на премиерот влијателен помеѓу верниците од Српската православна црква, продолжува остро да се судира со ДФ во врска со Вучиќ, кого го натекува „психопат, лудак и сотона“.

Дебатата за „вмешаноста на странскиот фактор“ во локалните избори прерасна во „битка на живот и смрт“ во која спротивставените страни во вториот според големина град во Црна Гора едвај избегнаа да ги извлечат кубурите наполнети со барут.

Дека ќе биде така беше јасно по низата инциденти, тепачки и исцртување навредливи пораки на џамијата во Никшиќ, а особено по протерувањето на осуммина државјани на Србија, функционери и активисти на владејачката Српска напредна партија (СНС), вклучувајќи и еден член на Извршниот одбор на партијата.

ДФ тврди дека ги повикала да „помогнат“, но со основа се сомневањата дека на избирачите се обиделе да влијаат со методи што се користат и низ Србија: сеење страв, уцени и поткупувања.

Експанзија на Србија

ДПС, која ја држеше власта во Никшиќ, присуството на функционери од СНС го нарече „провокација на независноста“ и потврда на сфаќањето дека Црна Гора е српски двор во кој Белград може да прави што ќе посака.

Ѓукановиќ ја обвини Србија дека преку Никшиќ сака да ја освои Црна Гора: „Овде станува збор за нова експанзија на Србија кон своите соседи, за нова експанзија во регионот, со очигледна намера Србија да воспостави некаков статус на колонијален управник над замислените српски простори, просторите на кои живеат Срби“.

Се тврди дека Белград манипулативно ги финансирал своите штитеници, чија задача била да ја соборат владата на Кривокапиќ и во врвовите на одлучување да ги врати милениците на Вучиќ: Мандиќ, претседателот на Нова српска демократија, и Милан Кнежевиќ, лидер на десничарската Демократска народна партија на Црна Гора.

Вучиќ ја нарече кампањата „антисрпска хистерија“, а сега по победата на неговите фаворити во Никшиќ може да земе здив. Но, нема. Претседателот на Србија не е задоволен со внимателноста што кон Белград ја изразува Кривокапиќ, а за чиј подем директно придонесе покојниот митрополит Амфилохие, потврден противник на политиката на Вучиќ за косовското прашање.

Напната кохабитација

Во таков амбиент локалните никшиќски избори очекувано примија регионална димензија. Српските телевизиски станици под контрола на Вучиќ емитуваа специјални емисии, а „Битката за Никшиќ“ доби важност каква што немаа ни неодамнешните избори на Косово. Во право беше премиерот Кривокапиќ кога изјави дека постојат два центри на моќта, во Подгорица и во Белград, и тие сега се борат за Никшиќ „за да покажат кој има поголемо влијание“.

Демократскиот фронт, наспроти силната финансиска и логистичка поддршка од Белград, од изборите излезе послаб, а најголем успех забележаа граѓанските демократи, кои имаа отворена поддршка од премиерот. Тоа би значело дека отворено просрпските сили капитализираа во Никшиќ, додека на државно ниво Кривокапиќ ја зацврсти сопствената позиција, иако не можеше да го исполни ветувањето дека „дефинитивно ќе го испрати во минатото жилавиот ДПС“. Напнатата кохабитација продолжува.

Изборите поминаа помалку или повеќе мирно, што е најава за почеток на транзиција и демантирање на борбата „на живот и смрт“. Има такви на кои политичката консолидација на Кривокапиќ нема да им се допадне, но тоа несомнено е од полза за Црна Гора.

Тензиите на релација Белград-Подгорица нема да слабеат. Победата на „четничкиот војвода“ Мандиќ дополнително ќе придонесе за конфронтација на црногорските Срби и Монтенегрини, но и за нестабилност на коалициската влада во Подгорица, која во Парламентот има само еден глас повеќе од минималното мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот