Шилегов ветува: Стационарот за улични кучиња „Лајка“, до крајот на август – Слободен печат
ВестиСкопје

Шилегов ветува: Стационарот за улични кучиња „Лајка“, до крајот на август

Со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња“, рече Шилегов

Град Скопје уште минатата година го најави отворањето на јавното претпријатие за хуман третман на уличните кучиња, Лајка“ кое под своја надлежност во целост треба да ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани.

Сепак, иако е одамна најавено, претпријатието се уште не го видело светлото на денот. Во меѓувреме, уличните кучиња и понатаму слободно шетаат низ метрополата, и претставуваат опасност за минувачите, кои доколку претрпат штета од куче скитник имаат право да побараат отштета од Градот, која во зависност од степенот на штетата изнесува од 60.000 до 180.000 денари.

Има и такви кои одлучуваат битката со кучињата скитници да ја земат во свои раце, па самостојно се справуваат со нив, каков што беше случајот со мажот кој со пушка пукаше во кучињата скитници во близина на поранешната а1 телевизија, на што пак бурно реагираа здруженијата за заштита на животни.
Единствен начин да се намалат инцидентите е што поскоро отворање на стационарот за кучиња Лајка, согласни се граѓаните кои денеска ги анкетиравме. Најголем број од нив никогаше немале проблем со кучињата скитници, и се против било каков нехуман третман.

Лидија од Скопје вели дека сака кучиња и смета дека тие никогаш не би нападнале некого без причина. Дури и ако е така, причината ја бара во некоја траума која сигурно ја доживеале претходно.

лидија анкета
Фото Драган Митрески

Со Лидија се согласуваат уште две нејзини сограѓанки кои останаа анонимни за нашата редеакција. Според нив градските власти имаат одговорност пред граѓаните, морат да најдат решение за проблемот, но не по цена да се убиваат уличните кучиња.

анкета во гтц
фото/ Драган Митрески

За разлика од нив, Кате од Кисела Вода имала непријатно искуство со кучињата скитници. Тие во населбата во која живее ги нападнеле нејзините две мали деца. За среќа, од нападот немаат никакви последици, освен претрпениот шок, ноне би сакала повторно да доживеам слична ситуација, вели оваа 28 годишна Скопјанка.

анкета плоштад
фото/ Драган Митрески

Кога можат граѓаните да го очекуваат отворањето на „Лајка“ го прашавме градоначалникот Петре Шилегов, кој најави отворање на стационарот до крајот на август.

„Во моментов се одвиваат градежни работи за санација на стационарот. Очекувам наредната недела да биде бетониран подот. Се надевам дека до крајот на агвуст ќе го отвориме стационарот Лајка. Изминатиов период започна неговата целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Истите ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма. Со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња“, рече Шилегов.

Од Град Скопје исто така додаваат дека покрај подобрување на условите во стационарот, Градот работи на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, со што ќе се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на т.н. „неодговорно сопствеништво“.

Имено, Агенцијата за храна и ветерина во голема акција, заклучно 31.03.2019 година, исчипира бесплатно 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на Регистарот на миленици, објаснуваат градските власти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close