Шилегов: Реконструкцијата на Универзална сала ќе биде завршена до крајот на наредната година

Петре Шилегов Фото: Драган Митрески / Слободен Печат.

До крајот на наредната година очекуваме внатрешноста да биде готова, а надворешноста на Универзална сала би требало целосно да биде завршена за два до три месеци, за чија реконструкција од буџетот, Владата на Република Северна Македонија одвоила 120 милиони денари, информира на денешната прес-конференција кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов.

Тој истакна дека во оваа фаза реконструкцијата на надворешноста е околу 120 милиони денари, а по завршувањето на реконструкцијата ќе почнат со фазата на реализација на внатрешноста за која проектот е веќе готов и ќе биде предмет на јавна набавка.

– Реконструкцијата е дело на архитектот Бујар Муча, а идејата беше да ја сочуваме Универзална сала во постојната форма, на постојната локација, после дебатата која што ја имавме и во која што вашето мислење недвојбено беше дека Универзална треба да остане тука и да остане ваква како што е. Со помош на Владата на република Северна Македонија обезбедивме 120 милиони денари од буџетот на државата за реализација на овој проект кој што е од огромно значење не само за скопската, туку и за македонската култура и традиција. За Универзална во минатото постоеле повеќе проекти, меѓутоа ниту еден од нив не беше таков да ја задржиме нејзината автентичност. Реконструкцијата на Универзална по проект во постојната големина и облик е оптималното и единственото разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов истакна дека Градот Скопје не се откажува и од работа на нова концертна сала и конгресен центар. Потенцира дека изградбата на оваа сала ќе придонесе на апликацијата која што ја има Град Скопје за културна престолнина на Европа во 2028 година.

– Универзална сала е омилено културна институција на многумина од нас, исполнета со многу концепти, со многу емоции, со многу љубов и со многу радост. За многу деца, за многумина од нас впрочем тоа е местото на првиот концерт или првиот културен настан, местото каде што „Златно славејче” ја роди градот убав, неформалната химна на нашиот град. За мене, тоа е главниот мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите за нашите скопјани, меѓутоа и не само за нив, туку и од целата држава, регионот, за Европа и светот. Реконструкцијата на Универзална сала е во тек и веќе во следната година ќе се исправи со нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обнова на постземјотресно Скопје. Град Скопје во развојот на културата игра сериозна улога со конкретните чекори кои ги преземавме, особено во делот за време на короната станавме светол пример во регионот и пошироко. Универзална нека биде дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата и понатаму останува инспирација за создавање на нова уметност и задоволство за следните генерации, рече Шилегов.

Извор: МИА

Видео на денот